Неста: Модриќ може да игра до 70 години!

Легендата на Милан и на италијанскиот фудбал,Алесандро Неста е воодушевен од игрите на трофејниот Хрват, Лука Модриќ последното засилување на гигантот од Сан Сиро, кој е само девет години помлад од него.
Неста е симбол на Милан, кој освои две Скудета и Лигата на шампионите во првата деценија од овој милениум. Со оглед на тоа колку е фасциниран од Модриќ, во интервју за „Газета дело Спорт“ беше прашан дали хрватскиот великан го потсетува на времето на Неста во Милан, кога таму беа Сидорф, Пирло, Кака.
„Го гледам на теренот со задоволство, ме воодушеви. Од времето на Пирло, Сан Сиро немал некој како него. Со него, Милан е сигурно посилен. Тимот го загуби Тео, но се поконкурентни на многу други позиции. Со уште две или три вистински засилувања, станува уште поинтересно: се надевам дека ова е почетна точка. Морам да додадам за Лука дека не мислев дека ќе трча толку многу. Против Наполи постојано излегуваше и се враќаше, ги затвораше линииите за додавање и се враќаше на позиција. Тој има интелигенција каква што малкумина ја имаат, фудбалот е во неговата глава, тоа е она што го издвојува. Додека може да ја шутира топката, може да игра до 70 години“, истакнал Неста.
Вечерва во дербито Јувентус – Милан се очекува уште една феноменална партија на 40 годишниот Лука Модриќ.