feature

Елмас: Имаме мала шанса и ќе ја бркаме до крај

„Романија може да згреши и ние со две победи да одиме во баражот“, изјави Елиф Елмаз пред последните два квалификациски меча со Ерменија и Исланд за пласман на Светското првенство во Катар во 2022 година. На 11 ноември ќе гостуваме кај Ерменците а три дена подоцна ќе бидеме домаќини на „рибарите“.

„Не зависи се од нас, имаме една мала шанса и ќе ја бркаме до крај. Треба да очекуваме борба, да бидеме паметни и искусни иако сме релативно млада репрезентација“, потенцира нашиот креатор на играта.

„Мора да има жар на теренот. Одиме да покажеме дека повеќе го сакаме тоа второ место од Ерменија и Романија“, изјави Елмас.


Санчез Мартинез ќе суди на дуелот на Македонија во Ереван

Шпанецот Хозе Мариа Санчез Мартинез, ќе го води мечот в четврток (18:00) меѓу Ерменија и Македонија кој ќе биде одигран во рамките на претпоследното квалификациско коло за место на Мундијалот во Катар во 2022 година.

Тој неодамна ја делеше правдата на последното „Ел Класико“ кога Реал Мадрид ја совлада Барселона на „Камп Ноу“ со 2-1.

Судијата со знакот на ФИФА и УЕФА во континуитет е дел од европските мечеви. Досега не и судел на нашата репрезентација. Во ВАР собата ќе бидат судии од Италија.


Кутињо: Неточно е дека одбив да влезам во игра во Виго

Фудбалерот на Барселона, Филипе Кутињо, ги негира шпекулациите дека одбил да влезе во игра на мечот со Селта кога неговиот тим имаше предност од 3-0. Медиумите тврдат дека  Бразилецот требало да го замени Ансу Фати.

„Новинарите ги измешаа работите. Јас сум голем професионалец. Чави е легенда на клубот и неговиот кам-бек би можел да и помогне на Барса. Се надевам дека ќе добијам шанса да одиграм 4-5 меча во серија и да го достигнам нивото кое го посакувам“, вели Кутињо.


Ембид позитивен на ковид-19, заврши во карантин

Џоел Ембид е четвртиот кошаркар на Филаделфија кој има позитивен резултат на тестирањето за ковид-19.

Центарот на лидерот на Истокот им се придружи на Тобијас Харис, Матис Тибул и Ајзеа Џо, кои исто така се ставени во карантин.

Ембид кој има четири настапи на Ол-стар мечевите, е најдобриот кошаркар во Филаделфија во тековнава сезона. Тој има во просек 21.4 кошеви, 9.4 скокови и 4 асистенции.


Бензема би можел да ја заврши кариерата во ПСЖ

Според информациите од Франција, екипата на Париз Сен Жермен има намера да го доведе Карим Бензема. Играчот на Реал Мадрид има договор со клубот до 2023 година и потоа како слободен играч би можел да пристигне во тимот од Париз.

Карим Бензема нема дадено коментар за оваа можност, но извор близок до него изјави дека тој нема ништо против да ја заврши кариерата во Франција. ПСЖ има намера во своите редови да ги доведе најдобрите француски играчи па затоа освен Бензема се обидува да го доведе и Пол Погба.


Рио со совет за Сослкјер: Напушти го Јунајтед со крената глава

Поранешниот столб на одбраната на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинард, изјави дека е време Оле Гунар Солскјер да го напушти кормилото на тимот.

„Мислам дека ако Солскјер замине сега, тоа ќе го направи со крената глава. Оле го направи она за што беше доведен во Манчестер. Тој дојде и ги врати надежите на луѓето, ги натера да се вратат на стадионот и повторно да ги гледаат натпреварите на тимот“, се вели во изјавата на Фердинанд.

