feature

Илиевски: Овие две победи најавуваат позитивни работи

По двете остварени победи на стартот од претквалификациите за Евробаскетот 2029, селекторот Марјан Илиевски и неговите избраници можат да бидат задоволни пред продолжението на циклусот во кој сега влегуваме со реални шанси и за првото место во квалификациската група.

„Првично, сакам да им честитам на играчите, бидејќи од една негатива и од лош почеток се вративме во втората четвртина, дури и завршивме со два поени предност за нас. Ова е голема гостинска победа. Игравме во Даблин по меч по кој бевме три дена заедно, се рехабилитиравме на тој тренинг што ни беше дозволен. Го сработивме она кое го посакувавме и среќен сум и горд на играчите, од прв до последен. За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме. Ние во овие денови се соочувавме со проблеми, односно неколку играчи имаа повреда, но пак го дадоа максимумот за Македонија. Со еден збор, се создава нешто што е позитивно. Да бидеш во колектив, каде никој не се штеди, е прв показател дека се случува нешто позитивно и дека сме на добар пат. А, сето она што ќе биде резултат на самиот терен е нешто друго“, вели селекторот по успешно реализираниот план во ноемврискиот ФИБА „прозорец“.


Реми во борбеното и грубо лондонско дерби

Дерби натпреварот на 13.коло Премиер лигата меѓу Челзи и Арсенал заврши без победник 1-1. Лидерот Арсенал не ја искористи предноста со играч повеќе откако поради груб старт во 38.минута беше исклучен играчот на Челзи Каиседо.

Иако со играч помалку „сините“ од Лондон први дојдоа во водство со голот на Чалоба во 48.минута. Водството на Челзи не траеше долго бидејќи Мерино изедначи на асистенција на Сака во 59.минута. До крајот на дуелот ниту една од екипите немаше сериозна шанса за да дојде до водство.

На другите денешни натпревари во Премиер лигата: Кристал Палас – Манчестер Јунајтед 1-2, Вест Хем – Ливерпул 0-2, Астон Вила – Вулверхемптон 1-0 и Нотингем Форест – Брајтон 0-2.


Лејсон Зеќири по победата над Ирска: Завршивме голема работа, но нема опуштање

Лејсон Зеќири даде свој придонес во многу важниот триумф на гостински терен во Даблин, каде бевме подобро од репрезентацијата на Ирска (88-76), за втора победа н почетокот на претквалификациите за Еврбаскетот 2029.

Како високото крило на нашата најдобра селекција го виде дуелот во националната Арена во Даблин:

„На почетокот, мечот не беше на наша страна заради цврста игра на ривалот. Но брзо се адаптиравме и дадовме одговор. На крајот од втората четвртина поведовме, а потоа продолживме по тој пат.

Третиот период имаше добар „проток на топка“, добра одбрана, лесни поени во напад и потоа успеавме да ја изградиме разликата која ни ја донесе победата.

Со овие две победи 90% си завршивме работа, но не значи дека ќе се опуштиме. Ќе работиме да ги добиеме и тие дуели, кои на хартија можеби се полесни“, потенцираше Зеќири по зарпувањето на средбата во Даблин.


Голема победа на македонските кошаркари во драмата во Даблин

Кошаркарската репрезентација на Македонија со победа се враќа од гостувањето во Даблин каде го одигра вториот натпревар од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Македонија славеше против домашната репрезентација на Република Ирска со 88-76.

Овој триумф беше многу важен за нашата селекција, а сега следи директен дуел со Луксембург кој исто така има две победи по првите две кола. Тој натпревар ќе се игра во февруари во Македонија, а местото на одигрување дополнително ќе биде утврдено.

Дуелот во Даблин почна во знакот на домаќинот, кој имаше добар старт и поведе со 8-0. Сепак потоа Македонија заигра многи подобро во нападот и успеа да го заврши првиот период со 27-20. Во вториот период многу подобра игра на Макеоднија и на одмор се замина со предност од 42-40. Се играше изедначено се до финишот од натпреварот кога Македонија се одлепи на 5 поени разлика 72-77, а подоцна знаеше да ја искористе секоја шанса и да дојде до конечните 76-88.

