кошарка

Суперкупот е вистински тест за формата на „вечните“ ривали

Со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-Работнички, вечерва од 19.30 часот, и официјално ќе стартува новата сезона во македонската кошарка.

Во сезоната која е зад нас, МЗТ Скопје Аеродром ги освои двете домашни титули. „Аеродромци“ беа победници во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, ја освоија шампионската титула.

„Ќе биде убаво ако сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија“  вели Дарко Радуловиќ, предводникот на „сино-белите“ од клупата. „Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките. До последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Но имаме и добри информации за тоа како играше Работнички во периодот на подготовките. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент“- смета Радуловиќ.

Тони Симиќ е дел од новитетите кои во „Градски парк“ ги донесе летото. Ја доби улогата да биде шеф на стручниот штаб на нашиот најтрофеен клуб. Нималку лесна задача за него, во која првиот вистински тест е токму утрешниот натпревар против вечниот ривал од Аеродром.

„Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен ‘ребилдинг’ на сите нивоа. Ова лето го искористивме да се екипираме, да формираме играчки кадар согласно со актуелните можности. Во никој случај не беше лесно, со оглед на тоа дека правиме тим кој треба да се обиде да го претстави Работнички во најдобро светло. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед“. – вели Симиќ.


Бруклин сака титула, а за тоа издвои 360 милиони долари!

Многумина предвидуваа минатата сезона дека Бруклин ќе ја освои титулата, својата прва откако се натпреварува во НБА лигата. Екипата која ја предводеа Кевин Дурант, Кајри Ирвинг, Џејмс Харден, но и која во ростерот ги има докажаните играчи како Карис Леверт, Џо Харис, Ламаркус Олдриџ, Блејк Грифин, испадна во конференциското полуфинале од Милвоки, кој подоцна стана шампион.

За тоа да не се повтори, Нетси за почеток мораат да го осигураат останувањето на големата тројка. Дурант веќе го продолжу договорот на уште четири години за 198 милиони долари, а сега се очекува истото да го направат Ирвинг и Харден. Планот е Харден да се задржи на уште три години, Ирвинг на уште четири, а од франшизаата порачуваат дека и двајцата се заинтересирани за продолжување на соработката. Сепак, тоа доста ќе ги чини Нетси.

Ирвинг на крајот од сезоната 2019/20 потпиша четиригодишна соработка за 136 милиони долари и во 2023. ќе биде слободен играч. Нетси за него подготвија 198 милиони долари за продолжување на нови четири години. Има можност и како условно слободен играч идната година да потпише и на пет години за 235 милиони.

Пред Харден се уште две години од договорот и Нетси не сакаат да се доведат во ситуација да останат без него. Се подготвува тригодишно продолжување на соработката во кое Харден би заработил 161 милион долари.


Симонс нема намера да се врати во Филаделфија

Ѕвездата на Филаделфија 76ерс, Бен Симонс, се уште е одлучен во намерата никогаш повеќе да не игра за франшизата што го одбра како прв пик на драфтот во 2016. година и не планира да се појави на тренинг кампот на тимот следната недела.

Според американските медиуми, тоа може скапо да го чини. Поточно, секој пат кога нема да се појави во кампот, ќе остане без 227.613 долари.

Инаку, овој австралиски кошаркар е во втората година од петгодишниот договор.


Џеј Џеј Редик означи крај на кошаркарската кариера

Џеј Џеј Редик официјално објави дека се пензионира од активното играње кошарка. Редик ќе биде запаметен како еден од најдобрите стрелци на три поени во своето време, а играше за голем број клубови.

