Повремениот македонски репрезентативец, Стојан Ѓуроски е нов кошаркар на Пелистер, објави денес битолскиот прволигаш. Пред Ѓуроски, на соработка со Пелистер се согласи и Димитар Караџовски.
Ѓуроски во својата кариера има настапувано за Блокотехна и Кожув од Гевгелија, скопските екипи Работнички, МЗТ Скопје и Карпош Соколи, а има и интернационално искуство во Франција и Шпанија.
За Пелистер кој во новата сезона пријави учество во АБА 2 лигата, претходно потпишаа и Тајлер Чиз, Марјан Младеновиќ и Љубомир Младеновски.
2.000 гледачи ќе ја бодрат кошаркарската репрезентација против Словачка
Вториот меч на нашата кошаркарска репрезентација во претквалификациите за СП 2023 денес од 19 часот против Словачка ќе биде „отворен“ за фановите. Од Федерацијата потврдија дека согласно добиените препораки на државните и здравствените авторитети во нашата држава, капацитетот на салата во СЦ„ Јане Сандански“, ќе биде ограничен на 30% од максималниот.
Односно овој исклучително важен меч за нашиот најдобар состав ќе може да го проследат околу 2.000 македонски фанови, секако со стриктно почитување на официјалните здравствени протоколи кои важат на територијата на Македонија.
Секој присутен гледач во салата на СЦ „Јане Сандански“, ќе мора да има заштитна маска, да држи пропишано растојание меѓу седиштата од каде ќе го следи натпреварот Македонија-Словачка. Влезот за овој натпревар ќе биде слободен.
Филаделфија пред потпис со Демијан Лилард
Филаделфија се надева дека ќе успее да се засили ова лето пред стартот на новата НБА сезона со уште една ѕвезда. Според новинарот Дерек Боднер, 76-тките се на пат да потпишат договор со Демијан Лилард.
Доведувањето на ѕвездата на Портланд беше главната цел на Сиксерс оваа сезона. Забележано е дека размената со Бен Симонс е неизводлива, па се бараат други начини за реализација на трансферот.
Во 2019 година, Лилард потпиша супермаксимален договор кој трае до крајот на сезоната 24/25. Тој веќе девет сезони е дел од Портланд.
Дончиќ добива екстра договор со Далас
Најголемата кошаркарска ѕвезда од Словенија, Лука Дончиќ откако ги заврши настапите на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Токио веднаш доби понуда за супер-максимален договор, кој тој го прифати.
Најдобриот европски кошаркар во моментов во Далас ќе остане во наредните пет години, а ќе добие максимална плата – 207 милиони долари. Информацијата ја потврди и неговиот агент Бил Дафи, кој е во Словенија. Во текот на минатата сезоната, Лука Дончиќ во просек имаше по 27,7 поени, 8 скока и 8,6 асистенции по натпревар со ефикасност на шутот од 47,9% во целост, а 35% за три поени.
Кошаркарите на Далас предводени токму од Лука Дончиќ две сезони по ред се дел од плеј-офот во НБА лигата. Претходно екипата на Далас Маверик објави дека го продолжиле договорот со Тим Хардавеј.
Селекторот Бајиќ разочаран од откажувањето на Димитријевиќ
Кошаркарската Федерација заедно со селекторот на сениорската машка репрезентација Драган Бајиќ денес одржаа прес-конференција во пресрет на натпреварите од втората рунда на претквалификации за Светското првенство 2023.
Селекторот се осврна на играчкиот кадар со кој ќе располага, како и со играчите кои не можеа да одговорат на неговиот повик.
„Би сакал да се заблагодарам на раководството на КФСМ за условите кои ги добивме на овие подготовки, како во поглед на тренинзите. Задоволен сум и за пофалба е работата на кошаркарите во овие подготовки како и дисциплината и нивното залагање на тренинзите. Ниеден играч не паузираше повеќе од еден ден, сите имаа желба да се вратат што побрзо и да продолжат со тренинзите. Во поглед на натпреварите, ни беа откажани неколку дуели поради што не бевме во можност да го одработиме тоа што ни беше потребно. Ривалите во овие претквалификации одигра по 5-6 дуели, но без разлика на тоа, ние подготвени ги очекуваме претквалификациите“, вели Бајиќ
Тој се осврна посебно на недоаѓањето на некои играчи, меѓу кои и на првата ѕвезда во тимот, Ненад Димитријевиќ.
