feature

Македонија до 17 години одигра два контролни натпревари против врсниците на Турција

Македонската репрезентација до 17 години одигра два контролни натпревари против врсниците на Турција на гостински терен во Анталија. Избраниците на селекторот Влатко Колев загубија, минимално, со 1:0 и 2:1 на двата пријателски натпревари во спортскиот комплекс „Арслан Зеки Демирџи“.

Хусеин Шен во 30. минута беше стрелец на единствениот гол за домашната селекција на првиот натпревар. Јаков Стојковски ја пропушти најдобрата прилика за нашата репрезентација. Папалиски и Џангаровски во второто полувреме, исто така, имаа шанси за погодок, но не реализираа.

Турција до 17 години: Толга Санџак, Хасан Мерт Тунџел (85Дањал Ташчи), Увејс Јасир Сатик (58 Рамазан Озчелик), Билал Демираг, Ата Јаник (85Сабри Бурак Билгич), Ефе Сечил (58 Аднан Ефе Фетахоглу), Али Демирбилек (72Халил Коч), Неджати Огулџан Јанчел, Хусеин Шен (58 Алаеттин Екичи), Емин Ерен Сајар (58` Мустафа Кошкун Тосун), Јагиз Фикри Шен;

Македонија до 17 години: Амин Суљовиќ, Давид Лиотоски (46Тео Стојчевски), Грегоријан Михајловски, Марко Иванов, Филип Цветковски, Бленди Љачка (78 Самуел Вртковски), Андреј Цветковски (46Арда Илијазовски), Мартин Џангаровски (90 Павел Миронски), Фадилј Исламовиќ (78Лука Кнежевиќ), Васко Папалиски (88Лука Георгиев), Јаков Стојковски (88` Марко Мирчевски);

На возвратниот натпревар, Турција постигна водечки погодок откако судиите не санкционираа очигледен прекршок над нашиот голман Денковски. Марко Иванов имаше добар обид со глава, но одбрани голманот на домаќините. Шанса за Македонија не искористија Мартин Џангаровски во првото полувреме и Арда Иљазовски во продолжението. Головите за турската селекција ги постигнаа Емин Ерен Сајар во 41. минута и Јагиз Фикри Шен во 85. минута, додека Јаков Стојковски во 55. минута го даде голот за Македонија.

Турција до 17 години: Садулах Јигит Кабакушак (46. Емир Гундогду), Хасан Мерт Тунџел, Билал Демираг (46. Увејс Јасир Сатик), Ата Јаник (81. Рамазан Озчелик), Али Демирбилек (75. Мустафа Кошкун Тосун), Халил Коч (46. Ефе Сечил), Неджати Огулџан Јанчел (46. Јагиз Фикри Шен), Ерен Ташкиран, Емин Ерен Сајар (81. Кајра Алтај), Аднан Ефе Фетахоглу (81. Мехмет Демир), Алаеттин Екичи (60. Хусеин Шен)

Македонија до 17 години: Даријан Денковски, Тео Стојчевски (60. Амер Бајрами), Грегоријан Михајловски, Марко Иванов, Филип Цветковски, Бленди Љачка (46. Васко Папалиски), Андреј Цветковски (46. Фадилј Исламовиќ), Мартин Џангаровски, Арда Илијазовски, Марко Мирчевски (46. Самуел Вртковски), Јаков Стојковски (68. Јаков Пресилски)


Арсенал и Баерн единствени во осминафиналето на ЛШ

Синоќа беше комплетирано претпоследното коло во Лигата на шампионите. Во пресрет на решавачката, осма рунда, само Арсенал и Баерн Минхен, обезбедија пласман во осминафиналето.

Покрај лидерите во Премиер и Бундес лигата, најмногу шанси за директен пласман меѓу најдобрите 16 екипи имаат Реал Мадрид и Ливерпул.

Во нокаут фазата, сигурно ќе играат: Тотенхем, Пари Сен Жермен, Њукасл, Челзи, Барселона, Спортинг, Манчестер Сити, Атлетико Мадрид, Аталанта, Интер и Јувентус.

Оние кои нема да завршат меѓу првите осум на табелата и нема да обезбедат продолжен одмор до следниот натпревар, ќе играат плејоф за пласман во осминафиналето.


