Флик не води со себе тројца прекубројни на азиската турнеја
Барселона се подготвува за разделба со тројца играчи пред почетокот на нивната азиска турнеја. Во рок од една недела, Каталонците сакаат да ги раскинат договорите со играчот од средниот ред Ориол Ромеу и голманот Инаки Пења, како и да го продадат напаѓачот Пау Виктор.
Ромеу и Пења имаат уште една година од договорите, а доколку бидат раскинати предвреме, ќе добијат дел од преостанатата плата. Играчот од средниот ред е баран од клубови од Ла Лига, вклучувајќи ја и Џирона, каде што Ромеу играше како позајмен минатата сезона. Пења има понуди од странски клубови, но голманот би сакал да остане во Ла Лига.
Барса е подготвена да го продаде Виктор за 10 милиони евра или половина од неговите права за 5 милиони со опција за откуп. Според изворот, можно е напаѓачот да замине на турнејата со тимот, но неговата иднина не е во Барселона.
Валверде играч со најмногу минути на терен минатата сезона
Федерико Валверде е играчот со најмногу минути во изминатата сезона во Европа. Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид одигра 72 натпревари за „белите“ и за селекцијата на Уругвај.
Тој помина 6.116 минути на теренот. На второто место на ранг-листата е Бруно Фернандеш. Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед и репрезентацијата на Португалија има 5.796 минути игра на 66 натпревари.
Трет на листата е голманот на Милан и на репрезентацијата на Франција, Мајк Мањан, со 5624 минути на 63 средби.
Барса се интересира за Брајан Сарагоза од Баерн
Барселона го идентификуваше крилниот напаѓач на Баерн Минхен и на шпанската репрезентација, Брајан Сарагоса, како реална опција за засилување според вредноста на трансфер-пазарот.
23-годишниот Шпанец ја помина последната сезона на позајмица во Осасуна. Таму на 28 натпревари имаше еден гол и шест асистенции. Тој постигна еден гол и за шпанската репрезентација.
Тековниот договор со германскиот клуб му е до летото во 2029-та. Неговиот трансфер вреди 12 милиони евра.
Ивановски ја загуби драмата на турнирот во Сан Марино
Македонскиот тенисер Калин Ивановски загуби во мечот од првото коло на Челинџер 125 турнирот во Сан Марино. Поуспешен од него беше третиот носител Матео Гиганте од Италија, кој победи со 2-1 во сетови (6-7/10, 6-3 и 6-3) за 100 минути игра.
Ивановски по голема борба го доби првиот сет со 7-6 во тај брејкот 12-10 на поени, а притоа и двајцата тенисери имаа по неколку сет топки. Во вториот сет Гиганте успеа да дојде до предност со брејк, кој Ивановски го врати, но следуваше уште еден брејк и сетот Италијанецот го доби со 6-3 во гемови. Со истиот резултат Гиганте беше поуспешен и во решавачкиот сет за триумф од 2-1 во сетови.
Ивановски за победите во квалификациите и пласманот на главниот турнир ќе добие пет поени.
Турнирот се игра за награден фонд од 181.250 евра.
Хесус Ваљехо го напушти Реал и потпиша за второлигаш
Хесус Ваљехо и официјално ја затвори страницата во Реал Мадрид. 28-годишниот дефанзивец потпиша со шпанскиот второлигаш Албасете.
Стоперот пристигна во Мадрид уште во 2015 година од редовите на Зарагоза, но за цели десет години запиша само 35 настапи и најчесто беше испраќан на позајмица. Во кариерата настапуваше уште за Ајнтрахт Франкфурт, Зарагоза, Вулверхемптон и Гранада, а сега добива нов предизвик со Албасете.
Иако немаше голема улога, Ваљехо собра богата колекција на трофеи: два пехари во Лигата на шампионите, три на Светското клупско првенство, по еден во Ла Лига, Купот на Кралот, Суперкупот на Шпанија и УЕФА Суперкупот.
Шкендија по продолженија го исфрли ТНС и закажа двомеч со Стеауа
Фудбалерите на Шкендија по продолженија се изборија за пласман во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите откако вечерва со 2-1 беа подобри од велшки ТНС.
Допатува ТНС во Скопје со ремито од 0-0 во првот натпревар, а Шкендија денеска го отвори резултатот во 18-тата минута.
Тамба се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата по една мајсторија на искусниот Бесарт Ибраими кој знаеше како да го пронајде во шенаесетникот. Иако гостинскиот состав немаше премногу шанси, сепак по една грешка на дефанзивецот на тетовскиот клуб, Фетаи Вилијамс во 38-та минута израмни на 1-1.
Во второто полувреме Шкендија имаше иницијатива, но без посериозни прилики, па така и по 90 минути немаше победник.
Моментот на одлука се случи во 116 минута кога Ибраими одново одигра важна улога и токму по еден негов удар од далечина топката дојде до Адеми кој ја упати во петерецот од каде што Боехам си ја погоди сопствената мрежа.
Во следното коло Шкендија ја чека потежок предизвик против романката Стеауа.
Сити го потпиша најголемиот спонзорски договор во историјата
Манчестер Сити потпиша нов договор со производителот на спортска опрема Puma во вредност од неверојатни 1.18 милијарди евра. Со овој договор, соработката продолжува барем до 2035 година, а годишната вредност на договорот се зголемува на 118 милиони евра, што е значително зголемување во однос на досегашните 77 милиони евра годишно.
Според „Гардијан“, ова е рекорден договор за еден клуб од Премиер лигата, највисокиот ранг на англискиот фудбал, на годишно ниво. За споредба, Манчестер Јунајтед во 2023 година потпиша десетгодишен договор со Adidas вреден околу 1.06 милијарди евра, додека Ливерпул има договор вреден 71 милион евра по сезона.
