feature

Тухел: Фоден и Белингам нема да играат заедно за Англија

Фудбалската репрезентација на Англија успешно ги финишира квалификациите за Светското првенство. Англичаните изборија место на Мундијалот, а од вечерва ги започнуваат подготовките за планетарната смотра. Во К групата, Англија во претпоследното коло ќе ја пречека Србија.

Пред натпреварот на „Вембли“, селекторот Томас Тухел ѝ порача на англиската јавност дека Хари Кејн, Фил Фоден и Џуд Белингам не можат да играат заедно во неговиот систем.

Тој додаде дека нема да бега од тешки одлуки дури ни на Светското првенство, бидејќи неговата работа не е сите да играат и сите да бидат среќни, туку Англија да победува.

„Можат ли да играат заедно? Можат, но во различна формација. Засега не планираме да ја менуваме структурата“, одговори Германецот на последната прес-конференција пред дуелот со Србија.

„Можеби би можеле да играат заедно, но не на иста позиција. Наместо да бараме начин сите да играат, можеби е подобро секој да игра на својата најдобра позиција и да има здрава конкуренција. Моментално, двајцата се во директна борба за место. Тие се добри пријатели, може да биде позитивно соперништво. Тие не се непријатели. Се почитуваат едни со други и се борат за истата позиција“, додаде тој, покажувајќи како се носат непријатни одлуки и во исто време отфрлајќи го притисокот од јавноста.

Белингам доби повик за прв пат од јуни и пријателскиот натпревар со Сенегал, додека Фоден не играше за националниот тим од март минатата година и дуелот со Латвија.


Роб Едвардс е нов менаџер на Вулверхемптон

Последнопласираната екипа во Премиер лигата Вулверхемптон има нов менаџер. 42-годиншниот Роб Едвардс од Мидлсброу седнува на клупата на премиерлигашот до јуни 2029. Вулверхемптон го откупи договорот од Мидлсброу.

Едвардс на клупата ќе го наследи Витор Переира, кој е сменет по серијата слаби резултати од почетокот на сезоната.

Во периодот од 2016 година Едвардс веќе седеше на клупата на Вулверхемптон, како привремен тренер.

Едвардс беше фудбалер на Вулверхемптон од 2004 до 2008 година, а настапуваше и за репрезентацијата на Велс.

Вулверхемптон со само два бода по 11 натпревари се наоѓа на последното место на табелата.


Кошаркарките со победа ги почна квалификациите за Евробаскетот

Минимална победа постигнаа македонските кошаркарки во првиот натпревар од квалификациите за Евробаскет. Во Скопје попладнево совладана беше Данска со 79-78.

Во изедначен натпревар македонските кошаркарки постигнаа важна победа на стартот од новата рунда квалификации. Избраничките на селекторот Александар Ашаданов во првата четвртина водеа со 18-13, но противникот направи серија од 8-0 за водство на крајот на четвртината од 21-18. Репрезентацијата на Данска стигна и до предност од девет разлика (29-20), но македонскиот состав сепак до крајот на полувремето успеа да дојде и до водство. Во третиот период двете репрезентации се менуваа во водството, додека во последниот нашиот национален тим имаше постојано водство кое успеа да го сочува до крајот.

Најефикасна во македонската репрезентација беше Мерит Хемпе со 25 поени, додека кај Данска Фрида Форман постигна 18 поени.

Во следното коло македонската женска репрезентација игра на домашен терен во сабота, а противник е селекцијата на Грција. Дуелот се игра во СРЦ „Кале“ со почеток во 18 часот.


ПСЖ е најновиот гигант кој ќе застане во редот за Упамекано

Европскиот шампион ПСЖ подготвува терен за купување на ново засилување. Дајот Упамекано сè уште го нема продолжено договорот со својот клуб Баерн Минхен. Договорот истекува летово и многу лесно може да се случи играчот да замине од клубот.

Доколку двете страни не постигнат договор, можно е да се случи Упамекано да биде мета и на некоја од екипите од Премиер лигата.

Во случај Упамекано да не постигне договор со Баерн и влезе во последните шест месеци од актуелниот договор играчот има право да преговара со други клубови.


Охрид слави во дербито со Алкалоид, прва дерби-победа за Ројевиќ

Во првиот натпревар од 12.коло од ракометната Супер лига вечерва во Охрид истоимената домашна екипа го совлада Алкалоид со 28-24.

Во првиот дел по 6-6 во 14.минута ракометарите на Охрид предводени од словенечкиот интернациналец Тилен Стрмљан стигна до висока предност од шест разлика која беше и на полувремето 17-11. Во второто полувреме избраниците на Кирил Лазаров намалија на 22-20, кон средина на полувремето. Но, домашниот тим во завршните повторно ја консолидираше играта и дојде до ново највисоко водство од 28-21.

Најефикасен на дуелот беше Стрмљан со 11 голови.

Со денешната победа Охрид со 19 бодови го мина Алкалоид на табелата и се искачи на третата позиција, додека тимот на Лазаров е на четвртото место со 18. Лидер е Вардар со 22 бода, пред Еурофарм Пелистер со 19.


Вилсон од Борнмут во јануари се сели во Лидс

BOURNEMOUTH, ENGLAND – NOVEMBER 02: Harry Wilson of AFC Bournemouth during the Premier League match between AFC Bournemouth and Manchester United at Vitality Stadium on November 02, 2019 in Bournemouth, United Kingdom. (Photo by Harry Trump/Getty Images)

Лидс Јунајтед веќе сериозно размислува за јануарскиот прозорец бидејќи се обидува да ги зголеми шансите за опстанок во Премиер лигата.

