кошарка

Вајли: Да ја однесеме Македонија во светските квалификации!

Даниел Џејкоб Вајли е повторно во Скопје и што е најважно, како што и самиот вели, максимално подготвен го чека приклучувањето во тренажниот процес со останатите свои репрезентативни соиграчи.

Од моментот кога си замина кон САД, се случија доста работи. Најважната беше промената на играчката средина. По играњето во Гран Канарија, следуваше преселба во Сарагоса. А ова лето, играњето во црвениот дрес го замени со она во „сино-белиот“ на екипата на Будуќност од Подгорица.

„Реков пред некое време, полека но сигурно станувам ‘балканец’. Претходно добив македонски пасош, сега ќе играм за екипата на Будуќност од Подгорица, тоа е доста блиску до Скопје, и искрено ме радува што е така. Решив да играм во екипа која има одличен тренер, исто таков ростер, која секогаш се стреми да биде при врвот на европската кошарка. Ќе играме во Еврокупот, во АБА лигата во националниот Куп и шампионат. Тоа се доста обврски, но подготвен сум за новиот предизвик“- вели Вајли по слетувањето на скопскиот аеродром.

Но, за нас многу поважен е оној претквалификациски предизвик. Да бидеме подобри од селекциите на Швајцарија и на Словачка.

„Свесен сум за тежината која со себе ја носи играњето во дресот на националниот тим на Македонија. Би додал дека подготвен го дочекувам влегувањето во сала. Тоа ќе биде само продолжение- континуитет на мојата индивидуална работа која ја реализирав во изминатиот период во некои ‘домашни услови’. Пред себе си поставив една цел, заедно со соиграчите да ја однесеме Македонија во оној поважен сегмент од квалификациите за Светскиот куп“.


Расел Вестбрук се сели во Лејкерс!

Расел Вестбрук од наредната сезона ќе настапува за Лос Анџелес Лејкерс. Веста ја пренесува и официјалната страница на лигата, додавајќи кој ќе се пресели во спротивен правец.

Вестбрук, кој беше најкорисен играч во лигата во 2017. година и кошаркар кој четири сезони, вклучувајќи ја и минататата во Вашингтон, завршуваше со просек трипл-дабл, ќе биде потврден како нов играч на Лејкерс по 6. август, кога се може да стане официјално.

Познато е дека во спротивен правец ќе одат Кајл Кузма, Кентавиус Колдвел-Поуп, Монтрезл Харел и Ајзеа Џексон, како и 22. избор од драфтот одржан синоќа.

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис со оваа размена добија соиграч со кој ќе можат да се надеваат веќе наредната сезона повторно да атакуваат на титулата.


„Магичниот“ Дончиќ ја водеше Словенија до нова победа

Кошаркарите на Словенија ја запишаа и втората победа на исто толку натпревари одиграни на олимпискиот турнир во Токио.

Словенците во второто коло го победија домаќинот на турнирот Јапонија со 116:81. Лука Дончиќ, најдобриот словенечки кошаркар кој во првото коло постигна 48 поени против Аргентина, веќе во првата четвртина имаше 13 поени со шест скокови и четири асистенции. На крајот, натпреварот го заврши со 25 поени, седум скокови и седум асистенции, а Зоран Драгиќ додаде 24 поени. Дончиќ за 57 минути одиграни на Олимписките игри досега, има постигнато дури 73 поени.

Со оваа победа Словенија избори пласман во понатамошната фаза, а во последното коло од групата игра против Шпанија.


ТФТ и Куманово ги добија потенцијалните противници во ФИБА Европа купот

Двата македонски претставника во ФИБА Европакупот претстојната сезона, екипите на ТФТ и на Куманово 2009 ги добија имињата на потенцијалните противници во првата елиминависка фаза од ФИБА Евро Купот, ако и форматот по кој ќе се одредуваат учесниците во групната фаза од ова натпреварување.

