feature

Имобиле: Ако Лукаку се врати во Серија А ќе го подигне квалитативното ниво

Чиро Имобиле го коментираше претстојното враќање на Ромелу Лукаку во Серија А. Белгиецот повторно ќе го носи дресот на Интер откако не ги оправда големите очекувања во Челси.

„Доколку Ромелу се врати во Италија, тоа ќе го подигне нивото на самото првенство, а јас ќе продолжам да се трудам да го покажам најдоброто за што сум способен“, изјави Имобиле.

Двајцата беа меѓу најдобрите стрелци во калчото во сезоната 2020/21, кога Лукаку постигна 24 гола и му помогна на Интер да стане шампион, а Имобиле 20 пати постигна гол за Лацио.

Во последната кампања ѕвездата на „лацијалите“ со 27 прецизни удари ја зграпчи голгетерската награда во Серија А.


Луис Суарез се договори со ЛА Галакси

Лос Анџелес Галакси, кој игра во американската МЛС лига, потпиша договор со поранешниот напаѓач на Атлетико Мадрид, Луис Суарез.

Според Романо, уругвајскиот фудбалер кој беше со статус на слободен играч потпишал договор со новиот клуб на една сезона. Претходно беше објавено дека за услугите на напаѓачот се заинтересирани италијански Фиорентина и Аталанта, како и Астон Вила, Ајакс и Ривер Плата.

Суарез минатата сезона одигра 45 натпревари во сите натпреварувања за Атлетико Мадрид, постигнувајќи 13 гола и две асистенции. Моменталната пазарна вредност на 35-годишниот напаѓач е 8 милиони евра според Трансфермаркт.


Гринвуд на слобода со платена кауција

Мејсон Гринвуд останува под кауција по уште една судска одлука за обвиненијата за силување и напад на неговата поранешна девојка. 20-годишниот напаѓач на Манчестер Јунајтед беше уапсен на 30 јануари, а подоцна на обвиненијата беше додаден и обид за атентат.

На сослушувањето во четвртокот, судот во Манчестер потврди дека нема причина Гринвуд да биде приведен и дека може да биде ослободен со кауција. Се уште не е одреден датум за судење за младата ѕвезда на Јунајтед.

Штом се појавија обвиненијата против него, „црвените ѓаволи“ го суспендираа Гринвуд од тимот додека не стане јасна одлуката на судот.



Кошаркарите на Србија се светски шампиони во баскет 3х3

Репрезентацијата на Србија е освојувач на трофејот од Светското првенство во баскет 3х3 кој се одржа во Белгија.

Српските кошаркари во финалето беа подобри од Литванија со резултат 21:16. Тие до титулата стигнаа без ниту еден пораз.

Третото место на првенството го освои селекцијата на Франција која во неизвесен дуел оствари победа над домаќинот Белгија.


Колорадо е освојувач на Стенли купот

Тимот на Колорадо Авеланш е шампион на најсилната светска лига во хокеј,НХЛ Лигата. Екипата од Денвер до својата титула дојде после победата во шестиот натпревар од финалето против Тампа Беј со резултат 2:1. Вкупниот резултат во финалната серија на крајот заврши 4:2. 

За екипата на Колорадо ова е прва титула во НХЛ после пауза од 21 година. За најкорисен играч на финалето е прогласен дефанзивецот Кејл Макар, кој е само третиот дефанзивен играч кој ја добил титулата МВП. Во финалната серија тој постигна три гола и четири асистенции.


Мане го избра бројот на својот дрес во Баерн Минхен

Новото засилување на Баерн Минхен, Садио Мане го избра бројот на дресот кој ќе го носи во својот нов клуб.

Како што се наведува на официјалната страна на Баерн, 30-годишниот Сенегалец ќе настапува со бројот 17. Тој во Ливерпул ја носеше популарната „десетка“, која во клубот од Минхен е во сопственост на Лирој Сане.

„Го избрав бројот 17 и посакувам големи успеси со својата екипа носејќи го тој дрес.Сега со нетрпение ги очекувам подготовките со моите нови соиграчи“, истакна Мане.


Постигнат е договор помеѓу Арсенал и Габриел Жезус

Бразилскиот репрезентативец Габриел Жезус постигна договор со екипата на Арсенал за негов трансфер од Манчестер Сити. 

Жезус со Арсенал ќе потпише договор со важност до 2027 година. Популарните „топџии“ за овај трансфер ќе издвојат 45 милиони фунти.

Бразилскиот напаѓач во дресот на Сити постигна 95 гола и 46 асистенции на вкупно 236 натпревари.


Кулибали е планот Б на Барса ако не го доведе Кунде

Барселона има резервна опција доколку не успее да го привлече дефанзивецот на Севиља, Жил Кунде. 23-годишниот Французин е на врвот на листата на Каталонците, но го бара и Челзи и преговорите се тешки. Затоа Барселона планира да ги пренасочи напорите кон Калид Кулибали од Наполи.

31-годишниот Кулибали не постигнал договор со газдите на клубот за обновување на договорот кој му истекува за една година. Така тој речиси сигурно ќе биде продаден летово за да не замине како слободен играч во 2023.


Лингард после Јунајтед повторно ќе игра за Вест Хем

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Џеси Лингард, на крајот од месецот ќе се раздели со клубот од Олд Трафорд, бидејќи му истекува договорот и ќе биде слободен да бара нов клуб.

За офанзивниот англиски фудбалер веќе има голем интерес, но според медиумите најсериозна понуда има од премиерлигашот Вест Хем. 

Лингард веќе има одиграно една полусезона за клубот од Лондон, кога таму беше на позајмица од Манчестер Јунајтед. Тогаш тој беше стрелец на 9 гола на 16 натпревари во Премиер лигата.


Алфа Таури се засили со Пјер Гасли

Пјер Гасли следната сезона во Формула 1 ќе вози за Алфа Таури, соопшти денеска вториот тим на Ред Бул. Французинот дебитираше во Формула 1 пред пет години, со вториот тим на компанијата. Веќе во април Гасли изјави дека најверојатно ќе остане во тимот и следната година, а истата изјава ја даде и шефот на Алфа Таури, Франц Тост, за време на трката за ГН на Канада.

Надежите на Гасли да се врати во Ред Бул, каде што помина половина сезона во 2019 година, беа уништени откако тимот потпиша со Серхио Перез на уште две години.

Се уште не е објавено кој ќе биде следниот возач на тимот за следната година, но се очекува тоа да биде актуелниот стартер Јуки Цунода, кој дебитираше во Формула 1 минатата година.