Ливерпул го сака Мики ван де Вен од Тотенхем

Главна цел на Ливерпул во летниот преоден рок ќе биде дефанзивецот на Тотенхем, Мики ван де Вен.

Холанѓанецот има „јак“ договор со Тотенхем до 30 јуни 2029 година, но бројни извори известуваат дека „Црвените“ ќе ги тестираат со богата понуда.

Ливерпул во Ван де Вен го гледа вистинскиот наследник на сонародникот, Вирџил ван Дајк.

Ван де Вен ја игра својата трета сезона во Тотенхем, каде што пристигна од германски Волфсбург. Ја започна кариерата во Волендам.

Одигра 17 натпревари за холандската репрезентација и постигна еден гол.

Со Ван Дајк, тој веројатно ќе го формира стоперски тандем на Холандија на следното Светско првенство


Ѓоковиќ на чекор до историски рекорд

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, лесно го помина и второто коло на првиот гренд – слем турнир Австралија опен, откако го победи Италијанецот Франческо Маестрели со 6-3, 6-2, 6-2. Во третото коло, Ѓоковиќ ќе се сретне со Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп, кој го победи Јунченг Шанг. Ова ќе биде трет дуел помеѓу Србите и Холанѓаните, а двајцата имаат по една победа.

Холанѓанецот го изненади Ѓоковиќ на Мастерсот во Индијан Велс минатата година, додека Србинот беше подобар во Астана во 2022 година. Потенцијален ривал на Ѓоковиќ во четвртфиналето е уште еден Италијанец, Лоренцо Мусети, а во полуфиналето, двократниот последователен шампион Јаник Синер.

На Ѓоковиќ сега му недостасува само уште еден триумф за да стигне до својата рекордна 400-та победа на гренд слем турнирите.

По натпреварот Новак кажа и како гледа на улогата на тренерот во својот тим, имајќи ги предвид различните одлуки што ги донел во текот на својата кариера?

„Секогаш ви требаат уште еден пар очи на теренот, можеби и повеќе, кои ги гледаат работите поинаку од вас – играта на противникот, вашата игра. Очигледно, добро го познавам спортот тенис, но кога сте во натпревар и имате стрес, поминувате низ разни емоции и доживувате некои работи што не се нормални кога не се натпреварувате, тренерскиот тим служи за да ви даде набљудување за тоа како се движите и играте. Членовите на тимот, со својата специјалност, ви помагаат да ги контролирате вашите емоции од ден на ден. Но, за многу повеќе, бидејќи сте во индивидуален спорт и нема замена кога имате лош ден. Мора да „управувате“ со сè, да најдете начин да ги решите ситуациите. Тренерскиот тим е тука за да ви ја даде таа помош, да ве подигне и да најде решение кога се прашувате што треба да направите“, кажа најдобриот тенисер на сите времиња.


Македонија ќе настапи со четири олимпијци во Кортина

Македонија ќе има четири претставници на Зимските Олимписки игри во Милано-Кортина во Италија, потврди МОК преку социјалните мрежи и официјалниот веб-портал.

Во Нордиско трчање боите на нашава земја ќе ги бранат Ана Цветановска – спринт и интервал старт 10 км и Ставре Јада – спринт и интервал старт 10 км. Во Алпско скијање очекувано ќе не претставуваат: Јана Атанасовска – Слалом и Велеслалом и Мирко Лазарески – Слалом и Велеслалом.

Зимската Олимпијада ќе биде реализирана годинава во термин од шести до 22 февруари.


Бомба во Гелзенкирхен: Един Џеко потпиша за Шалке

Един Џеко во Шалке

Един Џеко и официјално е нов член на Шалке, откако германскиот клуб го потврди потписот на искусниот босански напаѓач. По успешните медицински прегледи во Диселдорф, 39-годишниот голгетер стави потпис на постојан договор до крајот на сезоната, пристигнувајќи од редовите на италијанска Фиорентина.

Овој трансфер означува големо враќање на Џеко во германскиот фудбал по пауза од 15 години. Поранешниот шампион со Волфсбург доаѓа во Гелзенкирхен како огромно засилување во трката за влез во Бундеслигата, а во договорот се вклучени и специјални бонуси доколку тимот обезбеди промоција во елитното друштво.

