feature

Канада останува во календарот на Формула 1 Мундијалот

Трката за Големата награда на Канада ќе остане во календарот на Формула 1 до 2035 година, откако денес беше објавено продолжување на договорот за уште четири години.

Патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал е позната по своите возбудливи трки, а овогодинешното издание донесе судир меѓу возачите на Мекларен, Ландо Норис, и Оскар Пјастри.

Патеката во Монтреал прв пат беше домаќин на трка од Формула 1 во 1978 година, а претходниот договор предвидуваше да остане во календарот до 2031 година.

„Додека Формула 1 слави 75 години постоење, симболично е што ја продолжуваме нашата соработка со Големата награда на Канада, трка богата со историја и големо значење, именувана по вистинска легенда, Жил Вилнев“, рече претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали. /МИА


Пелистерци добија златници за одличната сезона во младинската ЛШ

Со официјална вечера на младинската екипа која го претставуваше клубот, градот и Македонија во ЕХФ Лигата на шампиони за млади, шампионот Еурофарм Пелистер, означи крај на уште една успешна сезона.

По повод големиот успех и пласманот на завршниот турнир на ЕХФ Лигата на шампиони за млади, сите ракометари, членови на стручниот штаб и организацијата на клубот добија златници со логото на клубот и на натпреварувањето.

Овој златник претставува уникатен спомен и награда за импресивниот успех. На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски и техничкиот директор Горан Петровски.

Младинците на битолскиот тим со победите над Динамо Букурешт и Киелце обезбедија пласман меѓу четирите најдобри во Лигата на шампионите, каде забележаа порази од ГОГ Гудме и Барселона.


Непопуларно реми на Борусија и Флуминензе во Њу Џерси

Фудбалерите на Борусија Дортмунд и Флуминензе одираа натпревар без голови на Светското клупско првенство во САД.

Дерби натпреварот од првото коло од групата Ф на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси заврши со најнепопуларниот резултат, 0-0. Секогаш е интересно и неизвесно кога се натпреваруваат Германците и Бразилците, но овој пат играчите на им двата тима останаа должни на фудбалските фанови.

И за овој натпревар немаше голем интерес кај навивачите, на стадионот со капацитет од малку повеќе од 80.000 седишта, имаше точно 29.755 гледачи.

Фудбалерите на Флуминензе, шампионот на Јужна Америка од 2023 година, беа нешто поопасни, особено во второто полувреме кога голманот на Борусија, Грегор Кобел, се истакна во неколку ситуации. Особено во 70-та минута кога Евералдо имаше добра шанса.

Капитен на тимот од Рио де Жанеиро беше легендарниот бразилски репрезентативец и поранешен дефанзивец на Милан, Пари Сен Жермен и Челзи, 40-годишниот Тиаго Силва.

19-годишниот Џоуб, помладиот брат на англискиот репрезентативец и фудбалер на Реал Мадрид, Џуд Белингам, дебитираше за тимот на Нике Ковач. Тој пристигна од Сандерленд за околу 30 милиони евра. Влезе во игра во 59-та минута наместо Паскал Грос.

Јужнокорејскиот Улсан ХД и Мамелоди Сандаунс од Јужна Африка играат во истата група вечерва на полноќ.


Мирче Калајџиевски од Еурофарм Пелистер 2 се сели во Еурофарм Пелистер!

Како и претходните години и ова лето најдобрите млади ракометари од развојната екипа ќе бидат прекомандувани во шампионскиот тим на Еурофарм Пелистер. „Мозокот“ на Еурофарм Пелистер 2, екипа која без пораз се промовира во суперлигаш, Мирче Калајџиевски е нов член на Еурофарм Пелистер.

Мирче Калајџиески има 21 години, роден во Струга, а во Битола дојде од словенечкиот клуб Слован Гросист. Висок 180 сантиметри, а тежок 80 килограми.

Калајџиевски на крајот од јуни ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер за подготовките за сезоната 2025/26.


Марко Карнезеки ќе го менува Онана на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед е заинтересиран за голманот на Аталанта, Марко Карнезеки, објавува „Кориере дела Сера“.

Според извор, раководството се обидува да го продаде голманот Андре Онана ова лето и сака да најде достојна замена за него, па Рубен Аморим го насочил вниманието кон 24-годишниот Карнезеки. Аталанта е подготвена да го пушти Италијанецот за околу 45 милиони евра.

Карнезеки одигра 44 натпревари во сезоната 2024/25, прими 45 гола и 18 пати ја зачува својата мрежа. Неговиот договор со Аталанта е до летото 2028 година.


