feature

ЕМОФ Скопје 2025: Младите македонски кошаркари подобри од Германија во Баскет 3х3

Во рамките на третиот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, младите кошаркари и ја донесоа вкупно втората победа на Македонија на ЕМОФ, совладувајќи ја Германија во Баскет 3х3 со резултат 14-10. Најефикасен во нашиот тим беше Благојче Димитриовски со десет постигнати поени, Ѓоровиќ постигна два, додека по еден реализираа Марковски и Стојановски. По синоќешната победа над Литванија 14-11, девојките денеска убедливо беа поразени од Германија 4-21.

Во останатите екипни спортови, македонските репрезентации повторно останаа без триумф. Најблиску до победа беше машката кошаркарска репрезентација, која по продолжение загуби минамално од Летонија со 97-98, додека девојките беа декласирани од Германија со убедливи 18-91. Младите ракометари трет пат загубија, овој пат од Исланд со 27-36, додека ракометарките беа поразени од Норвешка со 23-31. Порази доживеаја и одбојкарските селекции, момчињата од Белгија со 0-3 и девојките од Турција 0-3.

Третиот ден го одбележа и стартот на натпреварите во маунтајн бајк, што се одржаа во Куманово. Во машка конкуренција триумфираше Ларс Пирс од Белгија со време 59:06 минути, додека кај жените златниот медал го освои Швајцарката Јаел Клаусер со резултат 55.56 минути.

Во фокусот на атлетските возбудувања во националната арена „Тодор Проески“ се најде натпреварувањето во машка конкуренција во скок со височина, во кое двајцата најдобри прескокаа иста височина од 2,15 метри. Поради помалку обиди за скок, златото му припадна на Гркот Харалампос Алвизатос, додека Чехот Војтех Зајичек со идентична прескокната височина мораше да се задоволи само со сребрениот медал.

Јере Пенти Филјами од Финска се закити со златниот медал во фрлање копје со фрлени 74,54 метри, додека во трката на 5 километри брзо одење триумфираше Италијанецот Николо Видал со време од 20:22.43 минути.

Пливачките натпревари во „Олимпискиот базен“ во Скопје исто така донесоа многу возбудувања. Во финалната трка на 200 метри мешано во машка конкуренција најбрз беше Британецот Остин манли со време 2:07.23 минути., додека на 100 метри слободно, до златото исплива Италијанецот Даниеле Фиорели со резултат 51.89 секунди.

Во трката на 200 метри пепeрутка кај мажите триумфираше Арел Гултекин од Турција со време 2:00,33 минути, додека на 100 метри градно во женска конкуренција најбрза беше Унгарката Петра Пуза со резултат за злато од 2:30,75 минути.


Палиња од Баерн се сели во Тотенхем

Португалскиот играч од средниот ред на Баерн Минхен, Жоао Палиња, може да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Како што објави инсајдерот Флоријан Плетенберг на социјалната мрежа X, лондонски Тотенхем покажува интерес за дефанзивниот играч од средниот ред на Баерн Минхен.

Според изворот, актуелниот победник на Лигата на Европа на УЕФА покажува одреден интерес за играчот, а Баерн Минхен е подготвен да ги разгледа понудите за него. Претходно се шпекулираше дека Интер и Манчестер Јунајтед се заинтересирани за Палиња.

Португалецот минатото лето од Фулам се пресели во Баерн. Трансферната сума изнесуваше 51 милион евра. Според гласините, тимот од Минхен е подготвен да се раздели од 30-годишниот фудбалер за 25-30 милиони евра.


Саид Хеидарирад потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер

Најдобриот ирански голман, Саид Хеидарирад, е нов член на македонскиот првак Еурофарм Пелистер. Искусен и квалитетен голман доаѓа во нашиот клуб и наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на почетокот на подготовките за сезоната 2025/26.

Се работи за 34-годишен голман, кој во својата земја е гопема спортска ѕвезда. Саид Хеидарирад доаѓа во Битола од Партизан Белград, откако даде голем придонес во титулата првак на Србија, која црно-белите ја освоија во сезоната 2024/25. Хеидарирад долги години е во Европа, откако пред да дојде во Србија седум сезони настапуваше за романскиот гигант Динамо Букурешт и освои многу трофеи со клубот од главниот романски град. 194-сантиметри високиот Саид Хеидарирад е незаменлив во иранската репрезентација, а беше дел и од неколку Светски првенства и шампионати на Азија.

Иранскиот голман потпиша договор на две години и ќе биде претставен во Битола на крајот од месецот.


