Вардар 1961 го доби дербито во Охрид и остана суверен лидер
Ракометарите на Вардар ја остварија четиринаесетта победа во Супер лигата во исто толку натпревари. „Вардарци“ го совладаа Охрид со 28-26 и со тоа како непоразен останаа на првото место на табелата.
„Црвено-црните“ водство имаа во текот на целото прво полувреме, а единственото изедначување беше 1-1. Вардар најголемата предност ја имаше во 20.минута кога поведе со 12-7, но охриѓани во финишот на првиот дел намалија на 13-14. Вардар и во вториот дел имаше постојано водство, а до +5 (17-22) стигнаа во 45. минута. До крајот на натпреварот „црвено-црните“ ја зачуваа предноста.
Дмитро Хориха со 8 голови беше најефикасен на натпреварот.
Второто дерби на колото се игра утре меѓу првакот Еурофарм Пелистер и Алкалоид со почеток во 19:30 часот.
Златна победа на Еурофарм Пелистер против жилавиот Куманово
Еурофарм Пелистер 2 им се врати на победите во домашниот шампионат, откако по поразот од Вардар 1961 во претходното коло вечерва со 30-28 (19-15) го совлада составот на Куманово. За младите пелистерци ова беше еден од најважните дуели во трката за плеј-оф, но момците на Александар Зарков не потпаднаа под притисокот и одиграа уште една солидна партија, која што им донесе значајна победа. По израмнетото нешто повеќе од половина полувреме, во кое двете екипи имаа свои моменти и водството на своја страна, следуваше серија на „зелено-белите“. Во клучните моменти Еурофарм Пелистер 2 го подигна нивото на игра и тоа му донесе предност од четири гола на полувреме (19-15).
Само што почна второто полувреме Еурофарм Пелистер во шестата минута пак имаше предност од четири гола, а потоа Куманово се разигра. Секогаш кога домашните ќе се понадеваат дека се блиску да го скршат отпорот на гостите, тие возвраќаат со голови, па така во 52 минута Куманово намали на 26-25 внесувајќи повторно неизвесност. Дури и со играч помалку постiгнуваа голови, па Ончев намали на 27-26, а потоа израмни на 27-27.
Во последните клучни пет минути од средбата гостите имаа шанса да израмнат при резултат 29-28, но тој удар од крило го одбрани Мартин Јовановски. На неполни три минути пред крај, тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Зарко побара тајмаут и имаше напад, кој заврши под „пасивен напад“ но без погодок. Во контра Александар Стојков шутна над стативата, па повторно битолчани беа во напад. Петар Марковски се избори за пенал, а Бен Maхуд го претвори во погодок за 30-28. Ниту ударот на Димевски не стигна до голот, па остана малку време, и Еурофарм Пелистер ја прослави победата.
Мохамед Азиз натпреварот со Куманово го заврши со единаесет постигнати гола, а одличен беше и Шулевски со шест. На спротивната страна по шест погодоци впишаа Тоше Ончев и Бразилецот Густаво Гуедес.
Во следното 15. коло Еурофарм Пелистер 2 гостува кај Охрид.
Замбота ги оперираше нозете за корекција на варус деформитетот
Повозрасните љубители на фудбалот сигурно го паметат легендарниот италијански дефанзивец Џанлука Замброта. Фудбалер кој можеше да игра на десен и лев бек, а во Јувентус имаше улога како крило, објави на социјалните мрежи дека повторно бил подложен на операција.
Минатата недела во Болоња му била извршена операција за корекција на варус деформитет, состојба поради која нозете добиваат форма налик на буквата „О“.
Замброта веднаш им се обрати на своите фанови и на Инстаграм. Објави фотографија на која се потпира на штаки, им се заблагодари на сите за поддршката и додаде:
„Полека, но право напред…“. претходно, во јавноста се пишуваше дека докторите се чудат како воопшто успева да оди во таква ситуација.
