feature

Стојаноски: На Пелистер му се потребни сериозни подготовки и неколку засилувања

Пелистер е долгогодишен прволигаш во ПМФЛ и имаше силен старт на сезоната, но една црна серија од 77 дена без победа му ја искомплицира позицијата на табелата, по што битолскиот клуб се најде во борба за опстанок.

Промената на кормилото вроди плод, па со доаѓањето на Милан Стојаноски, нештата се нормализираа и „зелено-белите“ продолжија да освојуваат бодови и да се прикажуваат во подобро светло, а малку недостигаше во последното коло од есенскиот дел да извојуваат победа на гости кај Арсими.

“Борбата за опстанок ќе се води меѓу неколку квалитетни екипи. Испуштивме победа против Арсими во последното коло, иако на два пати кога имавме водство можевме да обезбедиме сигурна победа. Тие грешки ни се вратија како бумеранг и Арсими изедначи и можеше дури и да направи пресврт. Задоволен сум од натпреварот, им честитав на играчите, но на крајот од сезоната ми недостигаат два бода за мирен сон. Имавме и други испуштени шанси, особено со Македонија ЃП, но има доволно натпревари во пролетниот дел каде што можеме да покажеме што знаеме и умееме. Имам високо мислење за нашите ривали како Тиквеш и АП Брера, па се надевам дека подобрите ќе изборат опстанок.”

Коментирајќи го она што претстои, Стојаноски смета дека имаат солиден план кој ќе им овозможи добри резултати на пролет.

“Во паузата меѓу двата дела на сезоната мора да се размислува и да се поправат слабите точки кои ги забележавме оваа есен. Поради различни причини, клубот не беше во посакуваната позиција на стартот на сезоната, но сега мислам дека ја имаме комплетната слика и ќе собереме сила да излеземе од кризата. Ќе се потрудиме да донесеме неколку засилувања, најмалку четири фудбалери за четири позиции, а потоа да одработиме квалитетни подготовки, со цел да го дочекаме подготвени пролетниот дел. Првиот собир ќе го имаме веднаш по Божикните празници, а во втората половина на јануари ќе продолжиме за Анталија, каде што покрај подготовките ќе имаме и неколку контролни натпревари”.

Тој има и совет околу подигање на квалитетот на играта во првенствените мечеви.

“Ние не успевавме да ја прикажеме нашата најдобра игра главно поради лошите терени во овој период од годината. Мислам дека публиката е ускратена за погледлив и поинтересен фудбал поради терените кои по обилните врнежи изгубија на квалитет. Самото скратување на лигата нема да даде квалитет ако не се подобрат и терените,- укажува шефот на стручниот штаб на Пелистер.”


Жоао Педро да Силва од јануари ќе игра за Вардар 1961

Бразилскиот среден бек Жоао Педро да Силва од јануари ќе го засили Вардар. Искусниот организатор на игра ќе потпише договор до јуни 2028 година, со што „црвено-црните“ добиваат искусен играч во бековската линија за следните двеипол сезони.

Да Силва (1994) е универзален бек со примарна улога на среден бек, но може да покрие и лева и десна страна. Препознатлив е по брзата реакција во играта, игра „два на два“ со линијата, а со таков профил на играч Вардар ќе добие на поголема разновидност во нападот.

Доаѓањето на Жоао Педро да Силва се вклопува во амбициите на клубот за силна пролетна полусезона во Лига Европа и во домашното првенство, како и во стратегијата да се гради костур на тимот на подолг рок.


Тупајиќ: Работнички мора многу подобро во пролетниот дел од сезоната

Работнички имаше очајна есен, освои само седум бода во 16 првенствени натпревари. Тимот од Дебар Маало го заокружи првиот дел од сезоната со само една победа и четири ремија, а дури 11 пати ја почувствува горчината на поразот.

Сезоната ја стартуваше рано, со настап во квалификациите за Конференциската лига и веднаш доживеа два порази и елиминација. Сепак, никој не очекуваше дека ќе следат многу слаби игри и резултати и во првенството.

Бојан Маркоски, кој го наследи Горан Станиќ, брзо замина од тренерската позиција, а значајни промени не донесе ниту турскиот стратег Алпарслан Ердем кој дојде на негово место.

Третиот тренер оваа сезона е Србинот Ален Тупајиќ. Тој го предводеше Работнички во последните три кола и забележа три порази. Сепак, се надева дека тимот со една комплетна реорганизација во зимскиот преоден рок, ќе бележи многу подобри резултати напролет. Тоа и мора да го направи, доколку сака да го избегне најлошото, испаѓање од елитното друштво.

