feature

Педро Нето го пропушта Мундијалот во Катар

Фудбалерот на Вулверхемптон, Педро Нето ќе биде опериран на скочниот зглоб, поради што нема да може да игра за Португалија на Светското првенство во Катар, соопшти денеска англискиот клуб.

Клубот oбјави дека 22-годишниот играч за врска се повредил на натпреварот од последното коло од Премиер лигата против Вест Хем (0-2).

„По проценката и мислењето на специјалист, планирано е да се оперира. Тоа значи дека за жал тој нема да биде подготвен за претстојниот Мундијал“, се наведува во соопштението.


Макс Верстапен ја одбрани шампионската титулата во Формула 1

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, стана двократен светски шампион во Формула 1 после победата на трката за Големата награда на Јапонија во Сузука.

Второто место на патеката Сузука му припадна на Серхио Перез од Ред Бул, додека трет беше Шарл Леклер од Ферари.

Холанѓанецот Верстапен титулата ја освои на четири трки до крајот на сезоната од овогодинешниот шампионат во Формула 1, кој продолжува на 23.октомври со Големата награда на САД која се вози на патеката во Остин.


Милевски: Ја добивме најтешката можна група

Македонската фудбалска репрезентација ги доби противниците во квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Извлекувањето на ждрепката му донесе атрактивни и многу силни противници на македонската селекција. Англија е главен фаворит во групата, во која уште се наоѓа и бранителот на европската титула Италија која сигурно ќе бара одмазда за поразот во баражот за Катар. Украина е уште еден доста силен противник со кого ќе ги одмериме силите, а може да се каже дека фаворити сме во дуелите со Малта.

„Ова е фудбалски предизвик за сите нас. Ја добивме најтешката можна група. Веројатно и сами да биравме, посилни противници немаше да можевме да избереме. Но ние веќе се навикнавме на ваква среќа“, изјави селекторот Милевски.


Манчини: Македонија е најсилен противник од четвртиот шешир

Селекторот на Италија, Роберто Манчини не е среќен што за противник во квалификациите за ЕП ја доби селекцијата на Македонија.

Манчини се уште не го заборавил поразот во Палермо во баражот за СП и повика на претпазливост пред дуелите со Македонија.

„Имав некое претчувство дека ќе ги добиеме Англија или Франција. Но, секогаш е предизвик да се игра против Англија на Вембли. Македонија? Тоа е најтешкиот ривал од четвртиот барабан, сите видовте како беше во Палермо, не смееме да се опуштиме“, изјави Манчини.


Гребој го продолжи договорот со ПСЖ

ПСЖ објави дека ја продолжува соработката со Матје Гребиј. Искусниот репрезентативец на Франција во тимот на „светците“ ќе остане уште две сезони, односно до јуни, 2025 година.

Гребиј во ПСЖ пристигна во текот на 2020 година од поранешниот европски првак Монпелје, клуб со кој во сезона 2017/18 ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци за својот тим во најквалитетното европско натпреварување и сезоната ја заврши со 32 постигнати погодоци во мрежата на противниците.


Галтие го сака Обамејанг во Париз

Пјер Емерик Обамејанг на почетокот од годинава го напушти Арсенал и се пресели во Барселона, но неговата авантура на Камп Ноу кратко траеше.

Со доаѓањето на Роберт Левандовски, место на Габонецот во тимот беше загрозено, Челси притисна за неговиот потпис, па во послендите денови од преодниот рок, напаѓачот се врати во Премиерлигата.

И покрај тоа што е дел од „сините“ едвај еден месец, низ медиумите веќе се појавија информации за нов трансфер. Од Франција пристигнуваат вести кои велат дека раководството на ПСЖ стапило во контакт со агентите на Пјер Емерик Обамејанг и опипуваат терен за трансфер.

Тренерот Кристоф Галтие добро го познава Пјер Емерик Обамејанг, двајцата имаа успешна соработка во Сент Етјен.


Рибери заминува во пензија во 39-тата година од животот

Поранешниот француски фудбалски репрезентативец Франк Рибери одлучи да стави крај на професионалната кариера.

Рибери е член на Салернитана, а со италијанскиот клуб има договор до крајот на сезоната. Скај Спорт објави дека Рибери одлучил да ја прекине кариерата поради проблеми со повредите и одлуката наскоро и официјално ќе ја објави. Францускиот фудбалер сезонава поради проблеми со коленото одигра само 36 минути.

Рибери во кариерата настапуваше за Булоњ, Алес, Брест, Мец, Галатасарај, Марсеј, Баерн Минхен, Фиорентина и Салернитана.

Најголем печат остави во Баерн освојувајќи со клубот од Минхен вкупно 23 трофеи.

Во дресот на француската репрезентација што го носеше од 2006 до 2014 година одигра 81 натпревари и постигна 16 голови.


Лука Дончиќ прв кандидат за МВП на НБА лигата за наредната сезона

Според анкетата која челниците на НБА ја спроведоа со генералните менаџери на сите клубови, кошаркарот на Далас Маверикс Лука Дончиќ е главен кандидат за најкорисен играч во наредната сезона.

Дури 48% од анкетираните сметаат дека Словенецот Дончиќ е прв фаворит за МВП. На второ место е кошаркарот на Милвоки Гркот Јанис Адетокумбо со 34% од гласовите, а потоа следат Џоел Ембид од Филаделфија и Стеф Кари од Голден Стејт. 

Споре анкетата на менаџерите, најголеми шанси за титулата во наредната сезона има тимот на Милвоки, пред Голден Стејт и Бостон.

Новата сезона во НБА започнува на 19.октомври.


Леброн Џејмс сака свој НБА клуб од Лас Вегас

Легендарниот американски кошаркар Леброн Џејмс ги обелодени своите планови по пензионирањето, наведувајќи дека сака да биде сопственик на НБА клуб со седиште во Лас Вегас.    

„Би сакал да донесам тука клуб во догледно време, им изјави Џејмс на новинарите, откако постигна 23 поени во поразот на Лос Анџелес Лејкерс од Феникс во претсезонски натпревар одигран в Лас Вегас“, рече Леброн. 

Потоа преку медиумите испрати порака до комесарот на НБА лигата Адам Силвер. 

„Тој веројатно го гледа секое интервју кое доаѓа од НБА играчите. Адам, сакам да донесам клуб тука“. рече Џејмс. 

Ова не е прв пат Џејмс да се поврзува со потенцијално нов клуб во Лас Вегас, меѓутоа, според правилата на играта не може да има сопственички удел во НБА екипа додека не замине во пензија.


Меси: Ова е најверојатно моето последно Светско првенство

Медиумите од Аргентина ја пренесуваат веста дека фудбалерот на Париз Сен Жермен Лионел Меси најавил крај на својата репрезентативна кариера после завршувањето на Светското првенство во Катар.

35-годишниот Меси за селекцијата на Аргентина има одиграно 164 натпревари и постигнал 90 гола. Тој минатата година со репрезентацијата го освои трофејот во Копа Америка.

Мундијалот во Катар ќе се одржува од 20.ноември до 18.декември, а Аргентина ќе настапува во група со репрезентациите на Мексико, Полска и Саудиска Арабија.