Операцијата на која беше подложен се нарекува остеотомија. Замброта сам ја објасни на едноставен начин:
„Во пракса, ми ги исправуваат нозете така што ми отсекуваат мали делови од коската погоре и подолу, па ми вградуваат плочки.“
Шеици го купуваат српскиот прволигаш Рад
Фудбалскиот клуб Рад би можел да добие сериозен финансиски поттик од Блискиот Исток. Според информациите, Никола Петковиќ успеал да го заинтересира саудискиот принц Бин Абдула Бин Сау за инвестиција од околу шест милиони евра во клубот од Бањица.
Приказната доби тежина откако на адреса на Рад пристигна официјално писмо во кое принцот заедно со соработниците Обед и Абдула Алотаиби и со поддршка на Петковиќ го потврдува интересот за почеток на преговори.
„Со ова писмо, го изразуваме нашиот формален интерес за потенцијални инвестиции во фудбалскиот клуб Рад од Белград. Во овој стратешки договор, со нас како партнери се господата Обед и Абдула Алотаиби, како и г-дин Никола Петковиќ. Го признаваме историското наследство на клубот и гледаме силен потенцијал за негов развој. За правилно да ја процениме оваа можност, ве молиме да ни дадете точни информации за финансиската состојба, оперативните обврски и идните планови. По приемот на овие информации, подготвени сме да започнеме официјални преговори“ стои во писмото.
Рад сезонава настапува во Првата белградска лига група Ц, петти ранг на фудбалот во Србија и по тринаесет кола се наоѓа на првото место.
Пјастри ќе тргне од пол-позицијата во Катар
Оскар Пјастри се избори за пол позицијата за последната спринт трка за сезонава во формула 1. Тој успеа да биде најдобар во квалификациите, а пред сè подобар од неговите конкуренти за титулата светски првак Ландо Норис и Макс Верстапен.
Пјастри до првото место стигна со време 1:20.055 минута. Второто место му припадна на Џорџ Расел. Поради грешката во последниот круг Ландо Норис заврши како трет.
Верстапен е најголем губитник на квалификациите и по грешката квалификациите ги заврши на шестото место и со тоа ги намали шансите за висок пласман и за освојување на титулата.
Добар пласман постигна Фернандо Алонсо, кој успеа да се пласира на четвртото место.
Стартот на трката е утре (сабота) во 15 часот.
Само реми за Пелистер на домашниот дуел со Македонија ЃП
Фудбалерите на Пелистер и Македонија Ѓорче Петров го поделија пленот во Битола, откако во еден возбудлив натпревар, исполнет со многу шанси на двете страни, одиграа нерешено 1-1.
Натпреварот започна динамично, со брза размена на закани. На почетокот, Еступијан имаше шанса за домашниот тим, додека од спротивната страна, Керим се закани кон голот на Пелистер, но и двајцата беа спречени од сигурните голмани.
Гостите од Ѓорче Петров први дојдоа до водство во првата посериозна акција.
Гостите стигнаа до водство од 0-1 по големата грешка на домашниот голман Андреј Јовчевски во 22. минута, гол кој на крајот му беше препишан на Христијан Пецов
Веднаш по водството, Пелистер тргна кон израмнување. Петковски имаше обид кој заврши покрај голот, а потоа на сцена стапи Лука Булатовиќ. Тој имаше дури три шанси за гол во првото полувреме, но во сите нив, голманската мрежа ја спаси гостинскиот чувар Јанков.
Второто полувреме започна со притисок од Македонија ЃП. Гостите имаа три обиди, а најопасен беше шутот на Мартиновски од 16 метри, но голманот на Пелистер, Јовчевски, беше сигурен.
Клучниот момент за Пелистер се случи во првиот конкретен напад во вториот дел, кога конечно беше пробиена одбраната на гостите. Стрелец на израмнувачкиот гол за 1-1 беше напаѓачот Лука Булатовиќ, кој успеа да ја материјализира една од своите бројни шанси.
По израмнувањето, возбудувањата продолжија, а следуваше период на погодени рамки од голот. Во 70. минута, Стоиловиќ од Македонија ЃП ја погоди стативата, а само неколку минути подоцна, Ристовски од Пелистер одговори со погодена греда.