Венус Вилијамс им се врати на победите и на 45 години

Венус Вилијамс стана втората најстара тенисерка со победа на ВТА во историјата.

Американската тенисерка доби посебна покана за турнирот во Вашингтон и на 45-годишна возраст ја победи Пејтон Стернс, 35-та тенисерка во светот.

Вилијамс лесно ја победи својата сонародничка, резултатот беше 2:0 (6:3, 6:4).

Американската тенисерка стана втората најстара тенисерка со победа на ВТА. Рекордот сè уште го држи Мартина Навратилова, која на 47-годишна возраст забележа победа на Вимблдон во 2004 година.


Рома се пофали со Ирецот Еван Фергусон

Ирецот Еван Фергусон е нов член на Рома, објави римскиот клуб.

Напаѓачот ќе ја помине следната сезона во Рим како позајмен играч, по што Рома ќе мора да го откупи за 38 милиони евра.

Новиот член на Рома постигна 17 гола на 80 натпревари за Брајтон од 2021 година.

Вториот дел од претходната сезона го помина во Вест Хем, одигра осум натпревари без постигнат гол.

Фергусон одигра 22 натпревари за репрезентацијата на Република Ирска од 2022 година, постигнувал пет гола.


Дејвид Џонс-Гарсија доби договор во Сан Антонио

Дејвид Џонс-Гарсија ќе продолжи да работи со Сан Антонио. Кошаркарот (23 години, 198 см) ја помина првата сезона во развојната лига откако ги заврши активностите во колеџот.

Тој се покажа во светло издание во Летната лига откако направи просек од 21,6 поени, 6,2 скока и 3,8 систенции.

Џонс- Гарсија доби понуда од 2 милиони евра годишно од Олимпијакос но, одлучи да остане во САД. Тој ќе потпише двонасочен договор.


Јуве и Порто ги разменија десните бекови

Екипата на Јувентус ќе го испрати фудбалерот Алберто Коста во Порто за да го добие во обратен правец Жоао Марио, наведува португалското издание – „А Бола“.

„Змејовите“ во целата размена на играчи ќе мора да доплатат 6 милиони евра. Десниот бек на „старата дама“ во претходната сезона имаше 14 натпревари на кои направи 3 асистенции.

Марио кој потекнува од школата на Порто игра на истата позиција. 25-годишниот дефанзивец во претходната сезона беше стандарден во првата постава. Тој се појави на 42 меча.


Наполи ќе понуди 40 милиони за Ндоје

Челниците на фудбалскиот состав Наполи нема да се откажат од трансферот на Дан Ндои иако Болоња засега тактизира и не сака да ги прифати понудите.

Шампионот на Серија A сака првично да плати 9 милиони за фудбалерот и да го ангажира како позајмен во наредната сезона а потоа да му го откупи договорот за 25 милиони евра.

Бидејќи во игра ќе бидат и одредени бонуси, сумата може да ја помине границата од 40 милиони.


Шпанецот Гарабаја е нов тренер на Еурофарм Пелистер

Шпанецот, Рубен Гарабаја Аренас, е нов тренер на ракометарите на Еурофарм Пелистер откако се согласил на договор за една плус една сезона. Тој утре во Битола ќе ја има првата средба со играчите.

Гарабаја има 168 мечеви за Шпанија и постигнато 318 голови. Тој е носител на злато од СП, сребро од Европски шампионат, бронза од Олимписките игри во Пекинг и Мундијалот во Шведска. Гарабаја кариерата како играч ја започна во Адемар Леон а беше дел и од Моразо и Ваљадолид за во 2007 година да го облече дресот на Барселона.

Со Каталонците освои 3 пехари во домашното првенство, два Купа на Кралот а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.


Словенецот Чанчар потпиша за Олимпија Милано

Влатко Чанчар, долгогодишен кошаркар на Денвер Нагетс и словенечката репрезентација, ќе игра во Евролигата следната сезона.

Како што беше официјално потврдено во вторникот, крилниот кошаркар ќе биде новиот член на Олимпија од Милано.

Чанчар ја започна својата кариера во Словенија во Олимпија од Љубљана, а во 2016 година се пресели во Белград, каде што играше за Мега две сезони.

Во март 2018 година, замина во Шпанија, каде што играше за Бургос до крајот на сезоната 2018/19. (имаше просек од 10,2 поени и 3,8 скока по натпревар).

На НБА драфтот во 2017 година, тој беше избран од Денвер Нагетс како 49-ти пик, а во НБА пристигна во 2019 година и остана до сезоната 2024/25.