Најдобар кај Македонија беше Андреј Јакимовски со 26 поени, го следеше Џејкоб Вајли со 20 поени и девет скока, Мекиќ додаде 12, а Стојановски 11 поени. Кај Ирска, Самуел Алаџики имаше 26 поени.


Калеро си поднесе оставка, Леванте ќе доведе нов тенер

Шпанскиот клуб Леванте ја објави оставката на Хулијан Калеро од функцијата главен тренер. Соопштението беше објавено на официјалната веб-страница на клубот по одлуката на одборот.

Заминувањето на Калеро се случи еден ден по поразот на Леванте од Атлетик Билбао на домашен терен со 2:0. Клубот му изрази благодарност на 55-годишниот стручњак за неговата работа и му посака успех во понатамошната кариера.

Калеро го презеде Леванте во летото 2023 година. Под негово водство оваа екипа одигра 58 натпревари. Во овој период, тимот победи на 25, одигра 16 нерешено и загуби на 17.

Леванте е на 19-то место на табелата во шпанското првенство, со девет бода од 14 натпревари.


Шампионот првпат не победи во Битола, Алкалоид носи бод од „Боро Чурлевски“

Еурофарм Пелистер не победи на натпревар на кој се чинеше дека ги има бодовите во свои раце. Избраниците на Гарабаја пропуштија убава шанса да го добијат дербито со Алкалоид, водеа скоро цел натпревари, на моменти и со седум разлика, но дуелот заврши 26-26 (17-13).

Еурофарм Пелистер беше поуверлив во добар дел од мечот и заслужено стигна до навидум комотна предност. Највисоката изнесуваше 23-16 во раната фаза на второто полувреме сепак не се покажа како одлучувачка за важна победа. Тимот од Автокоманда почна да ја топи предноста и го натера Пелистер да игра со далеку поголема нервоза, па во завршната минута се влезе со еден гол позитива за домаќините (26-25).

Капитенот Кузмановски не реализираше напад кој сигурно ќе значеше и победа, а во следниот напад, Ѓоргиев погоди по шести пат од шестиот обид и донесе израмнување на триесет секунди пред крајот. Гарабаја доби тајм-аут и нацрта напад за победа, па откако гостите направија прекршок во опасната зона, Пелистер доби шанса за победа од седум метри.

Радивојевиќ ја презема одговорноста да го изведува пеналот, но разбранетиот Галевски одлично беше поставен и успеа со одбрана да ја замолкне салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со девет гола, Филип Кузмановски погоди пет пати, а Никола Митревски имаше 13 одбрани. Кај Алкалоид, Марко Стојковиќ заврши со осум гола, а Игор Ѓорѓиев имаше шест. Кај голманите Иван Галевски фати седум, а Марко Кизиќ четири топки.


Дика Мем се согласил на трансфер во Фуксе Берлин

Порталот „Хендбол Бејз“, најавува сензационален трансфер во светот на ракометот. Според овој извор, Дика Мем (28), еден од најдобрите играчи во светот, ги прифатил условите што му ги понудиле челните луѓе на Фуксе Берлин. Мем од летото 2027 година ќе стане играч на актуелниот шампион на Германија, за кој игра најдобриот ракометар во светот Матијас Гидсел (26).

И Гидсел и Мем првенствено играат на десната надворешна позиција, но данскиот репрезентативец може да игра и како среден бек, што значи дека овие двајца ќе формираат еден од најсилните тандеми на надворешни играчи во светот на ракометот.

Проектот во Берлин станува уште поимпресивен, ако се знае дека, според најавите од Германија, на Фуксе треба да му се придружи Симон Питлик, левиот бек на Фленсбург и уште една данска мегаѕвезда.

Шпанските медиуми исто така пишуваат дека Барселона се подготвува за иднината без Мем, кој игра за каталонскиот гигант од 2016 година. Шпанците сè уште не наведуваат каде ќе оди Французинот, но се поизвесно е дека тоа е Фуксе.

