Барса му ја довери четиринаесетката на Маркус Рашфорд
Англискиот напаѓач е ново засилување за Барселона. Тој беше претставен како најново име во тимот на Жоан Лапорта.
Рашфорд ја задолжи опремата со број 14 и стана најголемото летно засилување на шпанскиот првак. Тој е третото засилување на „Камп Ноу“ ова лето, по Џоан Гарсија од Еспањол и Руни Бардџи од Копенхаген.
Дебито на Англичанецот се очекува на азиската турнеја на Барселона, а тој е ангажиран како алтернатива откако клубот не успеа да го доведе Нико Вилијамс, како и Луис Диаз.
Ливерпул го претстави Уго Екитике
Уго Екитике и официјално е нов фудбалер на Ливерпул. На „Енфилд“ тој доаѓа од Ајнтрахт Франкфурт, чиј член беше во минатата година и половина. Францускиот напаѓач блесна играјќи за германскиот тим и го привлече вниманието на премиерлигашите.
За услугите на Екитике Ливерпул ќе исплати вкупно 95 милиони евра, од кои 80 се фиксна сума, 10 се лесно достижни, а уште пет потешко достижни бонуси.
Со „црвените“ Екитике парафира договор на шест години, а клубот најави дека неговиот број на дресот ќе биде објавен во наредниот период.
Јакимовски го откажа настапот во претквалификациите
Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со интензивните подготовки во Гевгелија, каде што тренира во спортскиот центар „Ноел“, а е сместена во хотелот „Аполонија“, лоциран во срцето на градот во јужниот дел на државата.
Но, стручниот штаб се соочи со нова главоболка – отсуството на Андреј Јакимовски. Иако се очекуваше да им се приклучи на соиграчите, по неговиот потпишан договор со италијанскиот клуб Тренто, медицинските тестови откриле помала повреда што ќе го оддалечи од теренот најмалку петнаесет дена.
Поради тоа, Јакимовски нема да биде во можност да настапи во натпреварите од претквалификацискиот циклус, што претставува дополнителна компликација за селекторот Илиевски во креирањето на ростерот за мечевите против Романија и Унгарија.
Во меѓувреме, репрезентацијата го очекува пристигнувањето на натурализираниот играч Вајли, кој треба да пристигне утре во Гевгелија. Со неговото доаѓање, стручниот тим конечно ќе го има целиот состав подготвен за првиот натпревар на 2 август во Куманово против Романија.
Седлоски: Вардар може да игра против секој ривал
Екипите на Вардар и Лозана вечерва ќе го одиграат првиот натпревар од второто коло од Конференциската лига на УЕФА. Тренерот Гоце Седлоски им ја даде фаворитската улога на ривалот, но потенцира дека нашиот претставник нема да се предаде.
„Лозана е добар противник, мора да биддеме свесни дека ни следи еден тежок меч и тешки први 90 минути. Се работи за доста квалитетна екипа која ланската сезона ја заврши на петтата позиција во Швајцарија, а знаеме каде оди швајцарскиот фудбал и како напредува. Се зависи од ривалот како ќе ни дозволи да играме, но знам дека секој што ќе излезе на терен ќе го даде максимумот за реваншот кој го имаме на гости за седум дена. Очекувам еден добар меч. Ние следевме како игра ривалот, знам и јас како се игра таму бидејќи сум играл во Австрија. Но, тоа ќе го оставам за мене, треба да одлучам како ќе се поставиме на теренот. Тешко беше да се игра во Сан Марино против еден бункер, но наша цел беше да минеме во следна рунда и успеавме во тоа. Не би давал прогнози, па нека победи оној кој е подобар.“, изјави Седлоски.
Натпреварот меѓу Вардар и Лозана се игра на Арената „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 20:30 часот.
Ждрепката одлучи: Женската сениорска репрезентација на Македонија во група со Грција, Хрватска и Данска
Денешната ждрепка во Минхен нашата женска сениорска репрезентација ја дочека во четвртиот „шешир“, заедно со оние на Естонија, Кипар, Австрија, Ирска, Азербејџан.
А одлучи дека нашата женска сениорска репрезентацијаа ќе биде дел од групата Ф во која се уште селекциите на Грција, Хрватска и Данска.
Вкупно 38. национални селекции кои го пријавија своето учество во квалификциите, ќе треба да поминат две фази, прва и втора квалификациска, преку четири „прозори“ на ФИБА.
