feature

Муслиу влезе во тимот на колото на Втората Бундеслига

Репрезентативецот на Македонија, Висар Муслиу беше избран во тимот на колото во втората германска лига. 

Дефанзивецот одигра одлична партија за својот Инголштад во победата над Ауе со 3:2, постигнувајќи го и својот деби гол за екипата. Ова допринесе магазинот „Кикер“ да го вклучи Муслиу во најдобрите единаесет играчи за изминатиот викенд.

Висар Муслиу беше и еден од најдобрите поединци во нашата селекција за време на бараж дуелите против Италија и Португалија.


Ливерпул со шанса за израмнување на свој клубски рекорд

Екипата на Ливерпул има шанса да го израмни клубскиот рекорд на гостувањето кај Бенфика во четвртфиналето од Лигата на шампионите. 

Имено, доколку „црвените“ го добијат овој натпревар, тимот ќе се израмни со постигнувањето кое Ливерпул го забележа во сезоната 1983-84 година, кога запиша пет последователни победи како гостин во европските натпревари.

Од почетокот на тековната сезона во ЛШ, тимот на Јирген Клоп има само победи во нивните гостувања. Во групната фаза победија кај Порто, Атлетико Мадрид и Милан, а во осминафиналето славеа и над Интер на Сан Сиро.


Фрајбург ќе бара поништување на победата на Баерн

Бундеслигашот Фрајбург и официјално ќе бара поништување на дуелот со Баерн Минхен во кој претрпе пораз од 4:1. 

Причина за барањето на поништување е фактот што шампионот Баерн во еден момент од натпреварот на теренот имаше 12 играчи. Недоразбирањето се случи поради неправилната измена на играчи.

Во соопштението од клубот Фрајбург, се наведува дека поради процедурални правила, екипата ќе испрати жалба до фудбалската федерација на Германија.


Локатели еден месец надвор од терените заради повредата во дербито со Интер

Од Јувентус потврдија дека играчот за врска, Мануел Локатели ќе биде надвор од терените околу еден месец. Денес на Локатели му беа направени детални лекарски прегледи кои покажале повреда на десното колено.

Локатели предвреме го заврши синоќешното дерби со Интер, најпрво доби удар во главата, а потоа се пожали на болки во коленото.

Според прогнозите, Италијанецот ќе може да се врати во последните три меча од Серија А и ќе биде на располагање за евентуалното финале од Купот.


Левандовски ја потврдил својата желба да заигра за Барселона

Медиумите во Шпанија велат дека трансферот на голгетерот на Баерн, Роберт Левандовски во Барселона изгледа се пореален. 

Неодамна излегоа шпекулации дека двете страни имаат усмен договор, а сега шпански „Спорт“ тврди дека полскиот интернационалец уште еднаш му потврдил на раководството на Каталонците дека е подготвен да се пресели на „Камп Ноу“ ова лето.

Договорот на Левандовски со Баерн е до летото 2023 година. Во моментов нема преговори за нов договор меѓу двете страни, но се зборува дека германскиот шампион ќе понуди едногодишна соработка што не е прифатлива опција за Левандовски кој и самиот најави дека е подготвен за нов предизвик на крајот од кариерата.


Емери: Баерн е многу поразличен тим од Јувентус

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери го искоментира претстојниот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Виљареал е домаќин на Баерн во првиот натпревар кој е закажан за среда.

„Сега играме против Баерн. Способни сме и имаме шанса да победиме. Ни се допаѓа различноста на фудбалот. Баерн е многу различен од Јувентус. Тие се уште еден фаворит за освојување на Лигата на шампионите. Тактички ќе треба да се поставиме поинаку отколку против Јуве. Сè ќе биде поинаку“, коментира Емери.


Њукасл го купува Роберт Санчез од Брајтон

Њукасл се поврзува со многу имиња откако на чело на клубот застанаа богати газди.

Во зимскиот преоден рок Њукасл доведе неколку засилувања и нов тренер и набрзо овој тим започна да игра многу подобро и го обезбеди опстанокот кој се доведуваше во прашање во првиот дел од сезоната.

Според најавите од Островот на лето Њукасл ќе се обиде да доведе нов голман, а мета е чуварот на мрежата на Брајтон Роберт Санчез. 24-годишниот голман напредуваше во претходните сезони и Њукасл за него ќе плати 30 милиони евра со што ќе го направи шести најскап голман во историјата.


Во Ферари горди на своите возачи Леклер и Саинц

Претседателот на Ферари, Џон Елкан, е уверен дека Скудерија ги има најдобрите возачи во Формула 1 – Шарл Леклер и Карлос Саинц. Ова го соопшти Елкан во обраќањето до акционерите на италијанската компанија.

По првите две кола во Формула 1 оваа сезона, Ферари е на врвот кај конструкторите, а Леклер и Саинц се први во поредокот кај возачите.

„Во 2021 година нашиот тим стигна до пет подиуми и заврши на третото место кај конструкторите, но видовме охрабрувачки знаци. Свесни сме дека Леклер и Саинц се најдобрите возачи во Формула 1 и добро ја започнаа сезоната“, изјави Елкан.

Во истиот допис, Елкан го потврди враќањето на Ферари во Светскиот шампионат во издржливост (WEC), а во 2023 година „Скудерија“ ќе дебитира во класата на Hypercar во Ле Ман.


Ѓоковиќ за 10 поени пред Медведев на врвот на АТП листата

K

Благодарение на тоа што Данил Медведев не влезе во полуфиналето на Мастерсот во Мајами, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и овој понеделник го задржа првото место на АТП листата!

Ѓоковиќ не настапи на американската турнеја и годинава играше само во Дубаи, а при последниот рез на крајот има само 10 поени повеќе од Русинот – 8.420 наспроти 8.410.

Русинот, пак, најави дека оди на операција на кила и ќе ја пропушти сезоната на земјена подлога, несметајќи го Ролан Гарос, кој се уште е под знак прашалник. Тоа значи дека Медведев во меѓувреме ќе загуби 790 поени, а Новак во наредниот период ќе треба да одбрани 840.

Она што му треба на Ѓоковиќ за да го задржи првото место на АТП листата до Ролан Гарос е да ја освои титулата на Србија опен што се игра на крајот на април и да стигне барем до финалето на сите три Мастерси (Монте Карло, Мадрид, Рим).


Манчестер Сити ќе го награди Фил Фоден со нов договор

Англискиот весник „Дејли стар“ пренесува дека Манчестер Сити планира да го награди Фил Фоден со нов договор. 

21-годишниот играч одигра уште една добра сезона за тимот, и клубот е задоволен од неговиот учинок. Челниците на Сити се спремни да му понудат долгорочна соработка со нов договор, и сериозно покачување на платата. 

Фоден има иста плата од 2018 година, кога потпиша договор до 2024 година. Во последните сезони тој е еден од клучните играчи во тимот на Пеп Гвардиола и клубот одлучи да го награди со нов договор.