Нашите претставници ќе мораат да го поминат квалификацискиот филтер кој нема воопшто да биде лесен. Пред се затоа што, учество во ова натпреварување пријавија 33 клуба, додека  дополнителни 14 ќе им се приклучат од Лигата на шампионите, оние кои нема да ги поминат квалификациите.

Македонските прволигаши се меѓу 19. екипи кои ќе учествуваат во квалификациите, а бидејќи се најдоа во најслабиот „шешир“, ќе имаат и најтежок пат до групната фаза.

Ќе се играат четири квалификациски турнири од кои три ќе бидат со по пет, а еден со четири екипи. Најслаборангираните тимови, меѓу кои се Куманово и ТФТ ќе почнат од четвртфиналето. Ако триумфираат ќе играат полуфинале, а ако и оттаму излезат како победници, ќе се најдат во баражот за пласман во групната фаза.

Од квалификациите во групите ќе влезат четири екипи, а турнирите ќе се одржат во периодот од 28. септември до 1. октомври.

ГРУПА 1

Ирони Нес Зиона (Изр), Гронинген (Хол), Меди Бајројт (Гер), Днипро (Укр)

ГРУПА 2

Спортинг (Пор), Ираклис (Грц), Керавнос (Кип), Енисеј (Рус)

ГРУПА 3

Порто (Пор), Хапоел Хаифа (Изр), Волунтари (Ром), Академик Пловдив (Буг)

ГРУПА 4

Натуртекс (Унг), Трефл Сопот (Пол), Гмунден (Авс), Парну (Ест) 

ГРУПА 5

Виена (Авс), Куманово (Мкд), ТФТ (Мкд)


Втор пораз на нашата репрезентација од Швајцарија

На крајот на турнирот во Шопрон, добро прво полувреме и пораз од Швајцарците со резултат 53:71.

Одигравме многу подобро во однос на претходниот меч против Унгарија. Особено во првото полувреме, но не успеавме да ја надминеме психолошката бариера по тие 40. минути.

По втор пат на турнирот во Шопрон, селекцијата на Швајцарија беше подобра од нашата младинска.

Уште еднаш имавме сериозни проблеми во одбраната. Им дозволивме на противничките кошаркари да реализираат доста лесни поени. Особено тоа се однесува на второто полувреме во кое Швајцарците креираа висока предност.

Нашите добри минути во првото, во кое резултатот беше нерешен (29:29), ги снема со почетокот на третиот период од мечот за третото место на турнирот. Примивме дури 23 поени, дадовме 14, па Швајцарија поведе со 52:43.

На средината од последната четвртина, негативата беше уште повисока, (51:67) и недостижна за нашиот тим „Под 20“ години. Останавме на само осум дадени поени во последните десет на првенството во Унгарија кое го завршуваме на позицијата број 4.

Пред нас се Унгарија, Белорусија и Швајцарија, зад нас Луксембург, Словачка, Романија и Косово.


Дончиќ на олимпиското деби постигна 48 поени

Лука Дончиќ со премиерната изведба на Олимписките игри најави дека е подготвен сам да ја води Словенија до медал.

Во првото коло од кошаркарскиот турнир, Словенија ја победи Аргентина со 118:100, а Дончиќ постигна дури 48 поени.

Веќе на полувреме имаше 31 поен и се чинеше дека би можел да го сруши рекордот на легендарниот Бразилец Оскар Шмит, кој во 1988. против Шпанија постигна дури 55 поени. Но, како натпреварот пред време беше решен, Дончиќ завршницата ја проследи од клупата.

Тој до 48 поени стигна за 31 минута игра, погоди 18 од 29 шутеви, меѓу кои 6 од 14 тројки. Запиша уште 11 скокови, пет асистенции и три блокади.

Клемен Препелиќ постигна 21 поен, Влатко Чанчар 12, а Аргентина ја предводеа Луис Скола со 23 поени, Кампацо постигна 20, додека Габриел Дек застана на 15 поени.


Леброн Џејмс стана милијардер

Според пишувањата на американските медиуми, кошаркарската суперѕвезда Леброн Џејмс стана шестиот спортист кој во текот на кариерата заработил повеќе од милијарда долари.