Во завршницата, Стефан Спировски имаше два обиди (во 83. и 85. минута) кон голот на Јанков, но без промена на резултатот. Последната шанса на мечот му припадна на Стоилов од слободен удар, но топката беше запрена од сигурниот Јовчевски.
Со конечниот резултат 1-1, двата тима освоија по еден бод во оваа интересна пресметка.
Втора победа за Македонија до 19 години на квалификацискиот турнир во Струмица
Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години ја запиша втората победа на квалификацискиот турнир (Рунда 1, Група Б5) за Европското првенство на УЕФА, совладувајќи ја селекцијата на Азербејџан со 3-1.
Нашиот национален тим доминираше во текот на целиот натпревар. Калина Попоски го отвори резултатот во 19. минута по одлично изработена акција, а предноста ја зголеми Теона Галабовска во 27. минута од пенал. Галабовска беше стрелец и на третиот погодок, во 49. минута, со што ја заокружи одличната партија.
Гостинската селекција успеа да намали преку Јуругова во 35. минута, но немаше сила за целосен пресврт.
Македонија со овој триумф прави значаен чекор напред во квалификациската кампања и го најавува решавачкиот меч против Словенија од последното коло.
По повеќе од еден век згасна италијанскиот клуб Римини
Италијанскиот фудбалски клуб Римини, кој играше во Серија Ц, се повлече од натпреварувањето поради сопствена ликвидација, соопшти прес-службата на Италијанската фудбалска федерација.
Според извештаите, постоењето на младинските тимови на Римини е доведено во прашање.
Римини е основан во 1912 година. Клубот двапати во својата историја ја освоил Серија Ц, во сезоните 1975/76 и 2004/05. Нивниот највисок дострел е петтото место во Серија Б во сезоната 2006/07.
Низ годините, клубот имал реномирани фудбалери како Самир Хандановиќ, Алесандро Матри, Серхио Флокари, Матео Бриги и други. Меѓу реномираните тренери кои работеле за клубот бил и Ариго Саки.
Конечно добри вести за Аморим, Лисандро Мартинез спремен за враќање
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, потврди дека дефанзивецот Лисандро Мартинез е подготвен да се врати во игра за неделниот натпревар од Премиер лигата против Кристал Палас.
Аргентинскиот репрезентативец беше на клупата при поразот од Евертон во понеделник вечерта. Иако не настапи, бидејќи беше надвор од теренот од почетокот на февруари, Аморим рече дека дефанзивецот е во неговите планови за натпреварот во Лондон.
„Ако е на клупата, тогаш е подготвен. Секако дека мора да ги контролираме неговите минути, но ако е на клупата, тогаш е подготвен да игра“, рече Аморим.
На својата прес-конференција во петокот попладне, Рубен Аморим ги изостави Матеуш Куња, Хари Мегваер и Бенџамин Шешко од составот за натпреварот.
Аморим, исто така, нагласи дека раниот почеток на натпреварот во недела нема негативно да влијае на подготовката на неговиот тим.
Шест калчолигаши со закана за забрана за трансфери
Шест тима во италијанската Серија А се изложени на ризик од забрана за потпишување нови играчи за време на зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми. Клубовите кои потенцијално се засегнати се шампионот Наполи, Аталанта, Лацио, Фиорентина, Торино и Џенова.
Причината е воведувањето на построги прописи поврзани со таканаречените „продолжени трошоци за труд“ – финансиски индикатор кој го мери односот помеѓу трошоците за плати и приходите на клубот.
Според сегашните правила, доколку тимот не пријави позитивен финансиски резултат или не генерира доволно приходи од продажба на играчи, нема да може да регистрира нови играчи.
Клубовите мора да ги достават своите финансиски извештаи за периодот до 30 ноември (недела), а врз основа на дадените информации, раководството на Серија А ќе одлучи дали да воведе ограничувања за трансфери.