Вардар со рутинска победа се врати од Струмица

Вардар ја зацврсти лидерската улога на врвот на табелата во Првата лига, откако во 14.коло успеа да слави со 0-2 на гости кај АП Брера во Струмица. Тоа е 11.победа за составот на Гоце Седлоски, кој и понатаму е непоразен по 14 првенствени натпревари.
По тежок терен за игра, вардарци покажаа повеќе, постигнаа два гола во второто полувреме, а пропуштија и уште неколку шанси.
Во првиот дел, Едиз Спахиу ја имаше најубавата можност за водство, пред крајот на полувремето, но не реагираше најдобро по нафрлувањето на Маневски.
Вардар сепак успеа да стигне до предност во 53.минута. По една убава акција, Талевски успеа да ја погоди мрежата од непосредна близина.
Во 71.минута, нововлезениот Димитар Тодоровски искористи грешка на одбраната на АП Брера и го совлада Давид Илоски.
Две минути подоцна Јанкулов имаше шанса и за трет погодок, но не беше прецизен.
Вардар сега на врвот има 36 бода, четири повеќе од Струга Трим Лум, но и еден одигран натпревар повеќе.