feature

Нејмар доаѓа во Мајами и пак ќе се формира триото МСН

Лионел Меси и Луис Суарес би можеле повторно да добијат стар познаник во соблекувалната на Интер Мајами, откако медиумите најавуваат можен трансфер на Нејмар во клубот од Флорида.

Според информации на „Дејли мејл“, кои се повикуваат на извори блиски до сопственикот Дејвид Бекам, бразилската ѕвезда е на чекор од договор со Интер Мајами, а целата приказна би можела да се реализира по истекот на неговиот договор со Сантос на крајот од декември.

Доколку трансферот се оствари, Нејмар повторно би се обединил со соиграчите од славните времиња од Барселона, каде заедно со Меси и Суарес ја чинеше легендарната напаѓачка тројка која доминираше во шпанскиот и европскиот фудбал.

Покрај клубските амбиции, Нејмар наводно ја гледа МЛС како идеална можност да ја врати формата и самодовербата пред Светското првенство 2026 година, на кое се надева дека ќе ја предводи Бразил кон титулата што му недостасува во богатата кариера.


Аргентина го декласира Порторико во пријателски натпревар

Аргентина со убедливи 6-0 го доби пријателскиот натпревар против Порторико, Лео Меси не даде гол, но постави рекорд.

Меси на натпреварот имаше две асистенции. Тој дојде до вкупно 60 асистенции за Аргентина со што стана фудбалерот со најмногу асистенции во репрезентативниот фудбал. Претходниот рекорд го држеше Нејмар со 59 асистенции.

Што се однесува до натпреварот, Аргентина даде по три гола во секое полувреме. Во првото двапати погоди Мекалистер, еден гол даде Монтиел.

Во второто полувреме Лаутаро Мартинез беше двоен стрелец, а автогол си даде Ечевариа.


Гатузо: Ако не се пласираме на Светско, ќе се иселам од Италија!

Италијанската фудбалска репрезентација се препороди под водство на Џенаро Гатузо, но билетот за Светското првенство ќе го бара преку баражот.

Гатузо на четири меча ја водеше Италија, на сите постигнуваа по 3+ голови. Дадоа вкупно 15 погодоци на тие дуели. Иако редат победи, не можат да бидат прво место поради неверојатната гол разлика која ја има Норвешка од +26 голови.

Италија во последното коло ќе ја пречека Норвешка, може да победи и да се израмни бодовно со неа, но не може и да ја прескокне на табелата бидејќи Норвежаните имаат +26, а Италијанците +10 гол разлика.

Јасно е дека настапот на Мундијалот ќе го бараат преку баражите, а Гатузо по вчерашниот меч даде една интересна изјава.

„Ако не се пласираме на Светското првенство ќе се иселам и ќе живеам далеку од Италија, многу далеку“, рече Гатузо.


Бензема се враќа во Европа, Фенер реална опција за трансфер

Карим Бензема би можел да се врати во Европа.

Прославениот француски напаѓач има договор со Ал Итихад до крајот на сезоната, а доколку соработката не биде продолжена, тој ќе има можност да преговара со други клубови уште во јануари.

Според турскиот Фотомак, Фенербахче сериозно го разгледува Карим Бензема. Истанбулскиот клуб не ја започна сезоната на најдобар начин, а клубот му плати на Жозе Мурињо, кој беше отпуштен.

Доменико Тедеско пристигна на негово место и им кажа на раководството дека им е потребен подобар централен напаѓач.

Фенербахче е подготвен да се откаже од Џон Дуран, кој не ги исполни очекувањата и има проблеми со повредите.


Англија прва европска селекција која се пласира на Мундијалот

Англија се квалификуваа на Светското првенство во Канада, Мексико и САД, откако ја “торпедираа” Латвија со 5-0.

Тие досега ги добија сите мечеви во овие квалификации, вклучувајќи го и натпреварот кога убедливо ја победија селекцијата на Србија.

Резултатот на денешниот меч за Англичаните го отвори Гордон во 26-та минута, а потоа следуваа два погодоци на Хари Кејн во 44-та и од пенал точката во 45+3 за одлични 3-0 на паузата.

Потоа им помогна малку и Латвиецот Тонишевс со автогол во 58-та минута, а Езе стави точка на натпреварот со погодокот во 86-та минута за конечните 5-0.


