feature

Турција ја совлада Србија и го осигура првото место во групата

Српската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во групната фаза на Евробаскетот, Турција беше подобра и славеше со 95-90, со што го освои првото место во групата А.

Натпреварот беше вистинско уживање за љубителите на кошарката, со спектакуларен дуел помеѓу Никола Јокиќ и Алперен Шенгун кој практично го диктираше темпото на двата тима.

Од првите минути, средбата беше неизвесна. Селекторите Ергин Атаман и Светислав Пешиќ не калкулираа, а нивните тимови постојано се менуваа во водство.

Србија започна добро, но Турција набрзо го презеде водствотт. Во текот на сите 40 минути резултатот беше речиси изедначен, а решавачкиот момент се случи на крајот кога Никола Јовиќ промаши зицерот за +6, а Марко Гудуриќ ја загуби топката во критична ситуација.

Проблем за Србија е повредата на Алекса Аврамовиќ, кој го напупти теренот во финишот на првото полувреме и не се врати на теренот. Турција ја топрпедира Србија со 18 тројки од 31 шут.

Никола Јокиќ беше најефикасниот играч во Србија со 22 поени, девет скока и четири асистенции. Марко Гудуриќ додаде 12 поени, додека Филип Петрушев постигна 11 поени.

Алперен Шенгун го предводеше турскиот тим со 28 поени, 13 скока и осум асистенции, додека Шејн Ларкин постигна 23 поени и девет асистенции, а Чеди Осман уфрли 16 поени.

Во осминафиналето Турска ќе игра против Шведска, а Србија против Финска.


Германскиот селектор отпуштен од болница

Селекторот на Германија, Алекс Мумбру, е отпуштен од болница и ќе ја продолжи својата рехабилитација во хотел во Финска, што е одлична вест за кошаркарската репрезентација. Тој беше итно хоспитализиран еден ден пред почетокот на Евробаскетот, поради акутен панкреатитис.

Сепак, Германија, и покрај неговото отсуство, одигра одлично во групната фаза.

Избраниците на Алан Ибрахимагиќ, кој привремено го презеде кормилото на селекцијата, остварија четири победи и се веќе во осминафиналната фаза, која се игра во Рига.

– Мило ми е што излегов од болница. Се чувствувам подобро и добивам многу добра нега во хотелот. Задоволен сум што тимот играше добро досега и во контакт сум со тренерскиот штаб, во кој имам целосна доверба – истакна Мумбру, порачувајќи дека наскоро се враќа на клупата на Германија.


Пелистер потпиша со Андреј Митревски

Македонскиот репрезентативец Андреј Митревски е нов член на КК Пелистер. Митревски важи за еден од најперспективните домашни играчи во националното првенство.

Репрезентативниот бек своите квалитети ги покажа и во претквалификацискиот циклус за СП 2027 каде беше меѓу ретките светли точки во македонскиот национален тим, со просек 10,3 поени; 2,5 скокови и 2 асистенции по натпревар.

Митревски во досегашната кариера го носеше дресот на прволигашот Феникс, а во една сезона настапуваше и како „позајмен“ во ТФТ во Првата лига.

За услугите на овој кошаркар, имаше и интерес од неколку клубови од американската НЦАА-лига.


Благоја Милевски: Саудиска Арабија е предизвик за сите наши играчи

Нашата најдобра репрезентација пристигна Прага и на стадионот на Викторија Жижков го одработува тренингот во пресрет на утрешниот натпревар со Саудиска Арабија. Иако станува збор за пријателски дуел, селекторот Благоја Милевски и неговиот тим му пристапуваат со максимална сериозност, имајќи предвид дека веќе за неколку дена следи многу поважниот квалификациски предизвик против Лихтенштајн.

Благоја Милевски – селектор на македонската репрезентација:

„Очекувам секој поединец да го покаже својот максимум и да се наметне во зголемувањето на конкуренцијата во тимот. Сакам да видам дека Македонија може, дури и преку оние кои имаат помала минутажа, играчи кои бараат нови средини или подоцна го решија својот клупски статус. Се надевам дека тоа нема да се одрази на нивната физичка подготвеност. Најважно ми е сите да бидат здрави. Саудиска Арабија е редовен учесник на Светските првенства и го гледам дуелот како еден предизвик за сите наши играчи. Мислам дека сите кои ќе настапат, ќе бидат во функција на она што не очекува во недела, тоа е дуелот со Лихтенштајн”.


Елиф Елмас: Саудиска Арабија е одлична увертира за тоа што ни следува

Пред пријателскиот натпревар во Прага, Саудиска Арабија – Македонија на стадионот на Викторија Жижков, свој коментар даде и Ељиф Елмас. Нашиот репрезентативец истакна дека натпреварот ќе биде важен тест за селекцијата и увертира за квалификацискиот меч со Лихтенштајн.

„За нас пријателски натпревари не постојат. Овој дуел ќе ни даде многу, затоа што сите ќе видиме до каде сме и какви подготовки имавме. Играме против сериозен ривал, гледавме снимки од Саудиска Арабија и затоа ќе имаме максимален фокус. Овој меч е одлична подготовка и увертира за дуелот со Лихтенштајн. Имав добри подготовки, чувствувам дека сум подготвен. Овие два натпревари ќе ми значат многу, бидејќи по подолго време повторно ќе настапам во меч со голема важност.