„Наследив екипа која имаше многу проблеми, и на играчки и на резултатски план. Секако дека не сме задоволни од постигнатото, јас ќе говорам за мојот кус период додека сум на кормилото на Работнички. Но, дојдов и затоа што на тимот и претходно не му одело. И беше видлив мал напредок во играта, но попусто кога повторно резултатите беа три порази. Можеби второто полувреме против Шкендија во Тетово беше знак дека овој тим може да одигра и многу подобро. Во секој случај, Работнички е голем бренд на македонскиот фудбал, ќе мора добро да се реорганизира во оваа зимска пауза и напролет ќе треба да игра многу подобро, и што е најважно – да победува и да освојува бодови. Само така ќе можеме да ја оствариме целта, а тоа во ваков случај е опстанок во елитата“, изјави Ален Тупајиќ.


Станковски: Селекцијата има постојан напредок, играчите подготвени за новите предизвици

Репрезентацијата на Македонија до 15 години беше последната која имаше обврски во оваа година. Избраниците на селекторот Горан Станковски во изминативе денови имаше две силни контроли против репрезентацијата на Турција и во двете соочувања нашите фудбалски надежи имаа половичен успех.

Во првиот натпревар избраниците на Станковски забележаа победа од 3:2 додека во вториот гостите славеа со 1-0.

„Задоволен сум од прикажаното на двете средби и тоа пред се поради фактот што имавме исклучително квалитетен противник. Во репрезентацијата на Турција имаше дури седум фудбалери кои настапуваат за клубови кои се дел од Бундеслигата додека во нашиот состав имаше само еден интернационалец. Сакам да им честитам на играчите и сметам дека бевме достоинствен противник на една силна селекција како што е Турција”, истакна Станковски.

Во текот на 2025 година имавте многу активности, одигран е голем број на контролни натпревари што е од големо значење во профилирањето на составот кој во блиска иднина треба да се вклучи во натпреварувачкиот систем на УЕФА.

„Јасно е дека сите мечеви се од исклучителна важност. Секој од нив преку овие натпревари стекна огромно искуство и она што најмногу ме радува е фактот дека оваа генерација постојано напредува, а тоа беше посебно видливо на овие две средби со Турција”, продолжи предводникот на националниот тим до 15 години.

Оваа генерација има уште дванаесет месеци пред да влезе во системот на квалификации кога за неа почнуваат вистинските предизвици. Има доволно време да се стекне дополнително искуство и мирно да се влезе во натпреварувачки систем. Какви се плановите за 2026 година.

„Продолжуваме со активностите, секој ден работиме и заедно сме во текот на работната недела. Токму поради тоа забележлива е воиграноста на екипата и затоа ќе работиме со исто темпо, а се со цел постојано да се крева нивото на квалитет. За следната година веќе имаме договорено неколку контролни натпревари, а сме во преговори за дополнителни мечеви. Примарна цел ни е овој состав да стекне дополнително искуство и што е можно подобро да се подготви за квалификациските настапи”, заврши Станковски


„Сакаа да си заминам“: Бруно Фернандеш со шокантно признание за Манчестер Јунајтед

Frontview of bruno Fernandes complaining for Manchester United

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, откри изненадувачки детали за односот на клубот кон него во текот на минатото лето, тврдејќи дека раководството било подготвено да го пушти да замине и покрај неговата клучна улога во тимот.

Во емотивно интервју за португалската телевизија, Фернандеш изјави дека од однесувањето на клубот добил јасна порака дека неговото заминување „не би било проблем“.

„Манчестер Јунајтед сакаше да си заминам, тоа ми е во глава,“ изјави директно Португалецот. „Мислам дека немаа храброст да го направат тоа затоа што Рубен Аморим сакаше да останам. Но од страна на клубот чувствував дека ако заминам, не е толку лошо.“

Фернандеш потврди дека имал конкретна и финансиски далеку попримамлива понуда од саудискиот Ал Хилал, признавајќи дека платата била „многу повисока“. Сепак, одлучил да остане верен на Јунајтед.

„Искрено го сакам Манчестер Јунајтед, затоа реков дека останувам,“ објасни тој. „И поради семејството, но и поради разговорот со тренерот Рубен Аморим, тоа беше многу важно.“

Иако бил транспарентен со раководството и лично ги информирал директорите за интересот од Саудиска Арабија, чувството што го добил било дека клубот не би застанал на патот доколку побарал трансфер.

„Ако јас кажев дека сакам да заминам, ќе ме пуштеа,“ додаде Фернандеш.