Минатата година, Фуксе ја освои Бундеслигата за прв пат во историјата под палката на Матијас Гидсел, актуелниот двократен добитник на наградата за најдобар ракометар во светот, додека загуби од Магдебург во финалето на Лигата на шампионите.


Влаховиќ скина мускул, се враќа следната сезона

Јувентус ќе мора извесно време да игра без Душан Влаховиќ. Српскиот напаѓач се повреди во 30 минута од мечот против Каљари, веднаш се фати за препоните и побара замена. Со грч на лицето и очигледна болка тргна кон клупата.

На прес-конференцијата шефот на стручнипт штаб на „старата дама“ потврди дека Влаховиќ ќе мора да паузира. Не знае колку долго, но претпоставува дека станува збор за подолг период. Влаховиќ се повреди веднаш по удар кон голот.

„Во болка е, го истегна мускулот. Го одморив против Бодо Глимт бидејќи не сакав да го преоптоварам, но и покрај тоа тој се повреди. Според мое мислење плати висока цена поради удар што не го изведе како што сакаше. Ако имаше целосен контакт со топката немаше да се повреди. Штета, ќе бидеме без него подолг период“, изјави Спалети.

Степенот на повредата ќе биде познат во текот на следните денови по деталните прегледи во клупската амбуланта. Повредата на Влаховиќ доаѓа во лош момент за Јувентус пред месец во кој тимот ќе игра против врвни ривали. Ги очекуваат дуели со Наполи, Болоња и Рома.


Јунајтед одигра перфектен втор дел и со пресврт слави против Кристал Палас

Манчестер Јунајтед се врати на победите во Премиер лигата со важен триумф од 1-2 на гостувањето кај Кристал Палас во 13 коло. Тимот на Рубен Аморим одигра зрело, создаде повеќе шанси и заслужено ги освои трите бода и покрај тоа што на паузата имаше негатива.

Палас поведе во 36 минута со голот на Жан Фелипе Матета од белата точка, резултат кој беше активен на полувремето.

Сепак, Јунајтед во второто полувреме направи целосен пресврт. Џошуа Зиркзе израмни на 1-1 во 54 минута, а девет минути подоцна Мејсон Маунт стрелаше за конечни 1-2. Гостите пропуштија уште неколку шанси преку Мбеумо и Маунт да дојдат до повисока победа.

Ова е шести лигашки триумф за Јунајтед кој сега има 21 бод и се искачи на шестото место, токму над денешниот противник. Во следното коло Палас гостува кај Барнли, а Јунајтед дома ќе го пречека Вест Хем.


Убедливи победи на Вардар и Струга, скопјани на чекор до есенска титула

Водечките екипи во Првата фудбалска лига, Вардар и Струга ТЛ остварија убедливи победи во денешните дуели од 15.коло. Вардар го совлада тимот на Шкупи со 6-1, додека Струга ТЛ го победи Башкими со 6:0. Вардар е лидер со 39 бодови, пред Струга со 38.

Вардар за две минути постигна два гола за водство до 2-0, а стрелец беше Горан Закариќ во 36 и 37. минута. На стартот од вториот дел Михаил Талевски (47. минута) зголеми на 3-0, додека капитенот Азер Омерагиќ донесе предност од 4:-0 во 57.минута. Голот за Шкупи во 71.минута го постигна Марио Станковски, а до крајот на натпреварот Омерагиќ постигна уште два гола за хет-трик (79 и 84.минута) за конечни 6-1.

Серијата голови во Струга ја „отвори“ Бунјамин Шабани во 24. минута, а на 2-0 зголеми Христијан Малески во 37. минута, додека третиот гол во 40. минута го постигна Стефан Јевтовски. И во вториот дел имаше три гола во мрежата на Башкими, а стрелци беа: Меметриза Хамза (53. минута), Малески (61. минута) и Арби Воша (89. минута).

На претходно одиграните дуели: Силекс – Арсими 1-3, Пелистер – Македонија ЃП 1-1 и Брера – Тиквеш 0-4.

Утре во 13:00 часот во Тетово се игра последниот натпревар меѓу Шкендија и Работнички.