feature

Договорена продажбата на Челзи

Премиерлигашот Челзи и официјално потврди дека се договорени условите за купување на клубот од страна на конзорциумот на Тод Боели.

„Фудбалскиот клуб Челзи може да потврди дека се договорени условите за продажба на клубот. Од вкупната инвестиција, 2,5 милијарди фунти ќе бидат искористени за купување акции во клубот, а средствата ќе бидат депонирани на замрзната банкарска сметка во Велика Британија, со намера 100% да се донира во добротворни цели, како што потврди Роман Абрамович. За таквиот трансфер ќе се бара одобрение од Владата на Обединетото Кралство.

Дополнително, новите сопственици ќе одвојат 1,75 милијарди фунти за дополнителна инвестиција во корист на клубот. Ова вклучува инвестиции во стадионот, академијата, женскиот тим и тековно финансирање на Фондацијата Челзи.

Се очекува продажбата да заврши до крајот на мај, по сите потребни регулаторни одобренија. Тогашќе бидат соопштени повеќе детали“, соопштуваат од Челзи.


Нагелсман оптимист околу иднината на Левандовски во Баерн

Иднината на Роберт Левандовски е главна тема во Германија веќе неколку недели.

Левандовски влегува во последната година од договорот, силен интерес за него покажува Барселона, па се шпекулираше дека ова лето би можел да направи трансфер.

Меѓутоа, Баерн не размислува за продажба и му понуди нов договор, а тренерот Нагелсман тврди дека преговорите течат добро.

„Разговарав со раководството и ми кажаа дека преговорите течат добро. Мојата позиција е јасна и сакам Роберт да остане и да го продолжи договорот. Сите знаеме дека неговиот агент Захави е човек кој обожава да преговара, па треба да имаме малку трпение“, изјави Нагелсман.


Огромни загуби за француските клубови во ковид-кризата

Француските елитни фудбалски клубови објавија загуби од 645 милиони евра за време на Ковид-сезоната 2020/21. Според Комисијата за финансиски надзор во Лига 1 билансите на 17 од дваесетте клубови се „црвени“ во овој период.

Натпреварите во Лига 1, исто како и остатокот од Европа, од октомври се одржуваа без навивачи и со капацитет до 5000 гледачи во текот на летото. Позитивен биланс во овој период успеале да направат само Ст. Етјен, Рен и испаднатиот Дижон.

Загубите на клубовите за сезоната се за 140% поголеми од претходната.


Филип Панчевски и Моника Стојковска државни шампиони во шах

Вчера во Хотелот „Континентал“ во Скопје заврши Отвореното Првенство на Македонија во шах за 2022. Победник на турнирот и  шампион на Македонија во поединечна конкуренција за сениори е репрезентативецот на Македонија, член на ШК Алкалоид, Филип Панчевски.

Победник на женскиот турнир и шампион на Македонија во поединечна конкуренција за сениорки е репрезентативката, членка на ШК Алкалоид, Моника Стојковска.


Барселона е блиску до договор со Гави

Барселона започна нова рунда на преговори за нов договор со играчот од средниот ред Гави. Претставници на каталонскиот клуб се сретнаа со менаџерот на 17-годишниот Шпанец , и двете страни се надеваат дека многу брзо ќе дојде до заеднички договор.

Од Барселона информираат дека останува да се разјаснат ситните детали и личните услови со фудбалерот.

Гави е еден од најперспективните млади играчи во Барселона. Сезонава тој успеа да постигне 2 гола и реализира 6 асистенции на 43 натпревари за клубот. Договорот на играчот е со важност до јуни 2023 година.


Барса го сака Димитриевски и следната сезона

Неодамна македонскиот голман Столе Димитриевски потврди дека во јануари бил блиску до преселба во Барселона, но трансферот не се реализирал затоа што Бразилецот Нето одбил да си замине од редовите на Каталонците. Меѓутоа „Ел Национал“ денес објави дека Димитриевски се уште е желба на Барселона.

Според информациите на споменатиот медиум Димитриевски бил на списокот желби кој Чави го испратил на директорот Метју Алемани за претстојниот преоден рок кога се очекува во Барселона да се случи сериозна реконструкција.

„Нето заминува на лето, па така позицијата на втор голман останува празна, а Димитриевски се уште е желба на Барселона. Доколку не се реализира трансферот на Димитриевски резервна опција е враќање на Ињаки Пења кој е на позајмица во Галатасарај“, пишува „Ел Национал“.


Салах верува во четири трофеи на Ливерпул сезонава

Египетската ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах верува дека освојувањето четири трофеи оваа сезона е можна цел.

Ливерпул се бори за титулата во Премиер лигата и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, каде на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз ќе се соочи со Реал Мадрид.

„Не е се во наши раце. Мораме да ги добиеме нашите натпревари до крајот на сезоната и да се надеваме дека Манчестер Сити ќе загуби бодови. Имаат прекрасен тим и одличен тренер. Сега, сепак, мислите ми се насочени кон финалето на Лигата на шампионите, како и на остатокот од тимот. Треба да бидеме целосно фокусирани и да се реваншираме за поразот во 2018 година“, изјави Салах.

Во 2018 година, Ливерпул загуби со 1-3 од Реал Мадрид.


Артета ја продолжи соработката со Арсенал

Тренерот Микел Артета го продолжи договорот со Арсенал. Шпанецот со новиот договор ќе остане во клубот од Лондон до јуни 2025 година.

„Среќен сум и возбуден. Ви благодарам на сите бидејќи денес сум многу среќен човек“, рече Артета после потписот на новиот договор.


Бугарскиот тинејџер Мартин Георгиев се сели во Барселона

Барселона ангажираше талентиран стопер, кој најпрво ќе игра во „Б“ тимот на Барселона.

Кариерата на најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња Христо Стоичков е нераскинливо поврзана со Барселона. Бугаринот играше за шпанскиот гигант во два наврати, од 1990 до 1995 година, потоа од 1996 до 1998 година.

Моментално второпласираниот тим од Ла Лига реши повторно да пазари во Бугарија, овојпат потпишувајќи договор со суперталентираниот Мартин Георгиев, момче кое има само 16 години.

Георгиев игра на позицијата стопер, настапувал за Славија од Софија, а најпрвин ќе тренира во „Б“ тимот на Барселона, со напомена дека ќе тренира и со првиот тим. Оваа сезона тинејџерот одигра седум натпревари за Славија, од кои пет во првенството. Детали за овој трансфер не се објавени.


Мбапе се согласил на нов договор со ПСЖ

Неколку медиуми во Франција ја пренесуваат веста дека Килијан Мбапе се согласил на нов двегодишен договор со Париз Сен Жермен.

На 23-годишниот Мбапе договорот со ПСЖ му истекува на крајот од сезоната и во моментов се бројни шпекулациите дека тој ќе се пресели во шпанскиот гигант Реал Мадрид. Сепак, според најновите информации францускиот репрезентативец би можел да го продолжи престојот во клубот од Париз.

Според различните извори, од ПСЖ на Мбапе му нудат годишна плата од 50 милиони евра и уште 100 милиони при негов нов потпис. Така тој во следните две сезони би заработил 200 милиони евра.