feature

Ислами од Клуж прво засилување на Шкендија во новата година

Актуелниот македонски фудбалски првак Шкендија ги засили денеска своите редови со поранешниот младински репрезентативец на Косово, Дрилон Ислами.

Дваесетипетгодишниот дефанзивен играч за врска доаѓа во Шкендија од редовите на романскиот прволигаш Клуж, откако претходно настапуваше за косовските екипи Феризај, Дрита и Приштина.

Ислами е првото засилување во јануарскиот преоден рок во редовите на Шкендија, која денеска официјално ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната во која тетовскиот тим го очекуваат настапи во домашното првенство и Купот, како и настапот во шеснаесетфиналето во Конференциската лига на УЕФА.

Потенцијални противници на Шкендија во Конференцијата лига се турски Самсунспор и полски Лех Познањ, а противникот ќе биде познат на 16 јануари за кога во Нион е закажана жрепката за нокаут фазата.

Шкендија на првиот натпревар, закажан за 19 февруари, ќе биде домаќин.


Охрид раскина со Грузиецот Орјоникидзе

Еден од најдобрите од минатата сезона, левиот бек, грузиецот Теимураз Орјоникидзе по повредата со која се здоби при репрезентативен настап во месец мај, на жалост не успеа да му се стави на располагање на тренерот Ројевиќ за време на зимскиот припремен период, по што клубот и играчот се договорија

спогодбено да го раскинат договорот кој што беше со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

„На нашиот Темо му посакуваме добро здравје и побрзо да се врати на ракометните терени“, порачаа од ГРК Охрид.


Лохте продаде три олимписки злата на аукција

Еден од најуспешните пливачи на сите времиња, Американецот Рајан Лохте (41), продаде на аукција три од своите шест златни олимписки одличја, за вкупно сума од 385.520 долари, јавија американските медиуми.

Лохте ги продаде медалите преку аукциската куќа „Голдин Аукшнс“, а највисоката цена беше неговиот златен медал од штафетата 4×200 метри слободен стил на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, која ја освои заедно со Мајкл Фелпс. За неа доби 183.000 долари.

Златниот медал од штафетата 4×200 метри слободен стил од Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година достигна цена од 122.000 долари, додека златниот медал од штафетата 4×200 метри слободен стил од Олимписките игри во Атина во 2004 година беше продаден за 80.000 долари.

„Никогаш не сум пливал за златни медали“, напиша Лохте на социјалните мрежи кога беше обелоденето дека ќе ги продаде своите медали на аукција.


Мартин О’Нил е наследникот на Ненси во Селтик

Познат е наследникот на Вилфред Ненси во Селтик до крајот на сезоната. Мартин О’Нил, иконскиот 73-годишен менаџер, повторно се врати од пензија за да го преземе клубот од Глазгов, нешто што веќе се случи на крајот на октомври.

Мартин О’Нил претходно го презеде Селтик за да го замени Брендан Роџерс на привремена основа во октомври и победи на шест од неговите седум натпревари. Вилфред Ненси ја презеде функцијата после тоа, но беше отпуштен во понеделникот по само две победи во осум натпревари.

„Многу сум задоволен и почестен што повторно ме поканија да го тренирам тимот и едвај чекам повторно да почнам да работам со играчите. Знам дека сите се надевавме дека работите ќе се одвиваат поинаку со Вилфред и лично му посакувам се најдобро. Тој е одличен човек и сигурен сум дека ќе продолжи да биде успешен, немам сомнение во тоа. Во мојот случај, повторно сум поканет да ја преземам оваа одлична позиција и мојот фокус ќе биде да се обидам да го вратам тимот на победничкиот пат, доколку е можно. Ќе ни треба поддршката од сите. Сè уште имаме многу да се надеваме и многу да се обидеме да постигнеме и ќе направиме сè што можеме за да го постигнеме најголемиот можен успех за клубот“, рече Мартин О’Нил.

Мартин О’Нил веќе го водеше Селтик помеѓу 2000/2001 и 2005/2006 година. Тој исто така имаше периоди во Нотингем Форест, Астон Вила, Лестер, Норич, Викомб и други клубови, покрај тоа што беше на чело на репрезентацијата на Република Ирска.


Филип Костиќ ќе го менува Јуве со Црвена Звезда

Црвена Звезда сериозно ја разгледува можноста во летниот преоден рок да го врати српскиот репрезентативец Филип Костиќ на домашната сцена.

Крилниот фудбалер на Јувентус e во последната година од договорот, што „црвено белите“ го гледаат како идеална шанса за ангажман без обештетување.

Според информациите, веќе е воспоставен контакт со фудбалерот, а во Белград му се подготвува статус сличен на оној што го имаа Марко Арнаутовиќ, Раде Круниќ или Милош Вељковиќ, кои претходно се вратија во српскиот фудбал на сличен начин.

