кошарка

Одложен дуелот од Евролигата помеѓу екипите на Макаби Тел Авив и Басконија

Од организацијата на Евролигата соопштија дека натпреварот меѓу Макаби Тел Авив и Басконија е уште еден дуел од 19. коло кој е одложен поради Ковид-19.

Натпреварот беше закажан за 6 јануари, но нема да се одигра, бидејќи Басконија има неколку заразени играчи и не се во можност да го соберат потребниот минимум од 8 кошаркари.

Претходно пради истите причини беа одложени натпреварите меѓу Реал Мадрид и Уникс Казан, како и дуелот помеѓу француските екипи Асвел и Монако кои требаше да се одржат на 7 јануари.


Ирвинг се враќа на терените в среда против Индијана

Кошаркарот на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг, се очекува да го има своето деби оваа сезона во утре (Среда) против Индијана.

Ирвинг одби да се вакцинира и поради правилата на Њујорк, не може да игра на домашните натпревари за тимот на Бруклин. На почетокот на сезоната клубот реши да го отстрани Кајри од сите натпревари и тренинзи, но поради кадровски проблеми беше одлучено да го врати за да учествува на гостинските средби.

Ирвинг пропушти 35 натпревари на Бруклин на почетокот на регуларниот дел од сезоната.


Никола Миротиќ од Барселона, најкорисен кошаркар во Евролигата за декември

Преку својот официјалниот веб сајт, кошаркарската Евролига ја пренесе информацијата дека членот на Барселона, Никола Миротиќ е прогласен за најкорисен играч за месец декември.

Миротиќ беше предводник на својот тим до пет победи во декември, со просек од 21 поен по натпревар. На дуелите од Евролигата тој забележа просек од 6,5 скока, 2,2 асистенции  и индекс на корисност од 25.3.

За Никола Миротиќ ова е рекордна седма награда за најкорисен играч на месецот во Евролигата.


Рондо го напушта ЛА Лејкерс, Кливленд негова следна дестинација

Лос Анџелес Лејкерс ќе останат без плејмејкерот Ражон Рондо, кој ќе го засили Кливленд Кавалирс.

Ова би можело да биде вистинско засилување за Кливленд кој во последно време се мачи со повреди. Клубот најтешко ја доживеа повредата на плејмејкерот Рики Рубио, за кого оваа сезона заврши.

Рондо не може да ја пронајде добрата форма оваа сезона, па на 18 натпревари забележа просечни 16 минути на теренот, со 3,1 поен и 3,7 асистенции.

Ниту популарните „езерџии“ не ги оправдаа очекувањата, па се очекува да донесат засилувања во преостанатиот дел од сезоната.


Нов рекорд на Стеф Кари во постигнати тројки

Членот на НБА тимот Голден Стејт Вориорс, Стеф Кари, 2021 година ја заврши со нов рекорд.

Тој во оваа календарска година погоди 495 тројки , што претставува историски рекорд во НБА лигата. Со ова постигнување тој го сруши сопствениот рекорд од 486 тројки во 2016 година.

Оваа година, Кари го турна и рекордот на Реј Ален по бројот на постигнати тројки во кариерата. Тој годинава успеа да ја постигне 2974 тројка во кариерата.

Шутерот на Голден Стејт стана и првиот играч кој постигнал преку 3 илјади тројки во кариерата.


Одложен натпреварот од Евролигата помеѓу Фенербахче и Реал

Кошаркарската Евролига го одложи натпреварот помеѓу Фенербахче и Реал Мадрид.

Причината за одложувањето е објавата од Реал Мадрид кој пријави уште двајца играчи кои се позитивни на Ковид. Претходно, екипата на Реал информираше дека дури 6 играчи во тимот вклучувајќи го и тренерот Пабло Ласо се заразени со вирусот и тие не настапија на дуелот со ЦСКА Москва каде изненадувачки славеа победа.

Наредниот термин за одржување на средбата ќе биде објавен после консултациите со надлежните тела во Евролигата.


Пол Џорџ од ЛА Клиперс ги скина лигаментите од лактот

Тимот на Лос Анџелес Клиперс објави дека еден од најдобрите играчи во екипата, Пол Џорџ, има повреда поради која ќе паузира подолг период.

Имено, се работи за скинати лигаменти во десниот лакт за кои ќе треба да се извршат дополнителни прегледи после кои ќе се знае дали играчот ќе мора да оди на операција.

Пол Џорџ веќе подолго време го мачат проблеми со десниот лакт, поради кои две недели не настапуваше за својот тим. Заради сериозноста на повредата се очекува тој да пропушти најмалку 15 натпревари на Клиперси.


Дерик Роуз два месеци надвор од кошаркарскиот терен

Членот на Њујорк Никс, Дерик Роуз, имаше операција на скочниот зглоб поради која осум недели ќе отсуствува од настапи за својот тим.

Роуз, кој е поранешен МВП на НБА лигата, својата повреда ја заработи на натпреварот против Хјустон Рокетс. После деталните прегледи лекарите утврдија дека е потребен хирушки зафат после кој го очекува подолга пауза.

33-годишниот играч, оваа сезона во дресот на Њујорк Никс, има просек од 12 коша, 3 скока и 4 асистенции.


Ману Џинобили влегува во куќата на славните

Кошаркарот од Аргентина, Ману Џинобили, е номиниран за влез во кошаркарската куќа на славните за 2022 година.

Џинобили беше член на Сан Антонио Спарс во периодот од 2002 до 2018 година и успеа да освои 4 шампионски прстени во НБА лигата.

Со репрезентацијата на Аргентина тој успеа да го освои олимпиското злато во 2004 година на игрите во Атина.

Кошаркарите кои ќе влезат во изборот за влез во куќата на славните ќе бидат претставени на Ол-стар натпреварот од НБА лигата чиј домаќин е Кливленд, а се одржува во февруари.


Ентони Дејвис поради повреда ќе паузира четири недели

Американските медиуми пренесуваат дека кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Ентони Дејвис, ќе мора да паузира четири недели поради повреда на лигаментот од левото колено.

Центарот на Лејкерс, повредата ја заработи при поразот од екипата на Минесота Тимбервулвс кога поради болки во коленото предвреме го напушти натпреварот. 

После деталниот преглед кај 28-годишниот Дејвис е откриено истегнување на лигаментот поради што е потребно мирување.

Ентони Дејвис во текот на сезонава во просек остваруваше 23,3 коша и 9,9 скокови. Тој од вкупно 30, пропушти настап на само 3 натпревари.