„Сакам да ја објаснам целата ситуација за да нема дамки околу моето име. Контактирав со него, му кажав дека сакам да биде лидер на оваа репрезентација во следните десетина години. Реков дека е исклучително потребен за да се пласираме во квалификациите. Му реков дека е можно да му дадам одмор понатаму. Јас подоцна имав повик само од неговиот менаџер кој побара Нено да се појави на 28 јули бидејќи имаше тешка задача. Јас поминав преку некои свои принципи, во слична ситуација беше Вајли кој исто така дојде подоцна поради лични проблеми. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а 36-годишниот Бојан Трајковски доаѓа на секој тренинг и работи како да има 20. Следна работа беше тоа што јас бев известен од луѓето во Федерацијата дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Тој не ме удостои да ми се јави и да ми ги каже причините поради кои не дојде. Ја има македонската јавност да ѝ објасни“, рече Бајиќ.
Јокиќ знае да ужива!
Никола Јокиќ одмора во својот роден град, по напорната сезона во НБА каде беше прогласен за најдобар играч – МВП. Наскоро треба да стане најскапо платен кошаркар на светот кој ќе заработува 250 милиони долари за пет сезони. Но тоа не го спречува да се опушти, малку или премногу проценете сами…..
Лос Анџелес Лејкерси и официјално го потврдија доведувањето на Двајт Хауард.
Хауард во НБА лигата има просек од 16.2 поени, 12.1 скокови и 1.9 бокади по натпревар, а во кариерата одигра 1.182 во најсилната кошаркарска лига во дресовите на Орландо, Хјустон, Атланта, Шарлот, Вашингтон, Филаделфија и Лејкерси.
Тој беше дел од Лејкерси во 2020 година кога тимот од Лос Анџелес го освои шампионскиот прстен.
Дурент и Батлер добија нови договори со Бруклин и Мајами
Кевин Дурент и Џими Батлер добија нови богати договори од Бруклин Нест и Мајами Хит.
Дурент кој со репрезентацијата на САД дојде до златото на ЛОИ во Токио се согласи да стави потпис на четиригодишен договор со Бруклин вреден 198 милиони долари. Во минатава кампања популарниот Кеј-Ди одигра 35 мечеви на кои имаше просек од 26.9 поени, 7.1 скокови и 5.6 асистенции за да во плејофот биде на уште повисоко ниво и на 12 средби реализира по 34.3 поени, 9.3 скокови and 4.4 асистенции.
Тој заедно со Кајри Ирвинг и Џејмс Харден ќе имаат задача во следната кампања да направат се за да го донесат шампионскиот трофеј во Бруклин.
Батлер пак како клучен играч на Мајами ја продолжи соработката за четири години за кои ќе заработи 184 милиони долари. Џими беше главен во носењето на Кајл Лаури во овој преоден рок, па тие заедно со Адебајо, Робинсон и останатите треба да бидат група која ќе има што да каже на Истокот.
Чикаго го доведе Демар Дерозан
Поранешниот кошаркар на Сан Антонио Спарс, Демар Дерозан ќе стане нов кошаркар на Чикаго Булс. Тој ќе потпише тригодишен договор со новиот клуб вреден 85 милиони долари.
Во замена за него, Спарси ќе го добијат Тед Јанг, пик од првиот круг на НБА драфтот, како и два пика од вториот круг.
„Биковите“ веќе ги донесоа Лонзо Бол и Алекс Карузо што значи дека продолжуваат да прават добра селекција за следната сезона. Дерозан во текот на минатата сезона имаше просек од 21,6 поени, 4,2 скока и 6,9 асистенции по натпревар.
Меси му се „поклони“ на големиот Луис Скола
Лионел Меси се огласи по повод крајот на репрезентативната кариера на Луис Скола.
Легендарниот кошаркар во својата 41. Година одлучи да стави крај на играњето за националниот тим и да им ја препушти шансата на помладите. Луис Скола е вистинска легенда на Аргентина, не само поради спортските успеси, туку и поради однесувањето кон дресот.
Меси за него имаше само пофални зборови.
„Твојата импресивна кариера те претвори во голем претставник на аргентинскиот спорт и целиот свет. Ти благодарам“, гласи пораката на Меси.