Шалке и Фиорентина ги финализираа преговорите во рекордно време. Италијанскиот клуб се одлучи за перманентен трансфер со цел да го растовари буџетот од високата плата на напаѓачот, додека Џеко веднаш ја прифати понудата по позитивните разговори со тренерот Мирон Муслиќ и соиграчот Никола Катиќ. „Дијамантот“ веќе ја задолжи опремата со број 10 на Фелтинс Арената.

Главниот мотив за овој потег е желбата на Џеко за поголема минутажа и нов натпреварувачки предизвик. Како моментални лидери во Втората Бундеслига, Шалке во него гледаат идеален лидер кој ќе го предводи нападот во клучните натпревари до крајот на кампањата.

Спортскиот директор на клубот изрази задоволство од ангажманот, нагласувајќи дека огромното искуство на Џеко од Манчестер Сити, Рома и Интер ќе биде пресудно за стабилноста на екипата. Навивачите со голема возбуда го очекуваат неговото официјално деби, со надеж дека Џеко ќе ја повтори голгетерската форма со која некогаш доминираше на германските терени.


Блескав трансфер на Галатасарај: Договорен Ноа Ланг од Наполи

Ноа Ланг од Наполи во Галатасарај

Галатасарај ги финализираше преговорите со Наполи за ангажман на холандското крило, Ноа Ланг. Овој трансфер значително ќе го засили нападот на турскиот гигант во клучниот дел од сезоната. Според информациите од инсајдери, зделката е конципирана како позајмица вредна 2 милиони евра, со опција за откуп од 30 милиони евра која не е задолжителна. Целата плата на фудбалерот до крајот на јуни ќе биде на товар на клубот од Истанбул.

Ваквата структура му нуди голема флексибилност на турскиот шампион. Додека почетната сума обезбедува квалитетно решение за следната полусезона, клаузулата од 30 милиони евра му овозможува на Галатасарај трајно да го задржи Ланг доколку тој ги оправда очекувањата. Наполи експресно ги прифати условите за да направи простор во својот ростер, а медицинските прегледи и официјалната промоција се очекуваат до крајот на неделата.

26-годишниот Ланг е познат по својата брзина, продорност и техничка поткованост. Неговото пристигнување ќе донесе дополнителна конкуренција во нападот, каде веќе доминираат врвни фудбалери. Иако неговиот темперамент често е тема на дебата меѓу навивачите, сепак преовладува ентузијазмот за овој нискоризичен потег кој може да донесе огромна добивка на теренот. Доколку Холанѓанецот се прилагоди на огнената атмосфера во Истанбул, Галатасарај ќе има шанса да го осигура неговиот потпис на долг рок.


Трансфер бомба за иднината: Челси ги победи Сити, Јунајтед и Ливерпул во трката за млад бисер

Јиса Алао од Шефилд Венздеј до Челси

Челси постигна договор со Шефилд Венздеј за ангажман на исклучително талентираниот 17-годишен дефанзивец, Јиса Алао. Трансферот е вреден 500.000 фунти, но со вклучените бонуси вкупната сума би можела да надмине еден милион фунти. Со овој потег, „Сините“ успеаја да ги престигнат лутите ривали Ливерпул, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити во жестоката битка за потписот на младиот фудбалер.

Раководството на Шефилд Венздеј веќе даде зелено светло за понудата. За клубот од Чемпионшип, кој моментално се соочува со неизвесност околу сопственичката структура, оваа продажба претставува значаен финансиски „буст“. Процесот е дополнително олеснет бидејќи Алао, кој има англиско-нигериско потекло, сè уште нема професионален договор со матичниот клуб. На тинејџерот му преостануваат само уште медицинските прегледи пред официјално да стане дел од лондонскиот гигант.

Младиот лев бек го привлече вниманието на јавноста минатиот август, кога дебитираше за првиот тим во Карабао Купот против Болтон на само 16 години. Оваа сезона тој веќе забележа пет настапи за првиот тим, вклучувајќи го и дебито во Чемпионшип против Портсмут и настапот во ФА Купот против Брентфорд.

