feature

Бернардо Силва најнова желба на Интер Мајами

Интер Мајами има намера да го потпише играчот од средниот ред на Манчестер сити, Бернардо Силва, објави „Газета дело Спорт“.

Според италијанскиот медиум, шампионите на МЛС, заедно со Јувентус, Бенфика и неколку други тимови, се заинтересирани да го потпишат 31-годишниот Португалец како слободен агент. Неговиот договор со Сити истекува во летото 2026 година.

Преговорите за плата со претставниците на Силва ќе започнат со сума приближна до неговата моментална плата во Сити – помеѓу седум и осум милиони евра по сезона.

Силва игра за Манчестер сити од јули 2017 година. Во сезоната 2025/26, тој постигна два гола и имаше пет асистенции во 39 натпревари.

„Трансфермаркт“ ја проценува неговата трансферна вредност на 27 милиони евра.


Дуплантис постави нов светски рекорд во скок со стап

Легендарниот шведски атлетичар во скок со стап Арманд „Мондо“ Дуплантис постави нов светски рекорд, прескокнувајќи ја летвичката вечерва на домашен терен во Упсала на височина од 6,31 метри.

Дваесетишестгодишниот Дуплантис го постави новиот светски рекорд при својот прв обид да ја прескокне оваа височина.

Ова е 15. пат во кариерата на Дуплантис да го собори светскиот рекорд.

Неговата серија започна во 2020 година кога го симна од тронот Французинот Рено Лавилени со скок од 6,17 метри.


ПСЖ создава кошаркарска секција

Сопственичката структура на фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен наскоро треба да поднесе апликација за влез во НБА Европа.

Катар Инвестмент Груп (QSI) потврди дека активно работи на испраќање официјална понуда до НБА, без да даде никакви детали.

Ова не е изненадувачки, бидејќи самите челници на НБА постојано зборуваа за нова франшиза од Париз и идејата за создавање кошаркарски тимови од фудбалски секции како што се Манчестер или претходно споменатиот Париз.

Челниците на НБА го гледаат Пари Сен Жермен како голем глобален бренд и идеална можност да го привлечат вниманието кон претстојниот проект што треба да започне следната година.

Да потсетиме дека ПСЖ има договор за спонзорство со брендот Џордан, а Кевин Дурант е малцински сопственик на клубот.


Очоа ќе игра на својот шести Мундијал

Легендарниот голман Гиљермо Очоа ќе има шанса на претстојното Светско првенство да направи нешто што досега никој од Мексико не успеал.

Повредата на Ахиловата тетива на Луис Анхел Малагон значи дека селекторот на „триколорите“ Хавиер Агире ќе мора да побара други опции за голот. Така за место меѓу стативите се очекува да се борат Очоа и Раул Ранхел, кој брани за Гвадалахара.

Очекувањата се дека 40-годишникот ќе добие шанса повторно да го брани голот на својата земја на најголемата светска сцена, како што тоа го правеше во 2014, 2018 и 2022 година. Тој беше и дел од тимот на Светските првенства во 2006 и 2010 година, но тогаш не доби минутажа.

Така, шампионатот во САД, Канада и Мексико би претставувал негово шесто учество на Светски првенства, повеќе од неговите сонародници Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркес, кои застанаа на пет. Исто така повеќе и од било кој друг фудбалер во историјата, освен од Лионел Меси и Кристијано Роналдо за кои се очекува исто така по шести пат да бидат дел од своите селекции.


Пако Алкасер замина во пензија на 32 години

Шпанскиот напаѓач Пако Алкасер официјално стави крај на својата фудбалска кариера на 32 години.

Последниот натпревар го одигра на 11 јануари 2025 година, а по пауза од терените реши дефинитивно да се пензионира. Во кариерата запиша 455 натпревари и постигна 170 голови на клупско ниво.

