feature

Лаури одби да настапи на ЛОИ во Токио

Кајл Лаури одби да настапи за американскиот тим на Олимписките игри во Токио, Јапонија. 35-годишниот кошаркар ќе стане слободен агент на крајот на сезоната. Се очекува да биде еден од најбараните играчи на пазарот.

Лаури во просек постигнуваше 17,2 поени оваа сезона, остварувајќи 7,3 асистенции и 5,4 скока.

Досега 11 имиња најавија дека сакаат да одат на Олимпијадата во дресот на САД, а тоа се: Девин Букер, Џејмс Харден, Кевин Дурент, Бам Адебајо, Демиен Лилард, Бредли Бил, Џејсон Тејтум, Кевин Лав, Дру Холидеј, Дрејмонд Грин и Крис Мидлтон.



Атланта со одличниот Јанг го изненадија Милвоки

Атланта во првиот натпревар од финалето во доигрувањето во Источната конференција на НБА лигата го победи Милвоки во гости со резултат 116:113 и поведе со 1:0 во серијата на четири победи.

Хокси стигнаа до победата благодарение на Тре Јанг, кој постигна 48 поени со седум скокови и 11 асистенции. Голема помош имаше и во Џон Колинс, кој со 23 поени запиша и 15 скокови, а Клинт Капела постигна 12 поени со дури 19 скокови.

Кај поразената екипа, најдобар беше Јанис Антетокумбо со 34 поени, 12 скокови и девет асистенции.

Наредниот натпревар се игра ноќта петок кон сабота, повторно на паркетот во Милвоки.



Покрената постапка против ФФМ заради рушење на ковид-кодексот

Фудбалската федерација на Македонија се соочува со казна од УЕФА за можно кршење на здравствените правила од страна на нејзините играчи на ЕВРО 2020, иако тимот  е елиминиран од првенството.

Надлежниот орган на Европската фудбалска асоцијација веќе ја заврши истрагата за наводно „лошо однесување и потенцијално кршење на здравствените протоколи“ од страна на играчите на ЕВРО 2020. Тоа се однесува на земање брис од играчи во Амстердам во саботата (19 јуни) за задолжителни тестови ковид-19, две дена пред мечот со Холандија, објави попладнево Германската новинска агенција (DPA).

Евентуалните санкции на УЕФА ќе бидат против федерацијата на Македонија, а нема да бидат индивидуални, односно нема да бидат изречени кон играчите.



Ван дер Варт: Пандев е за Македонија како Кројф за Холандија

Поранешниот холандски репрезентативец Рафаел ван дер Варт беше воодушевен од емотивното збогување на легендата на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев.

„Мислам дека беше фантастично и емотивно. Тој е како Јохан Кројф од  Македонија”, рече Ван дер Варт, како експерт на холандската национална телевизија.

„Ми дојдоа солзи в очи. Мислам дека е убаво што таквите играчи добиваат такво збогување”, дополни Холанѓанецот.



Конте го најави следниот чекор во кариерата

Италијанскиот фудбалски стратег, Антонио Конте неодамна потврди дека во новата сезона нема да биде на колрмилото на Интер, со кој во минатата сезона стигна до титулата во Серија А.

Конте, кој се поврзуваше и со кам-бек во Премиер лигата, откако доби понуда од Тотенхем е категоричен.

„Не сакам нов ангажман, сакам следната сезона да ја поминам со моето семејство и да учам нови работи. Спортот постојано се развива, јас сакам да гледам фудбал и да напредувам, но една година ќе паузирам од работа.“ – изјави Антонио Конте.

Италијанецот во изјавата за медиумите од Апенините посочи дека се уште е потресен по она што му се случи на Ериксен и побара сите добро да размислат во кој правец оди фудбалот и барањата кои стануваат преголеми и опасни по здравјето на фудбалерите.


Надал го откажа Вимблдон заради психолошки замор

Тренерот на Рафаел Надал, Карлос Моја ја коментираше одлуката на 20-кратниот шампион на Грен слем турнирите да ги пропушти Вимблдон и Олимписките игри.