Рио Фердинанд важеше за голем поддржувач на неговиот поранешен соиграч Солскјер, меѓутоа по последните лоши резултати и изданија на тимот, го промени своето мислење и сега јавно побара од него да си замине.


Грилиш: Никој не може да го замени Смит во Астон Вила

Џек Грилиш кој претходно играше за Астон Вила, ја коментираше оставката на Дин Смит како главен тренер на клубот од Бирмингем.

„Никој никогаш нема да се спореди со него. Најголемиот на сите времиња“ – напиша Грилиш на „Твитер“. Смит беше на чело на Астон Вила од 2018 година. Договорот на специјалист со клубот беше активен до јуни 2023 година.

Клубот од Бирмингем има 10 бода од 11 натпревари и се наоѓа на 16-тото место во англиската Премиер лига. Во 11. коло од Премиер лигата, Астон Вила загуби од Саутемптон со резултат 1-0.


Игор Ангеловски станува тренер на Лудогорец?

Бившиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, би можел да седне на клупата на бугарскиот шампион Лудогорец, пренесуваат медиумите во Бугарија.

По напуштањето на селекторското место во македонската репрезентација, популарниот „Мрме“ сеуште е без ангажман, но неговото име често се поврзуваше со голем број на клубови кои сакаат да го ангажираат за нивни тренер.

 Покрај Фенербахче и Хајдук кои изгледаја како најреална опција, Ангеловски сега се споменува како можен тренер на Лудогорец. Раководството на клубот не било задоволно од работењето на нивниот стратег Станислав Генчев и е со размислување тој да биде заменет со Игор Ангеловски.


Никола Јокиќ исклучен поради напад на противнички играч

Српскиот кошаркар и најдобар играч на Денвер,Никола Јокиќ,  доби исклучување за време на натпреварот против тимот на Мајами кој заврши со победа на Денвер 113:96.

Имено, на нешто повеќе од две минути пред завршетокот на натпреварот, Јокиќ имаше неспортски потег при што со удар во грбот го повреди играчот на Мајами Маркиз Морис кој заврши на паркетот и беше изнесен на носилки. 

Претходно и Морис имаше груб старт над Јокиќ кој очигледно не му го прости истиот  и му врати со иста мера.


.


Фазлагиќ: Украина ни е во фокусот, не размислуваме за Франција

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година вчера ги стартуваше мини подготовките за новите натпревари во евро-квалификациите, кои избраниците на Драган Канатларовски ги очекуваат овој месец.

На 11 ноември, на тренинг центарот „Петар Милошевски“ гостува селекцијата на Украина, а пет денови подоцна, на Националната арена „Тодор Проески“, „црвено-жолтите“ го пречекуваат топ фаворитот во групата, селекцијата на Франција.

Фудбалерот од средниот ред на Жилина, Енис Фазлагиќ во изјава за ФФМ истакна дека, верува дека, со добра игра и пожртвуваност пред домашната публика може да се остварат позитивни резултати.

Нè очекуваат два многу тешки меча против Украина и Франција. Фокусот е максимално насочен кон првиот дуел со Украина, тежок противник кој се наоѓа во одлична форма и игра многу квалитетно во овие квалификации. Имаа одлични индивидуалци, но и колективно се многу добри. Ќе се подготвиме максимално, ќе дадеме сè од себе и се надевам дека ќе успееме да освоиме три бода од овој дуел. Одиме чекор по чекор, играме два натпревари на домашен терен, верувам дека со поддршката од нашите навивачи ќе можеме да освоиме бодови и на мечот со Франција, рече Фазлагиќ.

Потсети дека на претходниот квалификациски циклус во октомври и мечевите со Фарски Острови и Ерменија не беше во тимот поради повреда на зглобот, но, тоа, како што кажа, е зад него и е подготвен да даде сè од себе за Македонија на натпреварите со Украина и Франција.

Во досегашниот тек од квалификациите, Украина е второпласирана во групата со девет бодови, четири повеќе од македонската репрезентација на третата позиција.