Силекс го освои Ѓорче Петров, големи три бода за тимот на Васоски

Во првиот меч од 14. коло во Првата лига, Силекс успеа да дојде до победа и до три бода на гостувањето во Ѓорче Петров кај Македонија, победувајќи со 1-2.

Сите три гола беа постигнати во првиот дел. Кратовската екипа двата гола ги даде за 12 минути. Најпрво во 15. минута по одличниот центаршут на Пиреш од десната страна, Мирчевски со глава го совлада Јанков, и донесе предност за кратовскиот прволигаш.
Во 27. минута акција на Силекс по левата страна, топката уфрлена во петерецот, каде што Кабаркас се обиде да расчисти, но топката стигна до Донов, кој со волеј удар постигна убав гол за предност од 2-0 за гостите.

Сепак, Македонија ЃП успеа да се врати. Се играше 32. минута кога Пецов ја казни големата грешка на одбраната на гостите, и успеа да го совлада Џеков за 1-2.

Во вториот дел Силекс беше поблиску до трет гол. Ја погоди и пречката, шанса имаше и Алиќ, но не успеа да го „затвори“ натпреварот. Тоа остави можност за Македонија ЃП да го избегне поразот, па 10 минути пред крајот Елмас имаше шанса, но неговиот удар отиде над голот. Софијановски од слободен удар се закани на крајот, но топката отиде само крај голот.