Под водство на новиот менаџер Лиам Розениор, Челси продолжува со стратегијата за собирање на најголемите таленти од англиските пониски лиги. Претходно, Шефилд ја одби понудата на Манчестер Јунајтед од 450.000 фунти, што само ја потврдува решителноста на Челси да победи во оваа трка. Се очекува трансферот да биде комплетиран пред затворањето на преодниот рок, што би претставувало голем успех за академијата на „Сините“.


Осимен не крие: „Отсекогаш сум му се восхитувал на Симеоне и на неговиот Атлетико“

Osimhen praises Diego Simeone

Виктор Осимен, нигерискиот напаѓач кој моментално блеска во дресот на Галатасарај како позајмен играч од Наполи, јавно го изрази своето длабоко почитување кон легендарниот стратег на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне. Во своите последни изјави, Осимен се осврна на неговите симпатии кон „Јорганџиите“, истакнувајќи ги тактичката подготвеност на тимот и специфичниот стил кој Симеоне го негува со години. Овие коментари доаѓаат во време на сè погласни шпекулации за иднината на голгетерот, со оглед на тоа што европските гиганти будно го следат секој негов чекор.

Осимен откри дека одамна го следи ликот и делото на Симеоне. „Го обожавам Диего, отсекогаш сум му бил фан и сум имал среќа да го запознаам неколку пати“, изјави напаѓачот. Неговите зборови потврдуваат дека харизмата и интензитетот на Симеоне влијаат врз фудбалерите ширум светот, правејќи го Аргентинецот многу повеќе од обичен тренер во очите на неговите колеги.

Зборувајќи за специфичната игра на мадридскиот клуб, Осимен ја пофали нивната борбеност. „Атлетико игра агресивно и има јасен идентитет. Долгогодишниот престој на тренерот им овозможи на играчите совршено да се прилагодат на неговите замисли“, објаснува тој. Системот на Симеоне, често опишуван како „контролиран хаос“, успешно ги комбинира дисциплината во одбраната со експлозивните контранапади, што го прави клубот рамноправен ривал на Реал Мадрид и Барселона.

За Осимен, Атлетико е синоним за врвен фудбал. „Тие се меѓу најдобрите во светот. Дури и едно реми против нив е показател дека сте на вистинскиот пат“, вели Нигериецот. Тој ја признава издржливоста на тимот кој под палката на популарниот „Чоло“ освојува титули и игра во врвни финалиња, и покрај силната конкуренција. За напаѓач од негов ранг, секој дуел со Атлетико претставува највисок тест за сопствениот напредок.


Ханси Флик во проблеми: Барса без својот „маестро“ во клучниот дел од сезоната

Pedri sitting on the pitch as Barcelona player

Младиот играч на Барселона, Педри, се соочува со нов дебакл откако повредата на тетивата повторно го оддалечи од фудбалските терени. Клубот ја потврди дијагнозата по деталните медицински прегледи извршени по победата над Славија Прага во Лигата на Шампионите. Ова е тежок удар за лидерот во Ла Лига, со оглед на тоа што отсуството доаѓа во исклучително важен дел од сезоната.

Шпанскиот репрезентативец доби повреда на мускулот на десната нога за време на дуелот против чешкиот претставник вчера вечер. Педри почувствува болка во второто полувреме, по што веднаш беше заменет со Дани Олмо. Според проценките на медицинскиот тим, закрепнувањето ќе трае околу четири недели, што значи дека неговото враќање се очекува кон крајот на февруари или почетокот на март.

23-годишниот фудбалер би можел да пропушти дури седум натпревари. Тоа вклучува првенствени пресметки против Реал Овиедо, Елче, Мајорка, Жирона и Леванте, како и домашниот дуел од Лигата на Шампионите против Копенхаген и натпреварот од Купот на Кралот против Албасете. Со оглед на тоа што Ханси Флик веќе не може да смета на подолго повредените Гави, Кристенсен и Феран Торес, ротацијата на тимот ќе биде ставена на сериозен тест.

Загрижува фактот што ова е трета повреда за Педри во кус период. Тој паузираше во октомври 2025 година поради сличен проблем, а во декември се соочи и со повреда на потколеницата. Клупските челници најавија максимална претпазливост во рехабилитацијата, која ќе се фокусира на физиотерапија и вежби во теретана, со цел трајно да се спречи повторување на повредите. И покрај пехот, навивачите се надеваат дека Педри ќе се врати во полна сила за финишот од трката за титулата.