Алкасер најголем белег остави во Валенсија, од каде во 2016 година се пресели во Барселона за 30.000.000 евра. Во каталонскиот клуб имаше улога на алтернатива на Луис Суарез и постигна 15 гола на 50 натпревари.

Подоцна настапуваше за Борусија Дортмунд и Виљареал, а последните години од кариерата ги помина во Обединетите Арапски Емирати. За шпанската репрезентација одигра 19 натпревари и постигна 12 голови.


Потер доби нов договор, останува шведски селектор до 2030 година

Шведската фудбалска федерација одлучи да ја продолжи соработката со селекторот Грем Потер, кој ќе ја предводи репрезентацијата до крајот на Светското првенство во 2030 година.

Англискиот стратег ја презеде селекцијата во октомври минатата година со краткорочен договор до крајот на квалификацискиот циклус, но по разговорите со федерацијата двете страни се договорија за подолгорочна соработка, без оглед на резултатите во баражот за СП 2026.

Потер истакна дека е голема чест да продолжи да работи со националниот тим и дека чувствува силна одговорност кон репрезентацијата и нејзината иднина.

Следниот предизвик за Шведска е дуелот со Украина на 26 март во првиот натпревар од плеј-офот за пласман на Светското првенство кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико.


Познат составот на дуелот во Брегенц во рамките на ЕХФ неделата

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го објави списокот на ракометари за претстојниот натпревар против Австрија, при што во составот има неколку промени во однос на претходните собири.

Лазаров се одлучи за состав со неколку нови имиња. Македонската селекција ќе се подготвува за дуелот со Австрија, кој се очекува да биде важен тест за формата на тимот и можност за проверка на новите ракометари во составот.

Селекторот Кирил Лазаров ја предводи репрезентацијата од 2021 година и продолжува да гради нова генерација на националниот тим.


Трамп: Не е паметно Иран да игра на Светското првенство

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вели дека Иран е добредојден на престојниот Мундијал, но не е паметно да доаѓа.

Иран иако се пласираше на Светското првенство, најверојатно нема да учествува на него, тоа го најави и министерот за спорт на оваа земја.

Сега на оваа тема беше побарно мислење и од Доналд Трамп.

„Фудбалската репрезентација на Иран е добредојдена на Светското првенство, но мислам дека не е паметно да доаѓаат, поради нивна безбедност“, рече Трамп.

Доколку Иран и дефинитивно се повлече, нејзиното место ќе го завземе селекција од Азија. Според редоследот би требало тоа да е Ирак кој игра бараж, а во бараж мечот да учествуваа Обединетите Арапски Емирати кои се следни на листата по резултатите во азиските квалификации.


Алкараз ја започна сезоната со 15 победи по ред

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз стигна до четвртфиналето во Индијан Велс. Тој ноќеска го победи Каспер Руд во четвртфиналето на Мастерсот во Индијан Велс со 6-1, 7-6/2.

Алкараз ја продолжи својата серија без пораз на 15 натпревари на почетокот од сезоната 2026. Тој освои титули на Австралија опен и во Доха, а сега стигна до четвртфиналето на Индијан Велс по петти пат по ред.

Дваесет и двегодишниот Шпанец стигна до своето 19. четвртфинале на Мастерсот.

Следно, ќе се соочи со Камерон Нори, со кого води со 5:3 во меѓусебните натпревари.


Кер ќе пропушти уште пет натпревари

Главниот тренер на Голден Стејт, Стив Кер, изјави дека лидерот на тимот, Стивен Кари, е загрижен што неговото долготрајно закрепнување од повредата на коленото никако да заврши.

Голден Стејт објави дека плејмејкерот ќе пропушти уште најмалку пет натпревари во тековната сезона.

„Стеф е вознемирен. Сака да биде на теренот за своите момци. Опоравувањето е бавно; никој не очекуваше работите да се одвиваат вака. Се обидуваме да се осигураме дека ќе се врати здрав и дека ќе може да ја заврши сезоната силен“, изјавил Кер.