Едерсон заминува, Сити ќе го менува голманот

Манчестер сити започна потрага по нов чувар на мрежата, откако иднината на Едерсон Мораеш стана неизвесна. Бразилецот уште минатото лето беше поврзуван со заминување во Саудиска Арабија, а интересот за него повторно е актуелен.
Иако Едерсон важи за еден од најдобрите голмани во светот кога станува збор за играта со топка во нозе, многумина сметаат дека постојат поискусни голмани кога се во прашање интервенциите и контрола на шеснаесетникот. „Граѓаните“ сакаат да ја искористат можноста да го продадат поскапо додека можат и истовремено да најдат наследник кој дополнително ќе го зајакне тимот.
Изборот на Манчестер Сити паднал на Диого Коста, голманот на Порто и репрезентативец на Португалија. Коста, кој зад себе има одлични сезони во дресот на португалскиот гигант, е подготвен за следниот голем чекор во кариерата.
Според пишувањата на медиумите, Сити веќе испратил понуда од 40 милиони евра, која била одбиена од страна на Порто. Сепак, клубот од „Драгао“ не е загрижен – верува дека наскоро ќе пристигне нова, подобра понуда. Се проценува дека трансфер вреден околу 60 милиони евра би бил доволен за Порто да го пушти својот прв голман на „Етихад“.
Диого Коста е производ на академијата на Порто, а на 25-годишна возраст веќе има 249 настапи за првиот тим и 34 меча во дресот на португалската репрезентација.