Саудиска Арабија е тим кој игра со многу посед и знае да ја чува топката, па ќе мора да бидеме максимално сконцентрирани. Ние секогаш излегуваме на терен по победа, свесни за квалитетот кој го имаме. Секој настап за Македонија е мотив плус и верувам дека овој пријателски натпревар ќе биде од голема корист за нас”.


Еурофарм Пелистер после драма до Суперкуп трофејот

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија првиот трофеј во новата сезона откако во Суперкупот го совладаа Вардар со 28-27.

Во салата во Кавадарци во крајно изедначен меч со драматична завршница, „зелено-белите“ од Битола беа повешти и успеаја да дојдат до победата. Кај Пелистер се наметна Хосни со 9 погодоци пред Тајник со 4 додека кај Вардарци се издвоија Кавада со 6 (сите од пенал) и Талески со 5 голови.

Сега „Вардарци“ останаа на четири пехари, „пелистерци“ бројат до три додека Алкалоид има еден трофеј во Суперкупот.


Бојан Димоски потпиша за ТСЦ Бачка Топола

Фудбалскиот клуб ТСЦ го официјализира трансферот на репрезентативецот на Македонија, Бојан Димоски, објави клубот од Бачка Топола.

Димоски (23) пристигна во ТСЦ од Акрон од Тољати. Вториот дел од минатата сезона го помина како позајмен во Партизан, а за „црно-белите“ одигра само четири натпревари.

Кариерата ја започна во младинските категории на Тетекс, а потоа играше за Вардар, за кој дебитираше како 17-годишник во февруари 2019 година, и за Академија Пандев, каде што стана стандарден член, а подоцна и капитен на тимот.

Потоа Димоски потпиша договор со рускиот клуб Акрон Тољати, а во февруари 2025 година се приклучи на Партизан како позајмен играч. Црно-белите не ја активираа опцијата за откуп.

Димоски ги помина сите македонски младински селекции, а дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија во јуни 2022 година против Гибралтар во Лигата на нации на УЕФА.


Катар е идната дестинација на Кимпембе

Централниот бек на ПСЖ, Преснел Кимпембе, според различни извештаи, треба да го напушти клубот и да се пресели во Катар.

Дефанзивецот, кој е дел од тимот десет години, го имаше своето деби за Парижаните во сезоната 2014/15 и се етаблираше како партнер на Маркињос во срцето на одбраната. По одличните игри ја доби довербата на Дидие Дешамп, имајќи 28 настапи за Франција.

На Светското првенство во Катар, тој играше само во последниот натпревар од групата против Данска, кој заврши 0:0.

Сепак, голем број проблеми со повреди во последните години го ограничија неговиот настап на само еден во Лига 1 минатата сезона и само 11 во претходната сезона. Кимпембе има само уште една година од договорот, а од Паркот на принцовите одлучија да не сметаат на играчот во иднина.


Гундоган: Имав многу понуди, но го избрав Галатасарај

Илкај Гундоган имал многу опции за продолжување на кариерата, но тој го избрал турскиот фудбалски клуб Галатасарај. Ова го изјави лично поранешниот германски репрезентативец, кој ќе биде трансфериран од Манчестер Сити до крајот на оваа недела.

Во Галатасарај, тој ќе игра со својот соиграч во германската репрезентација Лерој Сане.

„Среќен сум. Ова е прекрасен ден за мене и моето семејство. Среќни сме што сме тука и се надевам дека ќе се адаптираме што е можно побрзо“, рече Гундоган по слетувањето во Истанбул.

„Имаше и други заинтересирани страни, но мојата желба беше Галатасарај. Почнавме преговори во мај или јуни. Клубот требаше да реши некои работи со Виктор Осимен и Лерој Сане, па морав малку да почекам. Сепак, сè си дојде на свое место и станав дел од семејството Галатасарај“, продолжи поранешниот германски репрезентативец.

„Добри пријатели сум со Сане и игравме добро заедно низ годините. Се сретнав и со тренерот пред два дена, по што работите се одвиваа многу брзо. Се вратив дома и сум среќен. Со нетрпение очекувам да го видам тимот и да излезам на теренот со него“, заклучи Гундоган.


Фудбалската репрезентација „летна“ за Прага на дуел со Саудиска Арабија

Македонската фудбалска репрезентација денес отпатува за Прага на првиот од двата септемвриски натпревари во рамките на ФИФА прозорецот. Со оглед на тоа што во првиот термин нашите момци се слободни, утре од 17:00 часот во главниот град на Чешка ќе одиграат пријателски натпревар против Саудиска Арабија.

За првиот дуел селекторот Милевски најави дека ќе им даде шанса и на оние кои немаат стандардно место во првиот состав на нашиот национален тим. Истиот ќе биде искористен за подготовка за важниот квалификациски дуел во недела.

По овој меч селекцијата се враќа во Скопје, а в недела не чека меч со Лихтенштајн.

Попладнево нашите момци ќе тренираат во Прага.