feature

Феенорд ќе добие нов тренер, Ван Перси доби отказ

Робин ван Перси, поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и Арсенал, е отпуштен од тренерската позиција во Феенорд. На клупата тој мина 18 месеци. Ван Перси се врати во својот матичен клуб во февруари 2025 година, и покрај тоа што обезбеди место во Лигата на шампионите, си замина по сезона без освоен трофеј.

42-годишниот стручњак го водеше клубот во 58 натпревари, забележувајќи 30 победи и 19 порази. Тој беше унапреден на позицијата главен тренер главно благодарение на успехот што го имаше со помладите тимови под водство на Дик Адвокат.

Техничкиот директор на Феенорд, Деви Риго, ги објасни причините за оваа одлука.

„Спроведовме темелна внатрешна анализа“, рече Риго. „Го зедовме предвид развојот на прикажаната игра и трендот на опаѓање во освојувањето бодови, како во Европа, така и во Ередивизие. „Заклучивме дека би било подобро да ја започнеме следната сезона со нов главен тренер“, додаде тој.

18-те месеци на Ван Перси во неговиот матичен клуб беа нестабилни. Претходно во сезоната, тој ја изненади јавноста кога му понуди шанса на поранешниот англиски напаѓач Рахим Стерлинг да ја оживее својата кариера, но тој потег не се покажа како успешен.

Како играч, Ван Перси го помина поголемиот дел од својата кариера во Арсенал од 2004 година, со кого го освои ФА Купот, пред да се пресели во Манчестер Јунајтед во 2012 година и веднаш да ја освои титулата во Премиер лигата во својата прва сезона.


Цени до воздух за НБА-финалето во Њујорк

Интересот за финалната серија во НБА лигата достигна рекордни размери, а цените на билетите за натпреварите во легендарната сала „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк рушат досегашни рекорди.

Според податоците од платформите за продажба на билети, најевтиниот билет за третиот натпревар од финалната серија чини 11.461 долар, додека за четвртиот меч навивачите треба да издвојат најмалку 13.065 долари.

Тоа значи дека љубителите на кошарката кои сакаат да присуствуваат на двата финални натпревари во Њујорк ќе треба да платат повеќе од 24.500 долари само за билети, без да се пресметаат трошоците за патување, сместување и останати придружни трошоци


Бронза за Милијана Рељиќ на Европскиот Куп во Германија

Македонската олимпијка, Милијана Рељиќ, успеа да освои бронзен медал на Европскиот Куп во Германија. Таа во првото коло ја победи Натали Тадиќ од Хрватска со 2-0.

Во второто коло Мила беше поуспешна од Ингибјорд Греташтодир од Исланд, па во борбата за медал по исцрпувачка борба со олимпијката Чаима Тоуми од Тунис, нашата таеквондистка во последна секунда успеа да изнуди 5 техничка грешка и така со 2-1 во рунди освои бронзен медал.

Во полуфиналната борба Мила се сретна со олимпијската шампионка од Париз, Вивијана Мартон од Унгарија и загуби со 2-0 во рунди. Ова се нови 14,4 поени кои ќе се придодадат на новата ранкинг листа која стартува на 1 јули за ртанкинг и за ЛОИ во Лос Анџелес 2028.


Мец првпат е европски првак во женски ракомет

Ракометарките на Мец одиграа феноменално на завршниот турнир од Лигата на шампионите. Во полуфиналето победија против Букурешт со 32-27, а во финалето го симнаа од тронот тимот од Ѓер 31-29 (18-17).

Мец стигна до првата титула во историјата кога станува збор за Лигата на шампионите, а Ѓер не успеа да стигне до третата титула по ред, не успеа да го зголеми бројот на трофеи од седум на осум. Во борбата за третото место, тимот од Букурешт го победи Брест со 32-26.

Сара Букит постигна 12, Тика Акснер, Луси Грание, Лена Грандво и Ана Албек по три гола за новите европски шампионки.

Кај Ѓер, Алмеида де Паула постигна седум гола, Тјаша Станко и Диони Хушер по пет, Натали Хагман четири гола.


Зверев го освои Ролан Гарос и го разби малерот во Грен слем финалињата

Александер Зверев со 3-2 (6-1, 4-6, 6-4, 7-6, 6-1) го победи Флавио Коболи и за првпат во својата кариера освои грен слем турнир.

За Зверев ова беше четврто грен слем финале, Германецот долго време чекаше на ваква титула, а овојпат патот за такво нешто му беше отворен со отсуството на Алкараз и елиминациите на Синер и Ѓоковиќ.

Зверев не ја пропушти шансата која многумина ја нарекоа „сега или никогаш“. Одигра меч на високо ниво и заслужено го победи Италијанецот Коболи.

Германскиот тенисер фуриозно го почна мечот, го доби првиот сет со 6-1. Но, Коболи не се предаде, го зема вториот сет со 6-4 и израмни на 1-1 во сетови.

Во третиот сет Зверев возврати со иста мерка, го доби со 6-4 и повторно поведе, овојпат со 2-1. Четвртиот сет донесе тајбрејк кој го доби Коболи со 7-5 и израмни на 2-2.