На месец и пол до пристигнувањето на јануарскиот преоден рок, Лидс веќе има планови за можни трансфери. Најочигледна слабост на Лидс е позицијата на десното крило. Обидите за Факундо Буонаноте, а потоа и за Хари Вилсон беа неуспешни кон крајот на летниот преоден рок, но првите луѓе на клубот имаат намера повторно да се активираат на можен трансфер на Вилсон од Фулам.

Велшкиот репрезентативец изгледаше дека уште на лето ќе се приклучи во Лидс, но трансферот пропадна, а сега 28-годишниот Вилсон сам посакува промена на средината. Неговиот договор моментално истекува во летото 2026 година, што го прави подложен на понуди со намалени цени. Останува да се види со каква понуда за него ќе излезе Лидс.


Канаѓанецот Дејвид од Јуве се сели во Милан?

Џонатан Дејвид може многу бргу да го заврши својот престој во Јувентус. Наводно тој веќе се поврзува со заминување од Јувентус само неколку месеци откако се приклучи на клубот, а шпекулациите сугерираат дека би можел да замине кога ќе се отвори преодниот рок во јануари.

Канадскиот напаѓач пристигна на стадионот „Алијанц“ на почетокот на тековната сезона по истекот на неговиот договор со Лил, што се смета за голем успех за „бјанконерите“. Клубот го гледаше како идеална замена за Душан Влаховиќ и очекуваше дека веднаш ќе има влијание пред голот. Сепак, времето на Дејвид во Торино не помина како што се очекуваше, бидејќи не се етаблира како сигурен стрелец.

Според „Тутојуве“, неколку клубови внимателно ја следат ситуацијата на Дејвид, а Милан се појавува како една од најзаинтересираните страни. „Росонерите“ активно бараат да го зајакнат својот напад и се вели дека го гледаат Давид како играч со соодветни атрибути за да го зајакнат својот состав.


Гарабаја: Многу важна победа, секој си ја сфати улогата во тимот

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во „мечот на неделата“ на ЕХФ, предводен од „делиричната“ публика во Битола, го сруши унгарскиот гигант ПИК Сегед во епска драма со 25-24.

Ова е втора победа за „зелените“ во Лигата на шампионите оваа сезона, а сигурно големи заслуги има и тренерот од Шпанија, Рубен Гарабаја.

„Го започнавме натпреварот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра „седум на шест“. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра „седум на шест“ противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот победивме како тим.

Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого. Мора да бидеме перфектни, да ни биде јасно дека со план како во првиот дел, кога сите сме внатре, тимот „работи“. ПИК Сегед можеби имаше проблеми со повреди пред овој меч, ама ова беше многу важна победа за нас“, рече Гарабаја.

Пелистерци в сабота го пречекуваат Бутел Скопје, а следната недела пак се среќаваат со ПИК Сегед, но сега на унгарско тло.


Олимписките игри во Лос Анџелес ќе ги отвори женската „стотка“

Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 ќе започнат со финалето на 100 метри за жени на првиот ден и финалето на 100 метри за мажи на вториот ден, вели претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу.

Церемонијата на отворањето на Игрите ќе биде на 14 јули, а церемонијата на затворање на 30 јули, при што атлетиката – која ќе се одржува во текот на сите денови на Игрите – ќе започне во првата недела, а пливањето во втората.

Додека го изложуваа распоредот, организаторите на Игрите рекоа дека тоа ќе бидат најголемите Олимписки игри „со 36 спортови и 51 дисциплина на 49 натпреварувачки објекти во 18 зони низ регионот на Лос Анџелес и Оклахома Сити“.

Исто така, ќе има и „Супер сабота“ на 29 јули (ден 15), во која ќе бидат вклучени 26 финалиња во 23 спортови.


Приевидза го возврати ударот, Пелистер елиминиран од ФИБА Европа Купот

Кошаркарите на Пелистер претрпeа двоцифрен пораз и на третото гостување во ФИБА Европа купот откако „зелено-белите“ вечерва загубија на гостувањето против Приевидза со резултат 97-82. Словачкиот тим одигра квалитетно во текот на сите 40 минути, ја казни слабата игра во одбраната на „пелистерци “ и заслужено стигна до победата, покажувајќи им на тренерот Даскаловски и неговите избраници дека ги очекува многу работа во наредниот период.

Пелистер имаше само едно единствено водство на мечот, кога преку Ленгстон Вилсон поведе со 4-5. Резултатот беше неизвесен до 8-7 и 10-9, по што Словаците се одлепија и поведоа со 17-9. Нападот на Приевидза функционираше одлично, па домашниот состав ги заврши првите десет минути со двоцифрена предност од 27-17.

„Пелистерци“ подобро ја почнаа втората четвртина, преку Лука Стојановски намалија на 27-22, но следеше одговор на Приевидза и брзо водство на домаќинот од 39-25. Словаците пред крајот на полувремето имаа и водство од 20 поени (49-29), но Пелистер преку Стајиќ и Крстевски намали на 49-33.

Преостанатите 20 минути од овој натпревар минаа во лесна контрола над играта и резултатот од страна на домашните кошаркари, кои на крајот на третата четвртина имаа предност од 74-55, за на крајот да триумфираат со конечните 97-82, и тоа по четирите поени што во завршните секунди од мечот ги постигна Дамјан Крстевски.

Кевин Брејси Дејвис ги предводеше стрелците на Пелистер со 19 поени, пред Крстевски со 16, Малешевиќ со 15 поени, додека Си-Џеј Вилсон го заврши мечот со 13 поени, осум скока и четири асистенции.