feature

Челзи ќе се обиде да го доведе Нејмар

Англискиот весник „Мирор“, објавува дека сопственикот на Челзи, Тод Боели, наводно се сретнал со претседателот на Париз Сен Жермен, Насер Ал-Хелаифи, за да разговараат околу потенцијалниот трансфер на Бразилецот Нејмар.

Клубот од „Стенфорд Бриџ“ после добивањето на нов сопственик потроши огромна сума на пари за нови засилувања во тимот, и се чини дека „сините“ ќе продолжат со својата политика на трошење.

Според информациите од весникот, Боели бил во француската престолнина во вторникот пред дуелот на ПСЖ во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.

Иднината на Нејмар во клубот од Париз е под знак прашалник, бидејќи оваа сезона бразилскиот напаѓач наводно бил во постојани расправии со некои соиграчи, но и со спортскиот директор.


Родриго можел да потпише за Барса, но во последен момент завршил во Реал

Бразилскиот фудбалер Родриго игра одлично во Реал Мадрид, но неговиот фудбалски пат можел да биде поинаков затоа што интерес покажала и Барселона.

Во Реал Мадрид, Родриго пристигна летото 2019 година и за него „кралевите“ платија сума од 45 милиони вра.

Реал Мадрид прв доставил понуда и бидејќи бил побрз ја добил трката со најголемиот ривал.

„И претходно сум ја кажувал приказната, татко ми донесе два дреса – еден од Барселона и еден од Реал Мадрид. На мене остави да изберам и не ми беше лесно. Бев изненаден затоа што се имав договорено со Барселона, не очекував дека Реал Мадрид ќе испрати понуда. Во еден момент бев исплашен, но тоа беше и еден од моите најсреќни моменти во животот“, раскажа Бразилецот.


Тен Хаг не се откажува од ангажман на Де Јонг

Како што открива весникот „Мејл“, Манчестер Јунајтед е се уште заинтересиран околу можноста ова лето да го ангажира Френки де Јонг од Барселона. Минатото лето двата клуба постигнаа договор за негов трансфер, но холандскиот играч за врска реши да остане во Барселона. Сепак, тренерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг, сака повторно да се обиди и да го донеси својот сонародник на „Олд Трафорд“.

 Тен Хаг испрати пофални зборови за Де Јонг на прес-конференција пред натпреварот од Лига Европа помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед.

 „Френки е неверојатен играч. За било кој светски клуб тој би бил огромно засилување, бидејќи поседува уникатен квалитет. Ако успеете да го добиете во тимот, тогаш тоа е полн погодок“, изјавува Тен Хаг.


Заврши сезоната за Никола Карабатиќ

Францускиот ракометен шампион, Париз Сен Жермен, објави дека Никола Карабатиќ ќе мора да паузира три месеци, што значи дека сезоната за него е веќе завршена.

Според информациите од клубот, еден од најдобрите ракометари на сите времиња, има проблеми со површинските вени на десната нога. Карабатиќ повредата започна да ја чувствува на Светското првенство на кое со репрезентацијата на Франција го освои сребрениот медал.

Париз Сен Жермен ќе мора да игра без Карабатиќ на фајнал-фор турнирот во Келн, како и во борбата за титула во домашното првенство каде најголеми коннкуренти се екипите на Монпење и Нант.


Рамон Менезес е привремен селектор на Бразил

Бразилската фудбалска федерација соопшти дека Рамон Менезес ќе биде привремен селектор на А репрезентацијата до назначување на нов селектор.

Бразил после Светското првество остана без селектор откако Тите си поднесе оставка, а многу тренерски имиња се поврзуваат со кормилото на „криоките“.

Менезес ја водеше селекцијата на Бразил до 20 години до титулата шампион на Јужна Америка, а сега ќе ја предводи А селекцијата на пријателскиот меч со Мароко.

