Милевски: Освоивме голем бод против фаворитот Белгија, покажавме дека имаме и „фактор икс“

Фудбалската репрезентација на Македонија ја сопре Белгија во Гент, одигра 0-0 и освои голем бод со кој го задржа и првото место на табелата во пресрет на последните два натпревари од квалификацискиот циклус за СП 2026.
Селекторот Благоја Милевски е задоволен од освоениот бод, ремито против моќната Белгија, но вели дека сме потфрлиле во организацијата на играта, иако за тоа влијаеше и силата на Белгија.
„Можам да бидам задоволен од играта во одбрана, но не и во организација на играта. Извлековме максимум од овој натпревар, иако планот беше да имаме поголем посед, да играме и кон напред. Секако дека и противникот влијаеше на нашата игра. Белгијците имаат одлични играчи во средниот ред. Најважно е дека вечерва го имавме тој „фактор икс“. Да издржиме до крај и кога се браниме, да покажеме карактер. Среќни сме, останавме на првото место и сега треба да се фокусираме на следниот меч против Казахстан, и тоа веднаш. Се надевам дека не е ништо сериозно со Висар Муслиу, но ќе знаеме по 24 часа кога ќе може да се скенира повредата“, изјави селекторот Благоја Милевски на прес – конференцијата по натпреварот во Гент.