ГРУПА А: БиХ, Израел, Луксембург, Ирска
ГРУПА Б: Словенија, Летонија, Холандија, Естонија
ГРУПА Ц: Словачка, Полска, Романија, Кипар
ГРУПА Д: Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Австрија
ГРУПА Е: Црна Гора, Украина, Бугарија, Азербејџан
ГРУПА Ф: Грција. Хрватска, Данска, МАКЕДОНИЈА
ГРУПА Г: Србија, Португалија, Исланд
ГРУПА Х (ОРГАНИЗАТОРИ): Белгија. Шведска. Литванија, Финска
Албанија драконски казнета за инцидентите на мечот со Србија
Албанија драконски казнета за инцидентите на мечот со Србија Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја казни Фудбалската федерација на Албанија (ФШФ) по натпреварот против Србија, одигран на 7 јуни во Тирана, во рамките на квалификациите за пласман на Светското првенство 2026. ФИФА ги информираше Албанците дека мора да платат 173.000 евра поради инцидентите што ги предизвикаа навивачите на споменатиот натпревар.
Причината се навредите кон Србите, како и фрлањето предмети, со кои беа погодени неколку српски репрезентативци.
„Оваа казна е последица на повтореното несоодветно и пристрасно однесување на некои албански навивачи: песни со пристрасна содржина, фрлање предмети, палење пиротехника, упатени пораки несоодветни за спортски настан и прекини за време на изведувањето на националните химни“, се наведува во соопштението.
Покрај паричната казна, 20% од капацитетот на стадионот ќе бидат затворени за натпреварот со Латвија.
Инцидентите се случија и покрај големите напори на ФШФ за ограничување влезот на проблематичните навивачи на стадионот. Така, забрането беше присуство на навивачи од Македонија и Косово, но и локалните сепак се погрижија проблеми да има.
Инаку, натпреварот заврши без голови, а присуствуваа 20.427 гледачи.
Турска компанија ја купи штипска Брегалница
Македонскиот фудбалски второлигаш Брегалница сезоната ја почнува со нов инвеститор и со ново раководство и стручен штаб, најавија на денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и новиот турски сопственик Мурат Шамил Шен.
Новиот турски инвеститор во штипска Брегалница е познато име на турскиот фудбал и поранешен репрезентативец кој играл за познати клубови во Германија и Турција, меѓу кои и за гигантот Фенербахче.
„Согласно донесената одлука на Советот на Општина Штип веќе се преземени 100% од акциите од досегашниот сопственик Кирил Гогов и од денеска почнува постапката за продажба на 85 проценти од акциите на идниот и нов сопственик, познат спортски работник од Република Турција, којшто денеска е со нас, а тоа е господин Мурат“, изјави Јорданов.
Тој додаде дека на новиот инвеститор во фокусот ќе му бидат младинските категории, а постепено клубот ќе се гради за високи патеки и враќање во елитата.
Новиот инвеститор од своја страна посочи дека неколку години бил заинтересиран за инвестиции во спортски клуб, како дополнување на постојните вложувања кои се присутни во други области во Македонија.
„Ние веќе три години имаме свои инвестиции во други сегменти во Македонија и, исто така, баравме фудбалски и кошаркарски клуб. После толку барања и средби со неколку клубови одлучивме да инвестираме во ФК Брегалница“, рече Шен.
Турскиот инвеститор објави дека нов шеф на стручниот штаб на Брегалница во новата сезона ќе биде искусниот стратег Влатко Костов, кој е роден штипјанец.
Брегалница веќе води преговори и за нови засилувања, кои ќе треба да се промовираат во следните денови, а, исто така, се договорени пријателски натпревари и утврден е планот за подготовки за новата сезона во Втората фудбалска лига која стартува на 23 август.
Од страна на новото раководство на Брегалница беа најавени вложувања во реконструкција на теренот, како и изградба на нова трибина на Градскиот стадион во Штип.
Фабрегас ги одби сите понуди за да остане во Комо
Шпанскиот фудбалски тренер Цеск Фабрегас изјави денеска дека воопшто не ја разгледал понудата на Интер, бидејќи верува во проектот за развој на Комо, кој веќе потроши сто милиони евра за засилувања ова лето, јавија италијанските медиуми.
„Ја примив понудата, но не размислував за заминување. Минатото лето потпишав четиригодишен договор, а тоа не го правите ако се сомневате во проектот“, рече Фабрегас, кој почна тренерска кариера, откако со голем успех настапуваше во Арсенал, Барселона и шпанската репрезентација.
