feature

Лестер спремен да испрати понуда за Дони ван де Бек

Екипата на Лестер е заинтересирана за фудбалерот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Дони ван де Бек.

25-годишниот Холанѓанец останува во континуитет на клупата а тоа сакаат да го искористат „лисиците“ и да го ангажираат во текот на зимскиот преоден рок. Тренерот,  Брендон Роџерс, не крие дека сака да го ангажира ВанДе Бек и дека е подготвен да им понуди на „црвените ѓаволи“  15 милиони евра. 

Играчот од средниот ред беше купен од Ајакс во 2020 година за големи 40 милиони евра.


Павард ќе добие втора понуда да премине во Челзи

Весникот „Билд“ наведува дека луѓето од Челзи остануваат на идејата да го ангажираат фудбалерот на Баерн Минхен, Бенџамин Павард.

Лондончани се обидоа да дојдат до потписот на  Французинот во текот на летото но, не успеаја да се договорат со колегите од Германија. Договорот на Павар истекува во 2024 година.

26-годишниот дефанзивец беше купен од Штутгарт за 35 милиони евра во 2019 година. Павар во сезонава има 11 настапи и 2 гола.


ПСЖ за Мбапе барал обештетување од 400 милиони евра

Француските медиуми пренесуваат дека наводно челниците на Париз Сен Жермен во летниот преоден рок сакале да го продадат францускиот репрезентативец Килијан Мбапе за 400 милиони евра.

Според пишувањата, адвокати и менаџери на Мбапе за време на летото преговарале со водечките луѓе на ПСЖ. Разделбата била договорена, но францускиот клуб барал обештетување од 400 милиони евра, а во исто време клубот ја одбил можноста играчот да биде продаден во Реал Мадрид. Во еден момент се јавила и можноста Мбапе да ја продолжи кариерата во Ливерпул, меѓутоа Французинот бил советуван од соработниците да остане во редовите на ПСЖ. Мбапе својот договор со клубот од Париз го продолжи до 2025.година.

Француските медиуми тврдат дека Мбапе нема намера да остане во ПСЖ и планира да го напушти клубот во јануари. Тој имал мислење дека е жртва на лажни ветувања и притисоци од клубот.


Салах испиша историја: Најбрз хет-трик во историјата на ЛШ

Екипата на Ливерпул вчера славеше кај Глазгов Ренџерс со фантастични 7-1 а мечот го одбележа напаѓачот на „црвените“, Мохамед Салах, кој влезе во историјата на Лигата на шампионите.

Репрезентативецот на Египет влезе во 68. минута и во периодот од 76-та до 82-та или за точно шест минути и 12 секунди го постигна најбрзиот хет-трик во елитата на Европа.

Претходниот рекорд го држеше Гомис кој во 2011 година за осум минути му даде три гола на Динамо Загреб (7-1).


Лопетеги ја одби понудата за тренер на Вулверхемптон

Шпанскиот фудбалски тренер Хулен Лопетеги ја одби понудата за водење на премиерлигашот Вулверхемптон. Според информациите од медиумите Лопетеги понудата ја одбил поради семејни причини.

Шпанскиот стручњак кој минатата недела доби отказ од Севиља, беше главен кандидат за нов тренер на популарните „волци“. Скај Спортс пренесува дека извршниот директор на англискиот клуб водел интензивни преговори со Лопетеги во Шпанија, како и со неговиот претставник Жорж Мендеш.

Вулверхемптон после девет одиграни натпревари во Премиер лигата се наоѓа на 18.место со шест бода и само три постигнати гола.


Селекторот Лазаров со пофалби за ракометарите после победата над Луксембург

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кире Лазаров, изрази задоволство од победата над Луксембург во првиот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година.

Избраниците на Лазаров беа убедливи во дуелот одигран во Скопје совладувајќи го противникот со 38:24. Селекторот упати пофални зборови за залагањето на ракометарите и е убеден дека играта ќе биде уште подобра на наредниот натпревар против Турција.

„Многу е тешко да ја држиш мотивирана екипата на позитива од 11 гола на полувреме. Затоа мислам дека попуштивме во второто полувреме. Им кажав на играчите да го искористиме вториот дел за тренинг, но направивме многу грешки кои со посилни репрезентации многу ќе не чинат. Одиме во Турција за три дена и сметам дека тој меч е најважен во овие квалификации. Тоа е жежок терен и мислам дека тој меч ќе биде клучен. Чест и задоволство ми е што можам да водам вака перспективна и квалитетна екипа. Се гледа дека фалат натпревари и затоа се надевам дека во иднина ќе напредуваме“, истакна Лазаров. 


Де Хеа сака нов договор во Манчестер Јунајтед

Голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа изјави дека нема намера да го напушти клубот.     

„Сакам да останам во Манчестер јунајтед многу години. Ајде да видиме што ќе се случи во иднина. Среќен сум во клубот“, изјави голманот за „БТ Спорт“. 

Де Хеа му се приклучи на Манчестер јунајтед од Атлетико Мадрид во јули 2011 година. Актуелниот договор на 31-годишниот Шпанец со англискиот клуб е со важност до крајот на јуни 2023 година. Во сезоната 2022/23, голманот прими 18 гола на 11 натпревари за Манчестер јунајтед, а на три средби ја зачува мрежата „сува“.


Баерн Минхен планира да понуди 100 милиони евра за Хари Кејн

Водечките луѓе на Баерн Минхен се подготвени во јануари да достават понуда од 100 милиони евра за напаѓачот на Тотенхем Хари Кејн.

Претседателот на Баерн во интервју за германски портал изјавил дека клубот има намера да бара вистинска замена за Роберт Левандовски и да донесе играч кој ќе гарантира 25-30 гола по сезона. Доколку Кејн се согласи на понудата од Баерн, германскиот клуб нема да штеди пари и е подготвен да плати обештетување од 100 милиони евра. 

Договорот на Хари Кејн со Тотенхем истекува во јуни 2024 година.


Луис Диаз се враќа на терените дури по Светското првенство

Напаѓачот на англискиот прволигаш Ливерпул, Луис Диаз, ќе мора подолго време да отсуствува од фудбалскиот терен поради повреда на коленото, објавија денеска британските медиуми.      

Според истите извори, колумбискиот репрезентативец ќе паузира до крајот на Светското првенство во Катар, кое е на програмата од 20 ноември до 18 декември.  Диаз се повреди во првото полувреме на првенствениот натпревар изминатиот викенд против Арсенал (2-3) кога стадионот „Емирати“ мораше да го напушти на патерици со бандажирана нога. 

Деталните лекарски прегледи констатираа дека 25-годишниот фудбалер нема да мора да го оперира коленото, но рехаблизитрацијата ќе трае долго и ќе ги пропушти следните десет натпревари на Ливерпул.


Ањели: Макс Алегри останува тренер на Јувентус до крајот на сезоната

Првиот човек на фудбалскиот клуб Јувентус, Андреа Ањели, даде свој коментар за поразот на „црно-белите“ во Израел.

Италијанскиот гигант доживеа тежок пораз од Макаби Хаифа во Лигата на шампионите, но според Ањели тоа не е доволна причина за отказ на тренерот Алегри.

„Ова беше тешка вечер и дојде период кога мора да анализираме што се случува. Ова е еден од најтешките периоди и време е за преземање на одговорност. Макс Алегри е наш тренер и имаме целосна доверба во него. Во оваа ситуација не треба да се окривува само една личност, туку целиот колектив. Можам да потврдам дека Алегри останува тренер на Јуве до крајот на сезоната“, порача Ањели.