feature

Рубен Аморим е менаџер на месецот во Премиер лигата

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, е избран за „менаџер на месецот“ во Премиер лигата за октомври.

Португалецот го доби признанието по одличниот серијал на резултати што го вратија Јунајтед меѓу водечките екипи во лигата.

Под водство на Аморим, „црвените ѓаволи“ остварија три последователни победи — против Сандерленд, Ливерпул и Брајтон, притоа покажувајќи офанзивен и дисциплиниран фудбал кој му донесе голема поддршка од навивачите.

-Ова признание е за играчите и за целиот стручен тим. Тие се заслужни за секој резултат. Нашата цел е да останеме фокусирани и да продолжиме во ист стил, изјави Аморим по добивањето на наградата.

Ова е прво вакво признание за 39-годишниот стратег во Англија, а Јунајтед првпат по речиси две години добива свој претставник меѓу добитниците на наградата.


Франко Колапинто и во 2026 година ќе вози во Формула 1

Аргентинскиот талент Франко Колапинто ќе остане дел од Формула 1 тимот на Алпин и во 2026 година, потврди тимот денеска пред Големата награда на Сао Паоло.

Со оваа одлука, францускиот производител го заокружува својот возачки тандем за новата регулаторна ера – комбинација на младост, искуство и стабилност.

Иако досега не успеа да освои бод во својата дебитантска сезона, Колапинто успеа да остави позитивен впечаток во тимот и да ја задржи довербата на раководството, предводено од извршниот советник Флавио Бријаторе.

Одлуката доаѓа во период кога Алпин се стреми кон долгорочна визија и стабилност по неколкуте турбулентни сезони што следеа по заминувањето на Фернандо Алонсо.

Колапинто пристигна во Алпин во мај годинава, заменувајќи го Џек Дуан во Имола, иако во тешкиот болид не успеа да стигне до бодови. Сепак, неговиот пристап, стабилност и темпо во развојот го убедија тимот дека вреди да му се даде уште една шанса во новата ера на спортот.

„Многу сум благодарен на Флавио и на целиот тим за вербата во мене“, рече Колапинто. „Од првиот ден знаев дека ќе биде огромен предизвик да ја задржам својата позиција во Формула 1, но напорната работа и поддршката што ја добив од сите во Алпин ме мотивираат секој викенд. Да ја добијам оваа шанса повторно е нешто на што сум навистина горд“.


Семејството Ањели не го продава Јувентус

Италијанските акции на фудбалскиот гигант Јувентус не се на продажба, но отворени сме за соработка со други инвеститори, изјави денеска семејниот потомок Џон Елкан, откако крипто групацијата Тетер стекна значителен удел во клубот.

Елкан е извршен директор на Ексор, холдинг компанија на семејството Ањели чии врски со најтрофејниот италијански клуб датираат од 1923 година, кога Едоардо Ањели стана претседател. Ексор е мнозински акционер на клубот. На прашањето дали Ексор размислува да ги продаде акциите на Јувентус, Елкан изјави за Ројтерс дека компанијата нема намера да го стори тоа.

„Остануваме целосно посветени на Јувентус и горди сме што сме негов мнозински акционер повеќе од еден век“, рече Елкан.

Тетер го зголеми својот удел во Јувентус на повеќе од 10 проценти претходно оваа година и сега е втор по големина акционер во клубот од Торино по Ексор, кој поседува околу 65 проценти. Инвеститорите, предводени од Ексор, вложија околу 1 милијарда евра свежи пари во Јувентус во текот на изминатите седум години преку серија зголемувања на капиталот.

Во февруари, извршниот директор на Тетер, Паоло Ардоино, рече „можете да купите само она што некој сака да го продаде“ кога го прашаа дали неговата компанија на крајот ќе го поседува клубот. Ардоино е италијански државјанин и навивач на Јувентус.
Јувентус ја освои својата деветта последователна титула во италијанското првенство во 2020 година, но оттогаш нема титула.


Тата Мартино се враќа во Атланта

Американскиот фудбалски МЛС лигаш Атланта повторно го ангажираше Херардо „Тата“ Мартино како тренер, потпишувајќи договор со аргентинскиот стратег до 2027 година. Мартино се враќа во клубот што го водеше до шампионската титула во МЛС лигата во 2018 година, кога беше прогласен за тренер на годината.

„Овој момент не е враќање во минатото, туку можност да поставиме нов темел и да продолжиме да еволуираме во согласност со барањата кои ги носи редовната борба за врвот во МЛС“, рече сопственикот на клубот Артур М. Бланк.

Мартино пред речиси една година го напушти Интер Мајами од лични причини, по една сезона во клубот. Во текот на својата кариера, Аргентинецот освои 11 трофеи на клупско и репрезентативно ниво во Северна и Јужна Америка, како и во Европа.

Интер Мајами го ангажираше во јули 2023 година, во моментот кога Лионел Меси го имаше своето деби за клубот. Мартино претходно го тренираше Меси во Барселона и во репрезентацијата на Аргентина, а двајцата ја обновија соработката во Мајами.


