Клоп: Талент како Вирц се раѓа еднаш во еден век

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, испрати порака до навивачите на „Црвените“ и застана во одбрана на 22-годишниот Флоријан Вирц, по лошиот почеток на сезоната на германскиот играч од средниот ред на „Енфилд“.

Вирц, кој пристигна ова лето од Баер Леверкузен за 116 милиони фунти (133 милиони евра), сè уште чека на својот прв гол или асистенција во Премиер лигата и Лигата на шампионите.

Ливерпул го сруши британскиот рекорд за трансфери во летниот преоден рок за да го доведе Вирц, кој брилијантно играше во Баер Леверкузен во текот на пет и пол години во Бундеслигата.

Затоа очекувањата од германскиот репрезентативец беа исклучително високи. Сепак, 22-годишникот досега не ги исполни, што предизвика критики од јавноста во Англија.

Притисокот го зголемува и лошата форма на клубот, кој доживеа три порази по ред, што покрена прашања за способностите на Вирц.

И покрај критиките, легендарниот Клоп решително застана зад младиот играч. Во разговор за „Sport.de“, тој им порача на навивачите да бидат трпеливи.

„Неговиот квалитет е извонреден. Дискусиите се малку претерани. Ливерпул загуби три натпревари по ред, што е невообичаено. Но, тоа е и нормално во животот. Вирц е талент што се појавува еднаш во еден век и во еден момент ќе го покаже тоа повторно на секој натпревар, исто како што го правеше во Леверкузен“, рече Клоп.