Џејмс до заработка од над милијарда долари стигна со приходите од својата прва актерска улога која ја оствари во филмот „Спејс Џем“, кој минатиот викенд започна со прикажување во кино салите.

Според проценките, актуелниот играч на Лос Анџелес Лејкерс во текот на своите 18 години поминати во НБА заработил 330 милиони долари, додека 700 милиони заработил од спонзорства и бизнис вложувања.

Пред Џејмс, заработка од милијарда долари надминале Тајгер Вудс, Флојд Мејведер, Роџер Федерер, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.


Македонија против Унгарија за место во финалето

Нашата младинска репрезентација ќе игра против домаќинот во полуфиналето од ФИБА Челeнџерот во Шопрон.

Унгарците ја завршија групната фаза со максимален ефект, совладувајќи ги Белорусија, Словачка и Косово со вкупна кош-разлика од 73 поени. Во директниот дуел за првото место, Унгарија беше подобра од Белорусија со убедливи (93:81).

Таа е единствена селекција која оствари три победи во групите од Челинџерот во Шопрон. Натпреварот е на програмата в сабота од 19.30 часот.

Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Швајцарија која беше првопласирана во групата со Македонија и Белорусија која на досегашните три меча победи на два од нив.


Сениорите го одработија главниот дел од подготовките

Машката сениорска репрезентација се врати од Маврово каде работеше во изминатите седум дена. На падините на Бистра нашите најдобри кошаркари го поминаа оној базичен дел од подготовките, секогаш најтежок во подготвителниот период.

Еден од најискусните во националниот тим, Бојан Трајковски, со свои впечатоци по сработеното на нашата планинска убавица.

„Она поради што и дојдовме во Маврово, според мене, го реализиравме во целост. Период на максимална, колективна соработка, онака како што треба да функционира една национална селекција. Дополнето со одлична работа од сите кои се дел од селекцијата. Она што е особено важно, е што ‘работевме’ и на покачување на оној тимски дух, и тоа како потребно за одлично функционирање на тимот кој треба да донесе резултат во претквалификациите за Светскиот Куп. Хемиjата, заедно со постоечкиот квалитет, е таа која треба да нè води на патот кон успехот на средбите со Словачка и со Швајцарија“- анализира Трајковски.

За новиот капитен на нашата сениорска репрезентација е важен и еден друг момент.

„Освен мали, ситни повреди, овие седум дена ги одработивме на едно максимално ниво, за кое многу ни помогнаа и луѓето од стручниот штаб. Сега, кога ја имаме основата, кога ја имаме хемијата во екипата, одиме понатаму во подготовките“.

Сениорите продолжуваат со реализација на планираните активности кои во наредниот период ќе бидат во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

„Ни недостасуваат натпревари, се надевам дека во периодот кој следува и тоа ќе дојде на ‘дневен ред’, и дека ќе провериме што досега сме работеле. Но реков добрата, работна атмосфера е предуслов за успех. Ќе настојуваме да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Продолжуваме со работата во Скопје, и на сите нас кои сме тука, со тимот, останува да се подготвиме максимално за она што следува во август“- вели Трајковски. 


Куманово и ТФТ во август ќе ги дознаат европските противници

Екипите на Куманово 2009 и на ТФТ, двата наши претставници кои се пријавија за настап во ФИБА Еврокупот, имињата на своите противници во првиот круг од натпреварите ќе ги дознаат на 19. август.

За овој термин, во хотелот „Мериот“ во Фрејзинг, од 11. часот, е предвидена да се одржи ждрепката за натпреварувачките двојки во ова натпреварување, како и во женскиот сегмент (Евролигата и Евро Купот).

Неколку дена подоцна, на 25. август, преку видео-линија, клубовите кои се дел од овие натпреварувања, ќе имаат дополнителен состанок на кој ќе бидат дефинирани датумите и сатниците за одигрување на натпреварите.