Милан во финишот ја „скрши“ Болоња

Фудбалерите на Милан се радуваа во првиот натпревар од 36. коло на Серија А против екипата на Болоња на „Сан Сиро“ со 3-1 (0-0).

„Росонерите“ го добија натпреварот кој беше најава за финалето во Копа Италија против истиот ривал во среда на начинот на кој најдобро знаат – со пресврт. По прво полувреме кое не понуди практично ништо, навивачите во Милано уживаа на отворен втор дел.

За тоа се погрижи Рикардо Орсолини кој во 49. минута ѝ донесе водство на Болоња. Милан тогаш тргна целосно офанзивно, а тоа повторно се исплатеше. Во 73. минута израмнување донесе Сантијаго Хименез, додека набргу по него за пресврт стрела Кристијан Пулишиќ. Во судиското продолжение мексиканскиот напаѓач со својот втор гол стави точка на победата.

Милан стигна до 60 бода на осмото место на табелата, има два помалку од Болоња, а по три од Јувентус, Лацио и Рома.