31-годишниот плејмејкер не ја криеше болката од чувството дека станал заменлив, нагласувајќи дека тоа повеќе го растажило отколку што го повредило.

„Имав чувство дека од страна на клубот, ако си заминам, не е проблем. Тоа ме растажува,“ рече тој. „Јас сум играч кој секогаш е тука. Играм и кога е добро и кога е лошо. Секогаш го давам максимумот за клубот.“

Фернандеш остави отворена можност во иднина да заигра во Саудиска Арабија, но нагласи дека моментот минатото лето не бил вистински.

„Ако еден ден треба да играм во Саудиска Арабија, ќе играм. Но тогаш не го чувствував тоа.“

Додека Манчестер Јунајтед се соочува со тешка сезона, искрените зборови на капитенот откриваат кревка врска меѓу играчите и управата и ја отвораат дебатата за потребата од појасна комуникација и визија од врвот на клубот.


Компани е белгиски тренер на годината

Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, за прв пат го освои трофејот „Рејмон Геталс“, кој се доделува на најдобриот белгиски тренер на годината. Второто место го поделија Ники Хејен (Клуб Бриж) и Себастијан Покоњоли (Монако).

„Ова е неверојатна чест. Наградата ми значи толку многу кога ги гледам имињата на тие што ја освоиле претходно и историјата поврзана со неа. Рејмонд останува пример за секој белгиски тренер, како и за многу тренери низ целиот свет“, изјави Компани на официјалната веб-страница на Баерн.

Белгиецот се приклучи на германскиот клуб во мај 2024 година. Под негово водство, Баерн освои 82 бода во сезоната 2024/25 и ја освои германската Бундеслига. Тие се исто така на првото место оваа сезона, со 38 бода по првите 14 кола.


Дејан Манасков жестоко казнет од федерацијата

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија ги изрече казните по мечот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер.

РФМ ги казни и домашниот и гостинскиот тим со по 45.000 денари, а суспензии имаше и за Крсте Андоновски и Дејан Манасков.

Асистентот на клупата на Борис Ројевиќ доби суспензија од три првенствени или Куп натпревари, што значи дека ќе може да биде на терен на мечот од 21 коло на 14 февруари наредната година, а ќе ги скокне дуелите со Радовиш, Прилеп и Куманово.

Левото крило на битолчани доби суспензија од три месеци, па Дејан Манасков нема да игра на петте средби од регуларниот дел, а ќе ги скокне и првите два меча од плеј-офот.


Триумф за Мбапе: Судот го обврза ПСЖ да исплати 61 милион евра до Французинот

Kylian Mbappe wins the PSG lawsuit

Парискиот суд донесе одлучувачка пресуда во корист на Килијан Мбапе, наложувајќи му на Пари Сен Жермен да исплати 61 милион евра отштета. Одлуката произлегува од долгата и тензична договорна расправија што избувна по неговото заминување од клубот минатото лето, со што беше затворено едно од најгласните поглавја во европскиот фудбал.

Судиите јасно застанаа на страната на фудбалерот, потврдувајќи дека ПСЖ мора да ги подмири неисплатените бонуси и обврски од неговиот претходен договор. Мбапе, кој во меѓувреме блеска во дресот на Реал Мадрид со голови во Ла Лига и Лигата на Шампионите, го покрена случајот тврдејќи дека клубот ги прекршил дадените ветувања.

Пресудата става крај на период обележан со конфликти, по неговиот слободен трансфер во Реал во 2024 година, што предизвика силни реакции и незадоволство во редовите на ПСЖ.

Правниот спор започна пред повеќе од една година, со меѓусебни финансиски барања и тешки обвинувања. Во ноември, ПСЖ поднесе контратужба во вредност од 440 милиони евра, обвинувајќи го Мбапе за прекршување на договорот и злоупотреба на имиџ-права.

Како одговор, Мбапе го зголеми сопственото побарување на 263 милиони евра, тврдејќи дека клубот намерно задржал легитимни примања и бонуси, и покрај неговиот огромен придонес: 256 гола во 308 натпревари.

Сослушувањата се одвиваа со месеци, придружени со медиумски препукувања. ПСЖ го претставуваше фудбалерот како неблагодарен, додека Мбапе инсистираше дека клубот не ги исполнил усните договори поврзани со бонуси и клаузули за лојалност.

Конечната пресуда значително ги намали барањата на ПСЖ, доделувајќи му на Мбапе значајна, но далеку помала сума, што ја нагласува сложеноста на современите фудбалски договори.

