feature

Гечевски: Да го искористиме искуството од клубовите и во репрезентацијата

Спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Тодор Гечевски очекува да продолжи напредокот во женскиот национален тим.

На 11 ноември македонските кошаркарки ги почнуваат квалификациите за Евробаскетот 2023 кој ќе се одржи во Словенија и Израел, против репрезентацијата на Германија на гостински терен во Хале.

„Ги стартувавме тренинзите за квалификациите за Европското првенство. Сите девојки кои се најквалитетни се тука. Имаме некои повреди, но се надевам дека сите работи ќе се санираат и дека со најсилниот состав ќе го стартуваме циклусот. Имаме мал напредок во женската кошарка. Имаме повеќе екипи, две екипи кои играат во ВАБА лигата каде имаат солидни и добри резултати. Се надевам дека тоа меѓународно искуство ќе се примени во репрезентацијата и се надеваме на некој позначителен успех. Најважно од сè е сите да се здрави, да играме најдобро што можеме, па да дојдеме до победа, па зошто да не и пласман на Европското првенство, ако ни се даде шанса“, рече Гечевски на прес-конференцијата одржана во пресрет на почетокот на натпреварите од групата А од квалификациите за Европскиот шампионат.

Александар Ашаданов против Германките ќе дебитира на селекторското место во женската сениорска репрезентација.


Чави воведе 10 правила за играчите на Барселона

Со официјалното преземање на тренерската функција во Барселона, Чави Ернандез веднаш воведе и нови правила кои мора да ги почитуваат играчите и стручниот штаб на екипата од „Ноу Камп“.

  1. Играчите треба да бидат во тренинг центарот час и половина пред започнување на тренинг сесиите.
  2. Целиот стручен штаб треба да стигне на тренинг 2 часа пред почетокот на истиот.
  3. Играчите мора да се хранат во тренинг центарот. Веќе нема опција играчите да јадат надвор од базата.
  4. Се враќаат паричните казни за фудбалерите.
  5. Казните ќе се дуплираат со секој нареден прекршок на играчот.
  6. 48 часа пред почеток на натпревар, сите играчи треба да се во своите домови најдоцна до полноќ.
  7. Ќе играат само оние кои најдобро тренираат и оние кои покажуваат најголема посветеност во работата. Останатите ќе бидат резерви или нема да бидат повикани на натпревар.
  8. Контрола на дополнителните спортски активности кои би можеле да го нарушат настапот на играчот во неговата игра ќе ги анализира техничкиот оддел на стручниот штаб.
  9. Забранети ризични активности како сурфање или возење електрични тротинети.
  10. Добар изглед. Играчите треба да бидат пример за навивачите и мора секогаш да бидат пристојно облечени.

Жозе Мурињо подготви шопинг листа за јануари

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо,веќе имал направено листа со потенцијални засилувања за тимот во јануарскиот преоден рок.

Португалскиот стручњак размислува за доведување на 3 до 4 играчи кои би пристигнале во Рим. Мурињо ги посакува Рубенс Лофтус – Чик од Челзи и Хари Винкс од екипата на Тотенхем, како и играчот на Борусија Менхенгладбах, Денис Закарија.

Мурињо во неколку наврати од почетокот на сезоната изрази незадоволство од расположливиот играчки ростер во тимот и побара од управата на Рома поголеми вложувања во засилувања.


Несогласувања помеѓу ПСЖ и Аргентина поради Меси

Спортскиот директор на Париз Сен Жермен, Леонардо, искажа незадоволство од фактот што селекторот на Аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Скалони, ги повика Лео Меси и Паредес да се приклучат на подготовките пред закажаните дуели против Уругвај и Бразил, во квалификациите за Мундијалот во Катар.

 Лионел Меси ги пропушти последните два меча на ПСЖ против РБ Лајпциг и Бордо поради непријатност и болки во коленото, но сега тој се приклучи на националниот тим и веќе одржа тренинг со останатите играчи. Од медицинскиот тим на Аргентина се оптимисти дека Меси ќе биде подготвен за настап на натпреварите против Уругвај и Бразил.


Никола Јокиќ суспендиран на еден натпревар

НБА лигата ги одреди казните за инцидентот кој се случи на натпреварот помеѓу Денвер Нагетс и Мајами Хит.