„Сезоната на земјени терени се покажа како многу тешка, со голем физички и психолошки притисок. По Ролан Гарос, Рафа беше целосно исцрпен. Сега тој има заслужен одмор. Кариерата за врвен играч е маратон, трка на долги патеки со тешки одлуки што треба да се донесат и тој одлучи дека е најдобро да застане за да ги наполни батериите. Пред две години, Рафа достигна точка на екстремен психолошки замор, од кој беше многу тешко да се излезе. За жал, тој сега е повторно близу до таа состојба. Тој не може да си дозволи да игра Грен слем ако не е 100% подготвен“,  изјави Моја.

Надал по завршувањето на Ролан Гарос соопшти дека нема да учествува на Вимблдон и на Олимпијадата во Токио.


Нова бизарна ситуација на ЕУРО поврзана со КОВИД-19

Пандемијата на коронавирусот продолжува да го крои Европското фудбалско првенство. По бизарната одлука шкотските фудбалери да не мораат во изолација, за разлика од неколку англиски фудбалери по контактот со позитивен шкотски играч, сведочиме на уште една несекојдневна ситуација.

Во сабота од 18. часот на Јохан Кројф Арена ќе играат Данска и Велс, а се чини дека само една репрезентација ќе ја има поддршката на навивачите.

Првите информации говореа дека холандската влада поради епидемиолошката ситуација нема да дозволи доаѓање на Данци и Велшани, но одлуката е променета.

Данците ќе можат на натпреварот, но со услов да ја напуштат Холандија по 12 часа поминати во таа земја. Покрај тоа, мораат да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Таа можност ја немаат Велшаните.


Евробаскет: Историски подвиг на БиХ!

Селекцијата на БиХ продолжи со одличните настапи на женскиот Евробаскет. Откако обезбедија пласман во осминафиналето, во супер-пресметката излегоа како победници и против Хрватска (80:69), што беше доволно да обезбедат место во четвртфиналето на евро-шампионатот кој се одржува во Шпанија и во Франција. Ова се случува за прв пат во својата историја, во оној женски сегмент.

Покрај храбрите Босанки, понатаму продолжуваат и селекциите на Русија, Шведска и Шпанија.

Еден од ко-организаторите на првенството, Шпанија, доминираше во мечот против селекцијата на Црна Гора (78:51). Репрезентацијата на Шведска изненадувачки лесно ја победи Италија (64:46), додека пак Русија ја елиминира Словенија со високиот триумф од (93:75).

По слободниот ден на шампионатот, веќе од денеска стартуваат четвртфиналните возбудувања.

Од 18.часот, за место во полуфиналето ќе се борат Белорусија и Шведска, односно Франција и БиХ. Во 20.45 часот, стартува дуелот помеѓу селекциите на Русија и Белгија, додека дербито на оваа фаза е од 21.часот, кога на теренот во Валенсија ќе истрчаат селекциите на Шпанија и на Србија.


Буфон: Доста беше резерва, дојдов во Парма за да бранам

Буфон од неодамна и официјално се врати во Парма, италијанскиот голман ќе ја заврши кариерата во клубот каде што ја започна.

Сега Буфон откри дека тој имал понуди од два топ клубови, меѓутоа се одлучил да игра повторно во Парма.

„Парма ми го понуди она што другите не можеа. Имав понуди од два клуба, еден од нив играше и во Лигата на шампионите. Сепак, јас се изморив да бидам резерва. На крајот и за овој клуб чувствувам посебни емоции“, изјави Буфон.


„Кралсвите“ не го сакаат Погба како дел од трансферот на Варан

Реал Мадрид ја одбил понудата на Манчестер Јунајтед за размена која ги вклучувала Пол Погба и Рафаел Варан.

Интересно е што двајцата Французи имаат договор со своите клубови до 2022 година и одбиваат да ја продолжат соработката.

Двајцата сакаат да ја променат средината, а Варан е голема желба на Манчестер Јунајтед. Меѓутоа, „кралевите“ ја одбиле понудата на „црвените ѓаволи“ бидејќи сакаат само кеш.

Реал е спремен да го продаде дефанзивецот доколку пристигне понуда од 60 милиони евра бидејќи подготвува сериозна финансиска понуда за Килијан Мбапе.