Палермо го официјализираше Пипо Инзаги

Италијанската легенда Филипо Инзаги официјално е назначен за нов тренер на Палермо. Тој го заменува Алесио Дионизи, кој беше отпуштен по завршувањето на сезоната во Серија Б.

Сицилијанскиот клуб напиша дека договорот на Инзаги е долгорочен, без да го прецизира точниот рок.

Пипо Инзаги ќе се обиде да однесе трет клуб во Серија А. Минатата сезона го направи тоа со Пиза. Од клубот се надеваа дека ќе го задржат за учество во италијанската елита, но тој го избра проектот Палермо.

Во 2020 година, Инзаги исто така освои промоција со Беневенто.


Сферопулос под голем притисок по дебаклот на Црвена Звезда

Кошаркарите на Црвена звезда ја завршија сезоната 2024/2025 со поразот од Спартак во вториот натпревар од полуфиналната серија во домашниот шампионат. Елиминацијата на црвено-белите е сензационална бидејќи, актуелниот првак, прв пат по 14 години не успеа да се пласира во финалето.

По елиминацијата, тренерот на Црвена звезда, Јанис Сферопулос, го деактивирал својот профил на социјалната мрежа „X“.

Според портал „Нова С“, по поразот на црвено-белите во Суботица од Спартак, навивачите на црвено-белите биле крајно незадоволни.

„Серијата лоши резултати кулминираше со дебакл во домашното првенство, а разочараните навивачи лансираа лавина од навреди на социјалните мрежи, особено на платформата „X“ (поранешен „Твитер“), која Сферопулос редовно ја користеше. За жал, во тој поплава од коментари имаше крајно несоодветни и брутални пораки, вклучително и закани со смрт, поради што тренерот на Звезда одлучи да го исклучи својот профил и да се повлече од социјалните мрежи“, пишува „Нова С“.


Пред шест месеци имаше тешка сообраќајка, а сега повторно заигра фудбал

Мајкл Антонио, репрезентативец на Јамајка, се врати на теренот по сериозната сообраќајна несреќа во која беше вклучен кон крајот на минатата година.

На 7 декември, Антонио се удри со своето Ферари во дрво недалеку од Лондон, а во несреќата ја скрши бутната коска на четири места.

Тој исто така рече дека лекарите му рекле дека закрепнувањето ќе трае од шест до 12 месеци, а тој се вратил на фудбалот многу побргу.

Антонио влезе во игра во 85-та минута, но не можеше да го спречи поразот на карипската селекција во првото коло од Голд Купот против Гватемала (0:1).

Стрелец на единствениот гол беше Оскар Сантис.

Антонио одигра повеќе од 300 натпревари за Вест Хем откако пристигна во 2015 година од Нотингем Форест.

Неговиот договор со „Чеканите“ истекува на 30 јуни, и засега не е познато дали ќе остане во Лондон.


Марјан Илиевски промовиран во нов селектор на кошаркарската репрезентација

Марјан Илиевски, поранешен тренер на Пелистер, Приштина, Блокотехна, Кожув и Лирија, на денешната прес-конференција, одржана во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, официјално е промовиран во нов селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

Инаку, 49-годишниот стручњак, во својата играчка кариера бил играч на голем број на македонски клубови како Неметали Огражден, Куманово, МЗТ Скопје, Никол Ферт.

Првиот официјален натпревар за него и за неговите соработници, меѓу кои се поранешниот тренер на МЗТ Скопје Аеродром и помошник во повеќе европски гиганти, Боби Митев, Борче Даскаловски, некогашен предводник на Карпош Соколи и на МЗТ Скопје Уни Банка, скопски Вардар, и Мирко Петрески, кој во минатото беше селектор на младинската селекција, а изминативе години беше помошник во турскиот тим Бурса, ќе биде на големиот национален празник – Илинден.

Новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски е свесен дека го очекува тешка работа на функцијата.


Шкендија доби велшки ривал во квалификациите од ЛШ

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија го доби противникот во првото квалификациско коло на Лигата на шампионите.

Шкендија беше меѓу неносителите, а на ждрепката имаа среќа и го извлекоа можеби најлесниот ривал од првиот сад на носителите. Тоа е екипата на ТНС од Велс, со кого веќе еднаш имаат играно во еврокуповите.

Тоа беше во 2018 година, кога Шкендија во Скопје ги надигра противниците и ги совлада со 5:0, што е една од највисоките евро-победи на македонските тимови, додека во Велс, домаќинот изненади и победи со 4:0.

Првите натпревари од квалификациите за Лигата на шампионите се закажани на 8 и 9 јули, додека реваншните се на 15 и 16 јули. Првиот меч се игра во Велс, реваншот е во Македонија.