Кенет Фарид пред потпис со Панатинаикос

Панатинаикос не игра добро на почетокот на сеозната во Евролигата. Зелените се на скор од пет победи и четири порази. Покрај тоа тимот остана без класичен центар, Лесор се уште е на рехабилитација, а во меѓувреме се повредија Хомс и Јурцевен.

Дека не може да игра без класичен центар, Ергин Атаман најдобро виде во средата, кога Панатинаикос доживеа тежок пораз во Белград од Црвена звезда (86-68).

Сопственикот на тимот Димитрис Јанакопулос најде решение за центарската позиција во Тајван, поточно во ликот на НБА ветеранот Кенет Фарид, поранешен соиграч на Никола Јокиќ во Денвер четири сезони.

Фарид помина седум сезони таму, а ги бранеше и боите на Бруклин и Хјустон, додека европско искуство стекна во ЦСКА Москва во 2021 година и во Реџо Емилија минатата сезона.

Популарниот „Менимал“, кој за една недела ќе наполи 36 години, целата своја кариера ја играл на позицијата крилен центар, но Фарид, висок 203 см, ќе може да ги покрива центарските позиции во Европа, единственото прашање е дали ќе може да го стори тоа во елитното континентално натпреварување.

Фарид играше во НБА (478 лигашки натпревари и 18 плејоф натпревари) од 2011 година, кога беше избран како 22-ри пик на драфтот, до 2019 година и неговото прво патување во Кина, а играше и во Мексико и Порторико. Тој беше дел од репрезентацијата на САД која го освои Светското првенство во Шпанија во 2014 година.


Милан во јануари тргнува во Левандовски

Според каталонскиот весник „Спорт“, Милан сака да го ангажира Роберт Левандовски во јануарскиот преоден рок.

Актуелниот договор на Левандовски со Барселона истекува по крајот на оваа сезона. Тој преферира да го испочитува цел, а потоа да замине како слободен играч.

Барселона би била отворена за негова продажба доколку Милан има интересна понуда, Каталонците преферираат да заработат некое евро од неговото заминување.

На Милан му е потребен напаѓач со оглед на тоа што Хименез не им се погоди, па сега се разгледвуаат поинакви алтернативи.


Тотенхем во јануари ќе тргне по Родриго

Иднината на Родриго во Реал Мадрид е неизвесна, се појасно е дека тој нема уште долго време да биде член на шпанскиот гигант.

Таквата негова позиција го прави интересен за други клубови, а информациите од Англија велат дека Тотeннем е загреан за него.

Англискиот клуб е подготвен да го одврзе ќесето за да потпише со Родриго.

Се верува дека и фудбалерот би прифатил предизвик во Премиер лигата.


Ѓоковиќ ќе игра за титулата во Атина

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на АТП турнирот во Атина, откако првиот носител во полуфиналето вечерва рутински го победи Германецот Јаник Ханфман со 6-3, 6-4.

За 38-годишниот Ѓоковиќ, ова е 144. финале во кариерата во која освои точно 100 турнири, од кои 24 на грен слем турнирите.

Оваа година, Ѓоковиќ играше во две финалиња пред Атина. На Мастерсот 1000 во Мајами загуби од младиот Чех Јакуб Меншик, додека ја прослави својата јубилејна 100. титула во мај во Женева.

Ѓоковиќ во финалето на турнирот во Атина ќе игра против победникот од втората полуфинална пресметка меѓу Американецот Себастијан Корда и вториот носител Италијанецот Лоренцо Мусети.


Свеченото затворање на ЗОИ 2026 во Верона

Организаторите на Зимските олимписки игри (ЗОИ), кои ќе се одржат од 6 до 22 февруари идната година во Милано и Кортина д’Ампецо, објавија дека церемонијата на свеченото затворање ќе се одржи во античкиот римски амфитеатар во Верона.

а прв пат во олимписката историја, церемонијата ќе се одржи во место на светското наследство: Арена ди Верона.

„Овој настан ќе ги спои спортот, уметноста и културата во прослава на убавината на Италија“, рече претседателот на Организацискиот комитет на ЗОИ 2026, Џовани Малаго,

Арената во Верона редовно е домаќин на музички концерти.


Ваноли е наследникот на Пиоли во Фиорентина

Поранешниот шеф на стручниот штаб на Торино, Паоло Ваноли (52), пристигна во Фиренца за да ја преземе функцијата тренер на Фиорентина, која е на дното на табелата во Серија А, јавија денеска италијанските медиуми.

Ден претходно, Ваноли спогодбено го раскина договорот со Торино, кој важеше до јуни 2026 година. Ваноли во Фиорентина доаѓа на местото на Стефано Пиоли, кој беше отпуштен во вторникот поради катастрофален почеток на сезоната.

Фиорентина не победи на ниту еден натпревар во првите десет кола во Серија А и е на дното на табелата со четири нерешени резултати и шест порази.

Ваноли треба да потпише договор со клубот од Фиренца до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката за уште една година, а во клубот од Фиренца се враќа по повеќе од 20 години, кога настапуваше за Фиорентина како фудбалер од 2000 до 2002 година.

Ваноли треба да дебитира на тренерската клупа на Фиорентина в недела на гости против Џенова, која, исто така, оваа недела го смени својот тренер, назначувајќи го Даниеле Де Роси на местото на Патрик Виеира.