Кремонезе официјално го претстави Џејми Варди

Џејми Варди официјално стана нов фудбалер на Кремонезе и првпат во својата кариера ќе има можност да заигра во Серија А, откако летово си замина од Лестер по истекот на договорот.

Искусниот 38-годишен напаѓач пристигна без обештетување, а веднаш по доаѓањето остави впечаток дека новата средина му одговара.

„Чувството е фантастично. Ми зборуваа дека ова е мирен град, а тука првите денови беше сè освен мирно… Многу е забавно, запознав многу навивачи кои ме запираа секаде. Импресивно. Од техничка страна нема никакви проблеми, фудбалот е заеднички јазик и преку топката се разбираме“, рече Варди.

Англичанецот призна дека уште како дете бил голем љубител на италијанскиот фудбал.

„Кога бев помлад секогаш ја следев Серија А. Станува збор за едно од најдобрите првенства во светот, тактички е потешко од англиското, но играв кај Енцо Мареска кој има сличен стил. Раниери? Не сум разговарал со него, но ќе разговарам, тој е некој кој може да ми помогне“, истакна тој.

Варди откри и кој бил неговиот најголем идол од Италија:

„Често го гледав Дел Пјеро и неговите голови. Неверојатен фудбалер“, додаде легендата на Лестер.