Фудбалерот на Лестер, Хамза Чодри ќе игра како позајмен во Ватфорд до крајот на сезоната. Во договорот има опција да биде целосно откупен неговиот договoр во наредното лето доколку луѓето од Ватфорд бидат задоволни од неговите игри.
24-годишниот Англичанец кој има преку 80 настапи за „лисиците“, потекнува токму од нивната Академија. За првиот тим дебитираше во 2017 година.
Минатата кампања, Чодри одигра 12 натпревари.
Иса Диоп е нов фудбалер на Фулам
Францускиот фудбалер Иса Диоп е нов играч на Фулам, потврдуваат од лондонскиот клуб. Диоп во Фулам пристига од Вест Хем, а медиумите во Англија пренесуваат дека трансферот е вреден 15 милиони фунти.
Дефанзивецот од Франција одигра 119 натпревари за Вест Хем и постигна осум гола. Минатата сезона Диоп имаше 13 настапи во Премиер лигата.
Капело: Матиќ е поголемо засилување за Рома отколку Дибала
Легендарниот италијански фудбалски тренер Фабио Капело изјави дека српскиот фудбалер Немања Матиќ е поголемо засилување за Рома од Аргентинецот Пауло Дибала.
Матиќ и Дибала пристигнаа во тимот предводен од Жозе Мурињо ова лето. Дибала во Рим беше дочекан спектакуларно, а Капело мисли дека големо внимание заслужи да добие и Матиќ.
„Ќе биде ова возбудлива сезона. Ми се чини дека Серија А е поизбалансирана отколку порано, нешто слично како минатата сезона. Мислам дека сега и Рома е блиску до останатите топ екипи, особено после добриот преоден рок. Сите зборуваат за Дибала, но вистинска работа е ангажманот на Немања Матиќ.Тој е вистинско засилување за екипата“, истакнува Капело.
Чичарито Хернандез подготвен да игра гратис за Манчестер Јунајтед
Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Хавиер Хернандез изјави дека е подготвен да им помогне на „црвените ѓаволи“ и да игра за нив без да биде платен. Новиот менаџер на тимот Ерик Тен Хаг има сериозни проблеми во нападот бидејќи Кристијано Роналдо сака да го напушти клубот. Антони Марсијал, кој е единствениот друг играч на таа позиција, се повреди и го пропушти првиот натпревар од сезоната, поразот на Манчестер Јунајтед од Брајтон со 2-1.
„Доколку Јунајтед ме контактира, ќе се согласам. Ќе играм без пари. Секако дека би“, изјави Чичарито, кој моментално игра за Лос Анџелес Галакси. „Но, морам да го почитувам мојот клуб. Во иднина, ако се случи нешто, ќе се случи, но сега размислувам само за ЛА“, додаде 34-годишниот напаѓач.
Мексиканецот пристигна на „Олд Трафорд“ со големи очекувања. Постигна неколку решавачки голови, но како замена никогаш не се наметна во стартната постава. Неговата кариера почна да опаѓа откако Алекс Фергусон го напушти клубот во 2013 година, а една година подоцна беше позајмен во Реал Мадрид.
Кристенсен и Кеси можат да ја напуштат Барселона без ниту еден одигран натпревар
Летните фудбалски засилувања на Барселона, Андреас Кристенсен и Франк Кеси би можеле да го напуштат каталонскиот клуб без обештетување и без одигран официјален натпревар за Барса, пренесуваат шпанските медиуми.
Тоа им го овозможува клаузулата во договорот според која играчите можат да ја напуштат Барселона доколку не бидат регистрирани пред првиот натпревар од новатата сезона во Ла Лига, а тоа за Барса е дуелот со Рајо Ваљекано на 13 август.
Кристенсен пристигна во Барселона како слободен играч од Челзи, а Кеси на ист начи дојде од Милан.
Одложен стартот на Втората фудбалска лига
Иако најавено, стартното коло од новата сезона во единствената Втора македонска фудбалска лига нема да почне овој викенд. Фудбалската федерација на Македонија и официјално потврди дека стартот е одложен.
„Комисијата за натпреварување при ФФМ донесе одлука со која се одложуваат натпреварите од првото коло на ВМФЛ. Комисијата за натпреварување дополнително ќе го одреди терминот за одигрување на одложените натпреварите од првото коло во ВМФЛ“, се вели во информацијата од ФФМ.
Гакпо од ПСВ Ајндховен најнова желба на Тен Хаг
Манчестер Јунајтед е силно заинтересиран за холандскиот крилен фудбалер Коди Гакпо, пренесуваат англиските медиуми.
Тен Хаг бара напаѓач, а откако пропаднаа преговорите со Арнаутовиќ, сега „црвените ѓаволи“ ќе се насочат кон младата ѕвезда на ПСВ.
22-годишната ѕвезда на ПСВ одигра фантастична сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти, а Јунајтед спрема понуда од 30 милиони евра.
Гакпо е еден од најголемите таленти во Холандија во овој момент. Минатата сезона постигна 16 гола и 14 асистенции, па експертите му предвидуваат блескава иднина.
Јувентус го очекува доаѓањето на Депај
Италијанскиот клуб Јувентус продолжува да биде активен на трансфер пазарот ова лето. Откако клубот веќе го комплетира трансферот на Филип Костиќ од Ајнтрахт Франкфурт, легендарниот калчолигаш подготвува ангажман на Холанѓанецот Мемфис Депај од Барселона.
Медиумите пренесуваат дека тој во Торино би пристигнал како слободен играч откако ќе биде ослободен од Барселона. Сеуште не е позната висината на платата за која Депај би играл за бјанконерите , но се очекува договорот да биде потпишан на две години.
Рикиардо бара 21 милион долари да му раскине на Мекларен
Даниел Рикиардо побарал 21 милион долари за да се согласи да го раскине договорот со Мекларен, кој трае до крајот на сезоната 2023-та во Формула 1. Денеска во неколку австралиски медиуми се појавија информации кои коментираат дека Даниел несвесно станал учесник во трансфер сагата со Оскар Пјастри со кој Мекларен сака да го замени. Според непотврдени информации, Рикардо вози за 15 милиони долари годишно во Мекларен.
Наместо тоа, сепак, се претпоставува дека овие 21 милион долари се почетната точка од која започнуваат преговорите меѓу Рикардо и Мекларен за условите под кои двете страни ќе се разделат. Но, веќе е јасно дека ако Рикардо остане во Формула 1 и најде друг тим, тогаш тој ќе мора да ја врати во Мекларен сумата, еднаква на неговата плата на новото место.
На пример, ако Рикардо се врати во Алпин и потпише договор за 10 милиони долари по сезона, тогаш од 21 милион што ќе ги добие од Мекларен, мора да врати 10 милиони во тимот на Зак Браун. Во исто време, се очекува дека Мекларен ќе се соочи и со сериозни трошоци, поврзани со Пјастри и претстојниот случај во Високиот суд во Лондон – Алпин веќе најави дека ќе бара компензација за парите вложени во кариерата на Оскар.
Чурлинов пред потпис со Андерлехт
Македонскиот репрезентативец и фудбалер на Штутгарт Дарко Чурлинов најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во белгискиот клуб Андерлехт.
Според информациите Чурлинов веќе ги договорил личните услови со Андерлехт, па сега се чека само договорот околу обештетувањето кое новиот клуб ќе треба да го плати на Штутгарт. Очекувањата се дека легендарниот белгиски клуб ќе плати 4 милиони евра колку што бара германскиот тим.