Смилковски: ТФТ се враќа во АБА-2 со повисоки амбиции

ТФТ повторно се враќа на настапите во АБА-2 лигата. Во новата сезона, клубот од Тафталиџе ќе отвори на гости кај тимот на Раднички од Крагујевац.

Пред дуелот со оваа екипа коментар даде тренерот Боро Смилковски.

„По пауза од една година повторно сме дел од АБА 2 натпреварувањето, овој пат поискусни и со повисоки амбиции во однос на насиот настап сесонава. Не очекува дуел против екипата на Раднички Крагујевац, КлС екипа со познато кошаркарско реноме во регионот и квалитетен состав – спој од искусни и млади играчи. Екипа која игра на голем број поседи и која игра голема агресивност во одбраната посебно на надворешните позиции. За нас после добриот почеток на сезоната натпреварот ке претставува еден вистински тест за досега сработеното и би ни дал своевидна евалуација на ростерот и потребите на екипата за вакво натпреварување. Верувам дека и двете екипи влегуваат мотивирани и со свои амбиции и дека нема да изостане добра кошарка достојна за едно вакво квалитетно натпреварување како АБА 2 лигата“, изјави Смилковски.

Натпреварот меѓу Раднички Крагујевац и ТФТ се игра во среда од 18:00 часот.


Одегард се враќа на терените на средината на ноември

Капитенот на Арсенал, Мартин Одегард, ќе биде надвор од терените до средината на ноември поради повреда на коленото што ја заработи на почетокот на месецот.

Норвежанецот го повреди внатрешниот страничен лигамент за време на победата над Вест Хем на 4 октомври и мораше да го напушти теренот уште во првото полувреме.

Од клубот следниот ден потврдија дека Одегард ќе го пропушти актуелниот репрезентативен циклус, но тогаш не открија точен рок за неговото враќање.

Според најновите информации, 26-годишниот плејмејкер ќе биде надвор од комбинација сè до крајот на следниот репрезентативен прозорец во ноември, што значи дека сепак избегна потешка повреда каква што првично се стравуваше.

Одегард ќе ги пропушти премиерлигашките натпревари против Фулам, Кристал Палас, Барнли и Сандерленд, како и дуелите од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид и Славија Прага.


Јужна Африка со суверена победа се „чекира“ на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Јужна Африка е 23-та репрезентација, која обезбеди место на Светското првенство следната година во Канада, САД и Мексико.

Јужна Африка пласманот го избори со победата од 3-0 над Руанда дома во 10-то коло од мундијалските квалификации.

Головите на Таленте Мбате, Освин Аполис и Евидес Макгопе и ја донесоа победата на „бафана бафана“.

Јужна Африка го престигна Бенин во последното коло и го освои првото место во групата Ц.

На крајот, Бенин ги загуби сите шанси да биде на Светското првенство, откако загуби во последното коло од Нигерија со 3:0 и падна на третото место поради помала гол-разлика.

Јужна Африка ќе игра на Светското првенство за прв пат откако беше домаќин на натпреварувањето во 2010 година.


Вардар со победа ја почна сезоната во Европската лига

Ракометарите на Вардар со победа против Сесвете со 34-29 го започнаа патот во меѓународната конкуренција во новата сезона.

„Црвено-црните“ главно доминираа во текот на мечот против хрватскиот состав и на крајот рутинирано ги прокнижија првите бодови во групата „Ф“.

Во победничкиот тим се издвои Дмитро Хорига со 7 голови а кај гостите Златко Ражан со 9 погодоци. Вардар на 21.октомври во втората рунда ќе гостува кај Тулуз.


Галатасарај го сака Салах уште во јануари

Турскиот клуб Галатасарај изрази интерес за напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах , и размислува за негов трансфер оваа зима, објавија медиумите во Турција.

Според изворот, клубот од Истанбул планира да се обиде да потпише со 33-годишниот Египќанец во зимскиот преоден рок. Во меѓувреме, Ливерпул, и покрај тековниот договор на Салах до крајот на следната сезона, наводно е подготвен да размисли за негова продажба.

Се забележува дека клубот верува дека времето на Салах со тимот постепено завршува и е подготвен да ги сослуша понудите со цел да ја добие максималната сума за ѕвездата додека е сè уште можно.

Интересно е што самиот Салах бил импресиониран од атмосферата на еден од натпреварите против Галатасарај во Лигата на шампионите. Наводно, тој дури и го прашал Илкај Гундоган дали таква енергија на трибините навистина преовладува на секој домашен натпревар на турскиот тим.