Откако партнерството со Puma започна во 2019 година, тимот на Пеп Гвардиола освои четири титули во Премиер лигата и стана втората англиска екипа во историјата што ја освоила тројната круна. Претставникот на Сити, Феран Сориано, не го криеше задоволството.
„Се здруживме со Puma со амбиција да се предизвикаме себеси и да ги надминеме очекувањата. Тоа и го постигнавме во изминатите шест сезони“, изјави Сориано. „Денешното обновување го зацврстува нашиот однос и го проектира во уште посветла иднина“, додаде тој, како што пренесува „Гардијан“.
Ливерпул и Њукасл отворија преговори за Исак
Неколку извори од „островото“ објавија дека Ливерпул отворил преговори со Њукасл за трансфер на Александер Исак, се шпекулира дека „црвените“ се подготвени да го соборат рекордот на Премиерлигата и да платат околу 120 милиони фунти.
Арне Слот сака ова лето да донесе нов напаѓач, изминатиов период Ливерпул се поврзуваше со неколку имиња, а последните информации велат дека клубот од Енфилд отворил преговори со Њукасл за трансфер на Александер Исак.
Веста прв ја објави добро упатениот новинар Фабрицио Романо, а истото потоа го потврдија уште неколку други извори.
„Црвените“ се подготвени втор пат ова лето да го соборат рекордот на Премиерлигата, а како што пишуваат Дејвид Орнштајн и Бен Џејкобс, сумата која се подготвени да ја платат е 120 милиони фунти.
Останува да се види каков потег ќе повлече Њукасл, изминатиов период често се говореше дека Швеѓанецот нема да биде продаден.
Интересно, една од опциите на Ливерпул за засилување на нападот е Уго Екитике, кој денеска беше поврзан со трансфер токму во Њукасл во зделка вредна рекордни 80 милиони евра за популарните „свраки“.
Македонските одбојкарски клубови ги дознаа ривалите во евро-куповите
Машкиот шампион на Македонија, Струмица 47&72 ќе се соочи со романскиот првак Динамо Букурешт во првата рунда во ЦЕВ Лигата на шампионите. На денешната ждрепка во Луксембург струмичани го добија најтрофејниот романски клуб за нивни ривал на стартот на новата елитна сезона.
Првиот натпревар Струмица го игра на домашен терен, 21/23 октомври, додека реваншот е една седмица подоцна во Букурешт (28/30 октомври).
Женскиот првак Јанта Волеј Кисела Вода, пак, во најелитното европско клупско натпреварување ќе дебитира во втората рунда, каде на денешната ждрепка за противник го доби претставникот на БиХ, Гацко. Со трикратниот шампион во низа на БиХ, тимот на Јанта ќе игра во термините – 21/23 октомври пред домашната публика, односно на гости во Гацка 28/30 октомври.
Тројцата македонски претставници во третиот по квалитет европски клупски куп, Челинџ купот во новата сезона, Штип УГД во машка конкуренција, односно Наковски Волеј и Работнички Скопје кај дамите, попладнево на ждрепката во Луксембург ги добија противниците.
Штип УГД во првото коло ќе има далечно гостување кај норвешкиот клуб Кол ИЛ од Осло. Првиот натпревар освојувачот на Купот го игра на гости, 11/13 ноември, додека реваншот го игра дома една недела подоцна 18/20 ноември.
Кај дамите Наковски Волеј како освојувач на Купот беше сместен меѓу носителите и на стартот на натпреварувањето ќе се соочи со ТЈ Острова од Чешка. Првиот меч девојките на Наковски го играат 28/30 октомври, додека реваншот е 4/6 ноември.
Работнички Скопје, кој со вајлд-карта доби право за учество во Челинџ купот, ќе игра против дебитантот Рае Спортдикол Властон од Естонија. Во истите термини како и Наковски Волеј, играат и одбојкарките на Работнички, но разликата е што првиот меч го играат дома (28/30.10) додека вториот дуел го играат на гости (4/6.11).
УЕФА се пофали со рекордна посета на Европското првенство за жени
Групната фаза на Европското првенство (ЕП) во фудбал за жени, која заврши во неделата, донесе рекордна посетеност со речиси половина милион навивачи кои присуствуваа на натпреварите, а 22 од 24 натпревари беа распродадени.
Покрај 461.582 навивачи кои присуствуваа на натпреварите, имаше и неколку индивидуални рекорди на натпреварите, објави УЕФА на официјалниот сајт.
Натпреварот Германија-Данска во Базел привлече 34.165 навивачи, што е најголема посетеност на натпревар од групната фаза на кој не настапил домаќинот на турнирот и најголем број гледачи што присуствувале на натпревар во женски фудбал во Швајцарија.
Повеќе од 17.000 навивачи од Германија на тој натпревар беа најголемиот број гостински приврзаници кои присуствувале на натпревар од ЕП за жени во историјата, додека 34.063 гледачи на натпреварот Швајцарија – Норвешка беа рекордна посетеност за натпревар на женската репрезентација на Швајцарија.
„Ако порано не беше јасно, сега е неоспорно – женскиот фудбал е незапирлив и тука е за да остане“, изјави раководителка на женскиот фудбал на УЕФА Надине Кеслер.
„Ова е повеќе од турнир; Ова е движење, а одзивот од цела Европа и пошироко докажува дека женскиот фудбал постаува нови стандарди“, додаде Кеслер.
Дури и пред почетокот на турнирот, продадени беа повеќе од 600.000 билети, надминувајќи ја бројката од 574.875 билети продадени од Евро 2022 во Англија.
Четвртфиналната фаза на ЕП за фудбалерки во Швајцарија стартува в среда со натпреварот меѓу Норвешка и Италија во Женева.