Зверев го заврши натпреварот идентично како што го почна, го доби и петтиот сет со 6-1 и ја завери победата од 3-2. Мечот траше четири часа и 19 минути.

Германецот ја прослави првата грен слем титула.


Одбојкарките убеедливо поразени од Португалија

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија загуби со 3-0 и од Португалија во вториот натпревар од Европската лига.

Натпреварот кој се одигра во „Павиљао де Деспортос“ во целост му припадна на домашниот тим.

Македонија следниот викенд продолжува на вториот турнир во Аликанте. Прво на 12 јуни е закажан дуелот со домаќинот Шпанија, а ден подоцна ќе се судри со репрезентацијата на Азербејџан.

За две седмици отсега Македонија ќе биде домаќин на третиот турнир и ќе одигра два меча против Словенија и Хрватска.


Марк Маркез слави стота победа во кариерата

Марк Маркез победи на денешната трка за Големата награда на Унгарија во шампионатот на Мото ГП. На патеката Балатон Парк Маркез стигна до својата 100-та победа во сите класи.

Со тоа Шпанецот им се приклучи на Џакомо Агостини и Валентино Роси кои имаат повеќе победи од него, а како единствените со 100+ победи во кариерата.

Маркез ја помина целта во Унгарија за 42 минути и 23,337 секунди. Второто место го освои Педро Акоста од тимот КТМ, а Франческо Бања, колега на Маркез, заврши на третото.

Во генералниот пласман нема промени по трката во Унгарија. Марко Безеки води со 180 бода, Мартин има 160, а Ди Џанантонио е трет со 138 бода. Со денешната победа Маркез сега е петти со 108 бода.

Шампионатот продолжува на 21 јуни со трката во Брно за Чешка.


Ериксен пак се сруши среде натпревар, негова здравствена состојба е стабилна

Данскиот фудбалер и играч од средниот ред, Кристијан Ериксен, се освести откако колабираше за време на пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина, соопшти прес-службата на данската репрезентација.

Инцидентот се случил во 65. минута од натпреварот, кога Ериксен ненадејно ја изгубил свеста и паднал на тревникот. Медицинските екипи веднаш интервенирале, а по кратко време фудбалерот успеал да стане на нозе.

Под силен аплауз од присутните навивачи, Ериксен го напуштил теренот во придружба на својата сопруга Сабрина.

Судијата најпрво го прекинал натпреварот за да му биде укажана лекарска помош на данскиот репрезентативец, а подоцна одлучил средбата да биде завршена предвреме.

Настанот неизбежно потсети на драматичните сцени од Европското првенство во 2021 година, кога Ериксен колабираше за време на натпреварот меѓу Данска и Финска. Тогаш данскиот фудбалер доживеа срцев удар на теренот, а лекарите успеаја да го реанимираат и да му го спасат животот.

По тој инцидент, му беше вграден пејсмејкер, по што успешно се врати на професионалниот фудбал и продолжи да настапува на највисоко ниво.

Засега не се соопштени дополнителни информации за причините за најновиот здравствен инцидент и за состојбата на Ериксен.


Познати групите од новоформираната регионална лига во ракомет

Регионалната ракометна лига во машка конкуренција својот старт ќе го има на 23 август и ќе трае се до февруари, а потоа ќе биде одигран и завршниот турнир на најдобрите четири екипи.

Во првата сезона од новото натпреварување ќе учествуваат 10 екипи, по четири од Македонија и Србија, како и две од Црна Гора.

Веќе е познато дека екипите ќе бидат поделени во две групи од по пет екипи, а секоја од нив ќе одигра по осум меча.

Во групата „А“ се екипите на Вардар, Охрид, Војводина, Динамо Панчево и Будва. Во групата „Б“ ќе разигруваат Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Партизан, Дубочица и Ловќен. Најдобрите две екипи од двете групи ќе обезбедат пласман на завршниот турнир.

Она што е интересно, натпреварите на екипите кои се од иста земја ќе се сметаат и за домашното првенство и за Регионалната лига

Натпреварите на екипите кои се од иста земја ќе се сметаат и за домашното првенство и за Регионалната лига.


Гарбахоса: Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација пак е на вистинскиот пат

Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, престојуваше во Скопје по повод одржувањето на единаесеттото издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која во изминатите четири дена успешно беше организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондацијата.

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата и за насоката во која се развива македонската кошарка.

„Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“, истакна Гарбахоса за време на заедничката вечера со учесниците на конвенцијата, притоа изразувајќи задоволство од организацијата и од посветеноста која федерацијата ја покажува во развојот на кошарката кај најмладите категории.

Скопје изминативе денови беше европски центар на минибаскетот. Главниот град на Македонија беше домаќин на единаесеттото издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која обедини тренери, едукатори, спортски работници и претставници на национални федерации од речиси 40 европски земји.

Настанот понуди богата програма исполнета со едукативни предавања, практични работилници и размена на искуства, со заедничка цел – унапредување на минибаскетот и создавање подобри услови за правилен развој на најмладите кошаркарки и кошаркари низ Европа.

Позитивните оценки од раководството на ФИБА Европа претставуваат уште едно признание за успешната организација на настанот и за напорите што Кошаркарската федерација на Македонија ги вложува во развојот на кошарката на сите нивоа.