Играчот на Денвер, Никола Јокиќ, кој поради неспортски потег и удар над Маркиф Морис од Мајами доби забрана за настап на еден натпревар и ќе мора да плати парична казна од 210.417 долари.

Маркиф Морис од Мајами ќе треба да плати 5.000 долари поради неспортски фаул над Јокиќ кој беше и причина за почеток на инцидентот, а неговиот клубски колега Џими Батлер доби казна од 30.000 долари поради обид за ескалирање на инцидентот и искажување на навреди кон играчите.


ФИФА ќе ги прогласи најдобрите на 17 јануари 2022 година

Свеченото доделување на наградата „Бест“ (The Best) ќе се одржи на 17 јануари идната година во Женева, објави денеска Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Церемонијата ќе остане виртуелна „во согласност со здравствените мерки“, соопшти ФИФА.

Доделени ќе бидат вкупно 11 награди, од кои најзвучни традиционално се признанијата за најдобар фудбалер и фудбалерка.

Процесот на гласање почнува на 22 ноември, а завршува на 10 декември.


Коронавирусот ја нападна германската репрезентација

Со големи проблеми поради заразени фудбалери со коронавирус се соочува германската фудбалска репрезентација спроти завршните два натпревари во рамки на квалификациите за Мундијалот 2022 во Катар.

Германските медиуми објавија дека позитивен на коронавирус е дефанзивецот Николас Шуле, а поради близок контакт со него изминатите денови, во изолација се уште тројца репрезентативци. Според медиумите, станува збор за Џамал Мусала, Карим – Давид Адејеми и Лирој Сане, чии тестови биле негативни на ковид-19.

Поради овие проблеми селекторот Ханс Флик го откажа последниот тренинг, а постои можност бројката на заразени во германскиот табор да е поголема.

Германија, која е во иста квалификациска група со македoнската репрезентација, веќе го обезбеди настапот на Мундијалот, а квалификациите ќе ги заврши со дуелите против Лихтенштајн на домашен терен и Ерменија во Ереван.


Премиерлигашите ги враќаат зоните за стоење на трибините

Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Манчестер Сити, Челзи и Кардиф Сити, од 1 јануари 2022 година ќе добијат дозвола да направат посебен дел за стоење за фановите, објави министерот за спорт на Велика Британија, Најџел Хадлстон.

Во септември, британските власти ѝ наложија на Агенцијата за безбедност на спортски терени да спроведе тестови за воведување безбедни трибини за стоење кај одредени екипи.

Ќе потсетиме дека сите стадиони во Англија беа целосно направени за седење пред речиси 30 години откако на 15 април во 1989 година, 97 навивачи на Ливерпул ги загубија животите во трагедијата на стадионот „Хилсборо“.


Чави: Дембеле ќе остане, има огромен потенцијал во него

Легендарниот фудбалер на Барселона, Чави Хернандез, кој се врати во клубот како тренер, вели дека Осман Дембеле, мора да остане кај Каталонците.  Стратегот очекува младиот Французин да потпише нов договор за да може да го искористи максимално неговиот потенцијал.

„Дембеле мора да продолжи во Барса. На позицијата како крилен напаѓач може да биде најдобар играч во светот. Продожување на договорот е приоритет. Мора да му помогнеме да ги избегне повредите. Мора да ги превенираме тие ситуации, не смееме да дозволуваме да се случува тоа. Ќе работиме напорно во теретаната за да се реши проблемот“, најави Чави.


Елмас најави победа во Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација во моментов се подготвува за дуелите со Ерменија и Исланд во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.

Прв на распоред е натпреварот со Ерменија кој Македонија го игра во гости на 11 ноември.

За очекувањата од овој дуел свое размислување даде и Елиф Елмас: „Подготовките за натпреварот се одвиваат одлично. Знаеме дека не зависи се од нас, но во Ерменија одиме на победа. Додека има и теоретски шанси за пласман во Катар, ние ќе се бориме до крај.Мораме да покажеме дека сакаме да победиме. Доколку Романија направи кикс ние со две победи можеме да стигнеме до бараж. Покажавме дека можеме да играме против секој, така ќе биде и против Ерменија“.