Даскаловски: Поразот во Загреб е минато, погледите се кон европската премиера во Битола

Кошаркарите на Пелистер веќе почнаа со тренинзи во Битола по враќањето од Загреб, решени да го остават зад себе разочарувачкиот пораз од Цедевита Олимпија и да се вратат експресно на победнички патеки.

Битолчани влегуваат во пеколен ритам на натпревари ако се знае дека веќе в среда ќе ја пречекаат Словачка Превидза во второто коло од ФИБА Европа купот, по што в петок ќе се сретнат со Маџари во третото коло од Суперлигата, за веќе в недела да го играат и мечот од четвртата рунда против Феникс.

„Бевме разочарани по тој пораз во Загреб, но сега сме фокусирани само на иднината и претстојните предизвици. Главен проблем ни беше што не влеговме енергетски како што треба во мечот, ја немавме онаа агресивност на двете страни од теренот што го красеше Пелистер во изминатите два месеца. Борба за секоја топка, желба за победа, тоа е она што треба да го покажуваме секогаш, тоа не беше случај во Загреб и така не може да се добие натпревар од едно европско натпреварување. Причините може да се бараат на повеќе места, но јас никогаш не сум барал алиби, така ќе биде и овојпат – насочен сум само кон она што следи и верувам дека ќе се вратиме на победнички патеки“, вели тренерот Боро Даскаловски.

Пелистер веќе в среда го игра премиерниот меч од европските купови, историски прв кошаркарски меч од ФИБА-натпреварување во Битола на кој „зелено-белите“ ќе сторат се за да слават над екипата на Превидза од Словачка.

„Верувам дека ќе биде многу поинаку отколку во Загреб, пред се дека ние ќе имаме сосема поинаков пристап и ќе покажеме поголема агресивност на секој дел од теренот. За разлика од Цедевита јуниор, тимот на Превидза е исполнет со Американци, од неодамна имаат и еден босански интернационалец, така што станува збор за екипа со осум-девет странци, надополнета со двајца словачки репрезентативци. Тие имаат респектабилен ростер, но тоа не не интересира, кога играме дома пред нашата битолска публика ќе сториме се за да се покажеме во најдобро можно светло и да дојдеме до победата“, истакнува Даскаловски.