Од таборот на Звезда најавуваат повоздржан зимски преоден рок, со јасен фокус кон летото, кога се очекуваат поголеми потези. Токму тогаш Костиќ би можел да стане едно од главните засилувања и да добие поофанзивна улога од онаа што ја има во Јувентус и репрезентацијата.


Јуве го враќа Киеза од Ливерпул

Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус започнал преговори со цел да го врати во своите редови Федерико Киеза, кој го напушти Торино пред нешто помалку од 18 месеци.

Во тек е јануарскиот преоден рок, а „старата дама“ наводно сака да го засили нападот по критиките упатени на сметка на Џонатан Дејвид и повредата на Душан Влаховиќ. Иако се очекуваше Јувентус да тргне по класична „деветка“, сè погласни се информациите дека клубот сака да го врати Киеза во своите редови.

Познатиот италијански новинар Фабрицио Романо тврди дека Јувентус веќе отворил преговори со намера да го реализира трансферот уште во јануари. Киеза во Ливерпул минатата сезона запиша само 104 минути во натпреварите од Премиер лигата.

Италијанскиот репрезентативец беше „отпишан“ од првиот тим на Јувентус во летото 2024 година, во периодот кога тренер беше Тијаго Мота, а подоцна се пресели во Ливерпул за сума од 15 милиони евра.

Но, поради репрезентативните обврски и проблемите со повреди, останува да се види дали Ливерпул ќе биде подготвен да го пушти Киеза во јануари. Тимот на Арне Слот веќе се соочува со проблеми поради долгата повреда на Александер Исак, а неизвесна е и иднината на Мохамед Салах, кој во моментов е дел од репрезентацијата на Египет на Африканскиот куп на нации.


Марко Симоновски го замени Башкими со клуб од Кипар

Македонскиот фудбалер, Марко Симоновски е првото засилување на Бојан Марковски кој неодамна го презема кипарскиот прволигаш Енозис Паралимни.

Во јавноста покрај Симоновски како можно засилување за Маркоски се споменуваше и Бесир Демири. Актуелната сезона, Симоновски ја започна во дресот на Башкими за кој на 12 натпревари постиигна три гола.

Зад себе Симоновски веќе има големо искуство надвор од границите на нашата држава бидејќи веќе настапуваше во: Русија, Хрватска, Казахстан, Финска, Романија, Косово и Узбекистан.


Селтик го смени тренерот по само еден месец

Шкотскиот гигант Селтик денеска му врачи отказ на тренерот Вилфред Нанси, по само 33 дена на клупата и дури шест порази во осум одиграни натпревари.

Од клубот соопштија дека договорот со францускиот стратег е раскинат, а заедно со Нанси, Селтик го напуштаат и неговите соработници од стручниот штаб, како и шефот на фудбалските операции, Пол Тисдејл.

Нанси на клупата го наследи Брендан Роџерс, но неговиот старт беше катастрофален. Ги загуби првите четири натпревари, меѓу кои и финалето од Лига купот против Абердин, а вкупно во осум натпревари доживеа шест порази со тимот од Глазгов.

Последен пат Селтик под водство на Нанси настапи во саботата, во големото градско дерби против Ренџерс, кое го загубија со 1-3.

Следниот натпревар Селтик ќе го одигра во сабота против Данди јунајтед, со што започнува исклучително напорен период од осум натпревари во само 24 дена.

Во овој момеент Селтик се наоѓа на втората позиција на табелата со 38 бодови, исто колку и третопласираниот Ренџерс. На врвот е Хартс со 44 бодови.


Карл откри дека сон му е да игра за Реал

Ленарт Карл е роден во Фрамерсбах, Баварија, а целата негова кариера досега беше поврзана исклучиво со Германија. Младиот германски интернационалец прерасна во еден од најголемите таленти во светот, но неговиот клуб од соништата е сепак шпанскиот гигант Реал Мадрид.

Младиот Карл даде многу незгодна и нејасна изјава за време на интервју и средба со навивачите, и разбирливо ги налути навивачите на Баерн.

„Баерн е огромен клуб и сон е да се игра тука“, рече Карл, пред да додаде: „Но, во одреден момент дефинитивно сакам да одам во Реал Мадрид. Се надевам дека ова ќе остане меѓу нас“, рече тој, но видеото се појави на социјалните мрежи и ги налути навивачите на Баерн.


Баерн го официјализираше трансферот на Димитријевиќ

Кошаркарскиот состав на Баерн Минхен го претстави преку социјалните мрежи нашиот Ненад Димитријевиќ кој по раскинувањето на договорот со Зенит Санкт Петербург се пресели во Германија.

„Со Нено секако дека го засилуваме постоечкиот ростер, кој што е погоден од многу повреди. Особено на неговата позиција. Тој има одлично портфолио со искуство на играње во Шпанија, Италија “ – изјави Драган Тарлаќ, спортскиот директор на Баерн.

Нашиот репрезентативец претходно настапуваше и за Олимпија Милано, Хувентуд, Валенсија и Уникс Казан.