Кенијските атлетичарки продолжуваат да рушат рекорди

Атлетскиот митинг од Дијамантската лига во американскиот град Јуџин донесе синоќа два светски рекорди од кениските атлетичарки Беатрис Чебет на 5.000 метри и Фејт Кипјегон на 1.500 метри, како и шест најдобри резултати во светот оваа сезонава.

Чебет стана првата жена во историјата која истрча 5.000 метри за помалку од 14 минути, минувајќи низ целта за 13:58,06 минути. Чебет со тоа го собори претходниот светски рекорд во оваа делница за повеќе од две секунди на Етиопјанката Гудаф Цегај (14:00.21), поставен пред две години, исто така, во Јуџин.

Брилијантната кениска атлетичарка на средни патеки, 31-годишната Фејт Кипјегон, постави нов светски рекорд на 1.500 метри, минувајќи ја целта за време од 3:48,68 минути. Со тоа, Кипјегон, која е трикратна олимписка и светска шампионка во оваа дисциплина, го подобри за 36 стотинки сопствениот светски рекорд што претходно го истрча на Олимписките игри во Париз минатото лето.

Митингот од Дијамантската лига во Јуџин донесе најдобри остварувања оваа сезона во дисциплините 3.000 метри со пречки (8:45,25), 10.000 метри (26:43,82), диск (83,16 метри), 200 метри (19,76 секунди), ѓуле (22,48 метри) и скок во далечина (7,07 метри).