„Сите добри работи понекогаш завршуваат. Тоа е клише кое често се користи и ретко има вистинско значење. Сепак, ова е една од тие ретки прилики за да се искористи”, вели Редик.
На Универзитетот Дјук тој го покажа раскошниот талент, работејќи со Мајк Кшижевски, поради што беше избран од единаесеттата позиција од Орландо Меџик во 2006 година. Редик играше и во големото финале на НБА лигата со Орландо, а во 2013 година ја напушти екипата на Орландо Меџик поради краткиот престој во Милвоки Бакс. Потоа кариерата ја продолжи во Лос Анџелес Клиперс, па отиде во Филаделфија, потоа и во Њу Орлеанс, а последен клуб во кариерата беше Далас.


Шест земји кандидати за домаќин на Евробаскетот во 2025. година

Наредното, 42. издание на водечкото европско кошаркарско натпреварување, кое треба да се одржи во септември 2025 година, повторно ќе биде домаќин на четири земји, а по веќе успешната формула за повеќе градови-земји, која за првпат беше воведена во 2015 година.

Како и во претходните изданија, еден од четирите домаќини исто така ќе ја организира Завршната фаза на натпреварот.

Летонија, Унгарија, Русија и Украина поднесоа понуди за групната фаза, како и за завршната фаза. Во меѓувреме, Кипар и Финска испратија понуди за организирање на групната фаза.

За потсетување, Финска беше една од четирите земји што беа домаќини на Евробаскетот во 2017 година, додека Летонија беше домаќин на групна фаза во 2015 година.

Унгарија и Украина, исто така, претходно покажаа интерес за организирање на настанот, но допрва треба да бидат домаќини на овој голем настан, додека Кипар за прв пат влезе во официјалниот процес на наддавање.

“Задоволни сме што гледаме таква силна желба кај нашите национални федерации уште еднаш да го организираме Евробаскетот. Форматот за повеќе домаќини што го воведовме во 2015 година, се покажа како успешен и не само што помогна Евробаскетот да расте како натпреварување, во исто време и го стимулира развојот на спортот низ целиот континент “, рече извршниот директор на ФИБА, Европа, Камил Новак.

ФИБА Европа ќе ги провери сите места и инфраструктура помеѓу октомври 2021 и јануари 2022 година, пред Одборот на европската зона на ФИБА да одлучи за четирите домаќини на својот пролетен состанок во 2022 година.

Претходно, ФИБА Евробаскетот ќе се одржи од 1. до 18. септември 2022 година во Чешка, Грузија, Германија и Италија, а шампионот на Европа ќе биде промовиран во германската престолнина Берлин.


ФИБА Евро Куп: Пополнети 12 места, остануваат уште шест

Натпреварувачкиот „костур“ во ФИБА Евро Купот станува се „поисполнет“ по одигрувањето на квалификациските турнири од ФИБА Евролигата.

Вкупно 12. екипи кои не ги поминаа квалификациите, се „преселија“ во второто, спред рангот, натпреварување на ФИБА – Еврокупот.

Опцијата да „одат понатаму“ ја прифатија Монс (Белгија), Хапоел Елијат (Израел), Кафенберг (Австрија), Лондон Лајонс (Велика Британија), Спортинг (Португалија), Бакен Беарс (Данска), Морнар (Црна Гора), Опава (Чешка), Перистери (Грција), Лејден (Холандија), Парма (Русија)  Цмоки Минск (Белорусија).  

Тие им се приклучија на уште 14.екипи кои имаа директен пласман во една од осумте групи од ова натпреварување.

Последни шест учесници ќе ги дадат квалификациите кои од 28. септември до 1. октомври ќе се одржат во четири града: Гронинген (Холандија), Софија (Бугарија), Краснојарск (Русија) и Парну (Естонија).

Освен четирите победници на овие турнири, место во регуларниот дел од сезоната ќе има и за уште две екипи, т.н. „среќни губитници“ од овие турнири.

Македонија има два свои претставници во овие квалификации од ФИБА Евро Купот.

На 28. септември, во Краснојарск, екипата на ТФТ ќе го игра првиот елиминациски меч од групата „Ц“ во кој за противник го има унгарскиот Натурекс Сегед.