Минатата сезона, Комо заврши на десеттото место во Серија А, а сега амбициите се многу поголеми. Во јануари, Комо потроши 50 милиони евра за засилувања, а ова лето веќе издвои сто милиони евра за играчи кои треба да донесат успешна сезона во Серија А.
Најскапо беше платен крилниот напаѓач на Бетис, Хесус Родригез (19), за кого Комо издвои 22,5 милиони евра. Хрватот Мартин Батурина (22) се пресели од Динамо во Комо за 20 милиони евра, додека италијанскиот клуб плати 19 милиони евра за крилниот напаѓач на Селтик, Николас Кун (25).
Сè уште се чека доаѓањето на искусниот напаѓач на шпанската репрезентација, Алваро Мората (32), како и на дефанзивецот Јакобо Рамон (20).
ЕМОФ Скопје 2025: Младите македонски кошаркари подобри од Германија во Баскет 3х3
Во рамките на третиот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, младите кошаркари и ја донесоа вкупно втората победа на Македонија на ЕМОФ, совладувајќи ја Германија во Баскет 3х3 со резултат 14-10. Најефикасен во нашиот тим беше Благојче Димитриовски со десет постигнати поени, Ѓоровиќ постигна два, додека по еден реализираа Марковски и Стојановски. По синоќешната победа над Литванија 14-11, девојките денеска убедливо беа поразени од Германија 4-21.
Во останатите екипни спортови, македонските репрезентации повторно останаа без триумф. Најблиску до победа беше машката кошаркарска репрезентација, која по продолжение загуби минамално од Летонија со 97-98, додека девојките беа декласирани од Германија со убедливи 18-91. Младите ракометари трет пат загубија, овој пат од Исланд со 27-36, додека ракометарките беа поразени од Норвешка со 23-31. Порази доживеаја и одбојкарските селекции, момчињата од Белгија со 0-3 и девојките од Турција 0-3.
Третиот ден го одбележа и стартот на натпреварите во маунтајн бајк, што се одржаа во Куманово. Во машка конкуренција триумфираше Ларс Пирс од Белгија со време 59:06 минути, додека кај жените златниот медал го освои Швајцарката Јаел Клаусер со резултат 55.56 минути.
Во фокусот на атлетските возбудувања во националната арена „Тодор Проески“ се најде натпреварувањето во машка конкуренција во скок со височина, во кое двајцата најдобри прескокаа иста височина од 2,15 метри. Поради помалку обиди за скок, златото му припадна на Гркот Харалампос Алвизатос, додека Чехот Војтех Зајичек со идентична прескокната височина мораше да се задоволи само со сребрениот медал.
Јере Пенти Филјами од Финска се закити со златниот медал во фрлање копје со фрлени 74,54 метри, додека во трката на 5 километри брзо одење триумфираше Италијанецот Николо Видал со време од 20:22.43 минути.
Пливачките натпревари во „Олимпискиот базен“ во Скопје исто така донесоа многу возбудувања. Во финалната трка на 200 метри мешано во машка конкуренција најбрз беше Британецот Остин манли со време 2:07.23 минути., додека на 100 метри слободно, до златото исплива Италијанецот Даниеле Фиорели со резултат 51.89 секунди.
Во трката на 200 метри пепeрутка кај мажите триумфираше Арел Гултекин од Турција со време 2:00,33 минути, додека на 100 метри градно во женска конкуренција најбрза беше Унгарката Петра Пуза со резултат за злато од 2:30,75 минути.
Палиња од Баерн се сели во Тотенхем
Португалскиот играч од средниот ред на Баерн Минхен, Жоао Палиња, може да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Како што објави инсајдерот Флоријан Плетенберг на социјалната мрежа X, лондонски Тотенхем покажува интерес за дефанзивниот играч од средниот ред на Баерн Минхен.
Според изворот, актуелниот победник на Лигата на Европа на УЕФА покажува одреден интерес за играчот, а Баерн Минхен е подготвен да ги разгледа понудите за него. Претходно се шпекулираше дека Интер и Манчестер Јунајтед се заинтересирани за Палиња.
Португалецот минатото лето од Фулам се пресели во Баерн. Трансферната сума изнесуваше 51 милион евра. Според гласините, тимот од Минхен е подготвен да се раздели од 30-годишниот фудбалер за 25-30 милиони евра.