Бразилците сакаат да доведат етаблирано тренерско име, а неколку европски тренери се поврзуваат со селекторското место.


Португалецот Соуса ја презеде Салернитана

Салернитана и официјално го отпушти тренерот Давиде Никола. По лошите резултати во последно време, а особено последниот пораз од Верона, управата се одлучи да се раздели со Никола, кој пред само еден месец чудно успеа да го преживее поразот од Аталанта со 8:2, иако и тогаш беше најавена негова смена.

Овој пат заминувањето е официјално потврдено, а Салернитана денеска треба да го назначи Португалецот Пауло Соуса за свој нов тренер. Тој се појави како главен кандидат откако клубот првично започна разговори со Бепе Јакини.

Соуса ќе потпише петмесечен договор со опција за продолжување на две години.


Специја го отпушти тренерот Готи

Калчолигашот Специја ја прекина соработката со тренерот на првиот тим Лука Готи.

Причина за отказот на Готи е серијата на лоши резултати на клубот кој од почетокот на јануари има остварено само една победа, а запиша три нерешени и три порази.

Лука Готи во Специја е од месец јули кога на клупата го замени Тијаго Мота. Во моментот клубот се наоѓа на 17.место од табелата после одиграни 22 натпревари.

Специја е шести клуб во Серија А кој има тренерска смена сезонава.


Мексиканецот Араухо потпиша за Барселона

Јулијан Араухо ќе стане нов член на Барселона! Ако се сеќавате, станува збор за десниот бек на Лос Анџелес Галаси чиј трансфер наводно бил блокиран од Ла Лига на полноќ на 31 јануари, бидејќи документацијата не стигнала навреме. Барса испрати жалба до ФИФА, а две недели подоцна Фабрицио Романо и бројни сигурни извори тврдат дека Араухо ќе потпише договор до 2026 година и веќе е на пат за Каталонија.

Барселона за неговото обештетување ќе плати до четири милиони евра, а во таа сума се вклучени и бонуси.

Мексиканецот игра на позицијата десен бек, а Барса го следи од поодамна. Тој беше член на нејзината академија во САД од која си замина од ЛА Галакси.

Се очекува првично да биде пријавен како член на Барселона Атлетик (Б тимот), но да тренира со првиот тим и постепено да добива шанса кај Чави Хернандез.

Араухо има само 21 година, а интересно е што во Барселона Атлетик ќе соработува со својот сонародник Рафаел Маркез, кој е тренер на Б тимот.


Јокиќ повторно руши НБА рекорди

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ повторно руши НБА рекорди во дресот на Денвер Нагетс. Неговиот тим забележа победа над Далас Маверикс, а Јокиќ на натпреварот го постигна својот 21 трипл дабл со учинок од 14 поени, 13 скока и 10 асистенции.

На овај начин Јокиќ пред паузата за НБА Ол-стар натпреварот, оствари преку 500 скокови и асистенции во една сезона, нешто кое пред него го имаат остварено само Расел Вестбрук во 2016/17, 2017/18 и 2018/19, и Оскар Роберстон во сезоната 1961/62.


Коман објасни зошто не го славел голот во Париз

Напаѓачот на Баерн, Кингсли Коман објасни зошто не го прославил голот постигнат против ПСЖ (1-0) во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Да се постигне гол на „Паркот на принцовите“ е детски сон. Тоа беше посебен момент. Ова е клубот во кој пораснав, градот во кој сум роден. Не сакав да го прославам голот пред навивачите“, изјави Коман на новинарот Фабрицио Романо на своите социјални мрежи.

Да потсетиме дека 26-годишниот Французин потекнува од школата на ПСЖ. Тој одигра четири натпревари за клубот од 2013 до 2014 година. Коман за Баерн игра од 2015 година. Исто така е интересно што на оваа средба, крилниот напаѓач постави рекорд во Лигата на шампионите со 39-та победа во првите 50 натпревари од ова натпреварување.