Истиот ден, но како дел од турнирот од групата „А“ кој се игра во Гронинген, Куманово 2009 ќе го игра четвртфиналето против австриската екипа Гмунден Сванс.


Митрашиновиќ и Тарбс подготвени за квалификациите во ФИБА Еврокупот

Успешна генерална проба направи екипата на Тарбс во пресрет на квалификациите за место во регуларниот дел од ФИБА Евро Купот во женска конкуренција.

Анџелика Митрашиновиќ и нејзиниот нов клуб, Тарбс славеа победа на гостувањето во Виторија од (57:51). Капитенот на нашиот женски национален тим беше втор стрелец во екипата. Реализираше 11.поени, но на почетокот на последниот период се пожали на болки и не го доигра овој последен контролен меч пред патувањето во Кортрајк, каде за два дена ги чека стартот на квалификациите од ФИБА Евро Купот.

Пред Митрашиновиќ да излезе од игра, нејзината екипа имала 16.поени предност (49:33), што се почувствувало во играта на „виолетовите“ во последните дсет минути.


Мајк Џејмс го засили новиот евролигаш Монако

Американскиот кошаркар Мајк Џејмс по една сезона мината во НБА лигата се враќа на европскиот континент, откако се согласи на трансфер од Бруклин во Монако.

Џејмс ќе се обиде да му помогне на францускиот тим во дебитантската сезона во Евролигата во која Американецот беше меѓу најдобрите кошаркари изминати години.

Минатата сезона Џејмс кратко престојуваше во редовите на Бруклин и зад себе во НБА лигата остави статистика од 7.7 поени и 4.2 асистенции по натпревар.

„Мојата цел е Монако да победи во што е можно повеќе натпревари во Еролигата. Сакам да бидеме конкурентни, иако сме аутсајдери во ова елитно опкружување“, изјави 31-годишниот Џејмс.


АБА 2: Познат распоредот и организаторите на „балоните“

Македонските екипи МЗТ Скопје и Пелистер го дознаа распоредот за новата сезона во АБА2-лигата.

Во исто време се објавени и градовите-организатори каде што во новата натпреварувачка сезона ќе се играат петте турнири, на кои спроед предвидениот план, ќе се играат по две односно три кола.

Македонското дерби помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, ќе се случи во третото коло, кое ќе се одигра во склоп на вториот турнир кој ќе се одржи во хрватскиот град Осијек (8-12 ноември).

Првите две рунди од ова натпреварување ќе бидат на Златибор. И тоа од 10. до 14. октомври, во кои МЗТ Скопје Аеродром ќе ги одмери силите со Младост и Рогашка, додека Пелистер ќе дебитира против Ловќен, а потоа ќе игра против Сутјеска.

Оваа сезона исто како и минатата, ќе се игра еднокружно, по што првите осум екипи ќе се пласираат во плејофот, каде што ќе се игра според „Фајнал ејт“-турнир на една средба а град домаќин ќе биде Белград.

Претходно, во регуларниот дел од сезоната, третиот турнир ќе се игра во Сараево (13-19 декември), потоа следуваат и турнирите во Бања Лука (17-23. јануари) и Широки Бријег (21-27. март).


Дерби во Битола во првото коло на шампионатот на Македонија во кошарка

Вчера во просториите на Кошаркарската федерација на Македонија, беше извршена ждрепката за новата сезона во Првата лига, поточно беа избрани натпреварувачките броеви за сезоната 2021/2022.

Согласно Бергеровиот систем за 12-те екипи-учесници во натпреварувањето, во првото првенствено коло од Првата лига-мажи ќе се сретнат:

МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички

Еуро Никел 2005 – Гостивар

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром

Куманово 2009 – Ангели

Феникс 2010 – Нaвико Академија ФМП

Кожув – ТФТ

Првото кошаркарско коло е предвидено да се одигра на 2 и 3 октомври.