Пари Сен Жермен излезе со воздржено соопштение, признавајќи дека му укажале „доверба од наивност“ на Мбапе и истакнаа дека од случајот извлекле поуки. Од клубот порачаа дека сакаат да свртат нова страница, нагласувајќи дека приоритет остануваат колективниот успех и задоволството на навивачите, како и создавање „нова позитивна ера“.

Со решавањето на спорот, ПСЖ конечно може да се фокусира на проектот на Луис Енрике и одбраната на титулата во Лигата на Шампионите. За Мбапе, пак, оваа пресуда значи целосна концентрација на предизвиците во Реал Мадрид, каде што ги брка трофеите и сонот за Златната топка.


Барселона го следи Рајерсон како резерва за Кунде, додека Сити демне

Sideview of Julian Ryerson playing for Borussia Dortmund

Барселона започна почетни разговори со претставниците на дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Јулијан Рајерсон, во обид да обезбеди сигурна алтернатива за Жил Кунде.

Според најновите извештаи, Ханси Флик, веќе одобрил неформални разговори со таборот на норвешкиот репрезентативец. Рајерсон, кој има договор со Дортмунд до 2028 година, оваа сезона остави силен впечаток со својата дефанзивна стабилност и тактичка флексибилност.

Со оглед на финансиските ограничувања, Барселона го гледа Рајерсон како исплатливо и реално решение, а во Дортмунд наводно не би ја исклучиле можноста за продажба доколку пристигне прифатлива понуда.

Потребата од засилување на бековската позиција произлегува и од неизвесната иднина на Жил Кунде. Манчестер Сити и понатаму покажува интерес за францускиот дефанзивец, кој не крие дека повеќе се гледа како стопер.

Флик, кој одлично ја познава Бундеслигата, високо го цени менталитетот и дисциплината на Рајерсон, особено неговите настапи во клучни натпревари, вклучувајќи го и походот на Дортмунд до финалето во Лигата на Шампионите во сезоната 2023/24.

Иако засега нема официјална понуда, скаутите на Барселона внимателно го следат развојот на ситуацијата, а не се исклучува ниту потег уште во јануари, доколку се отворат услови. Потенцијалниот трансфер се вклопува во стратегијата на клубот: комбинација од млади таленти и проверени фудбалери за стабилна борба на повеќе фронтови.


Саул Нигез ја разгоре дерби-војната во Мадрид: „Бернабеу нема атмосфера“

Saul Niguez celebrating for Atletico Madrid

Поранешната икона на Атлетико Мадрид, Саул Нигез, повторно внесе оган во ривалството со Реал Мадрид, тврдејќи дека навивачката страст на „Кралскиот Клуб“ не може да се спореди со онаа што ја доживува во својот нов дом, бразилскиот гигант Фламенго. Изјавите доаѓаат во пресрет на Интерконтиненталното финале против Пари Сен Жермен.

Саул без влакна на јазикот го опиша Бернабеу како стадион без вистинска атмосфера, истакнувајќи дека противничките екипи „не чувствуваат ништо“ и покрај глобалниот углед на Реал Мадрид. Наспроти тоа, тој го пофали Маракана, каде што, според него, секој натпревар се претвора во вистински спектакл со громогласна поддршка од трибините.

Изјавите на 31-годишниот играч, кој помина повеќе од една деценија во Атлетико, дополнително ја нагласуваат традиционалната поделба во мадридското дерби: работничката, борбена култура на Атлетико наспроти комерцијалната доминација на Реал.

Саул потенцираше дека поддршката на Фламенго е без конкуренција, наведувајќи примери од гостувања каде што нивните навивачи го исполнувале целиот стадион, па дури предизвикувале и промени на локации, како на мечот против Спорт Ресифи. Според него, Фламенго има подлабока и поавтентична врска со својата публика од Реал Мадрид, иако шпанскиот клуб има светска препознатливост и огромни финансиски приходи.

Очекувано, ваквите коментари предизвикаа бурни реакции кај навивачите на „Лос Бланкос“.

Во пресрет на дуелот со ПСЖ на Луис Енрике, кого Саул го цени поради неговата тактичка зрелост, тренерот Филипе Луис го мотивира тимот со визија за историски успех. Финалето ветува судир меѓу јужноамериканската страст и европскиот квалитет, а изјавите на Саул, обоени со неговото атлетиковско минато, му даваат дополнителна димензија на спектаклот.

Фламенго ќе се обиде на глобалната сцена да покаже дека навивачката сила може да биде подеднакво важна како и фудбалската традиција.