feature

Касадо на мета на Челзи и Атлетико – Барса размислува за продажба

Барселона постави цена од 50 милиони евра за младиот играч Марк Касадо, сигнализирајќи подготвеност да ги разгледа понудите ова лето. Оваа сума е значително повисока од неговата тековна пазарна вредност, проценета на околу 30 милиони евра, но ја одразува стратегијата на каталонскиот клуб за прибирање средства и намалување на конкуренцијата во средниот ред. 

Челзи се појави како сериозен кандидат за 21-годишникот, додека интерес покажува и Атлетико Мадрид. Сепак, англискиот клуб моментално го проценува Касадо на околу 30 милиони евра, што значи дека нивната понуда ќе треба значително да се зголеми за да ги исполни очекувањата на Барселона. 

Касадо, производ на славната академија, Ла Масија, има договор со клубот до 2028 година и откупна клаузула од 100 милиони евра. Но, и покрај оваа долгорочна обврска, Барселона е подготвена да го продаде ако пристигне финансиски поволна понуда. Клубот сака да собере средства ова лето, а со голема конкуренција во средниот ред – вклучувајќи ги Френки де Јонг и повратникот Марк Бернал – шансите за минутажа на Касадо може да бидат ограничени. 

Иако играчот покажа решителност да се избори за место во тимот, неговата иднина на „Камп Ноу“ останува неизвесна. Подготвеноста на Барселона да го пушти е дел од поширокиот, прагматичен пристап: одржување конкурентен тим, но во рамки на финансиските ограничувања. 

Интересот на Челзи се вклопува во нивната стратегија за долгорочно вложување во млади и талентирани фудбалери, додека се подготвуваат за новата сезона. 


Фазлагиќ ја замени Полска со Албанија

Енис Фазлагиќ ја менува средината и од Полска се сели во Албанија, каде што ќе ја продолжи својата кариера како член на Вора.

25-годишниот фудбалер, по истекот на договорот со Висла Краков, се реши за нов предизвик и потпиша со новиот албански прволигаш. Вора лани беше шампион во втората лига, а сега амбициозно влегува во елитата, но трансферот на Фазлагиќ може да се протолкува и како чекор назад во неговата кариера.

Фазлагиќ се промовираше на домашната сцена со настапите за Шкендија, по што во 2020 година беше купен од словачка Жилина за 250.000 евра. Таму се задржа две години, а потоа за 500.000 евра премина во Висла Краков. Сепак, полскиот период не беше особено успешен, македонскиот репрезентативец две пати беше испраќан на позајмица, во Дунајска Стреда и во Горник, а минатата сезона не одигра ниту еден официјален меч за тимот од Краков.

Сега го чека нова страница во кариерата и прво искуство во албанската елита, четврта различна земја во која ќе игра професионален фудбал.


Поп Арсова и Ивановски македонски адути на СП во атлетика во Јапонија

Нашата најдобра атлетичарка на долги патеки, Адријана Поп Арсова успеа да се избори за настап на Светското првенство во Токио.

Поп Арсова преку ранкгинг системот на светска атлетика, обезбеди доволно бодови и се пласираше меѓу најдобрите 100 атлетичарки во светот во дисциплината маратон и со тоа таа обезбеди настап на своето трето последователно Светско првенство.

Адријана е првата атлетичарка во македонската историја што ќе настапи на три светски првенства по ред (Орегон, Будимпешта, Токио) од кои на две првенства со исполнет критериум за учество.

На СП во Токио Македонија ќе го има и најдобриот атлетичар Дарио Ивановски кој исто така избори пласман за настап на маратонската трка.


Пелистер доби буџет од милион евра, најголем во историјата

Пелистер ги започна подготовките за новата сезона, а новиот борд на директори ја одржа првата седница на Управниот одбор, а клубот од Битола веќе ги трасираше главните насоки за 2025/26.

Седницата ја водеше извршниот директор Александар Стефановски, а на истата беше проектиран буџетот за наредната сезона – околу еден милион евра. Средствата се обезбедени преку поддршката од Општина Битола, спонзорски договори, ваучер-системот на Агенцијата за млади и спорт, како и преку донациите од ФФМ за младинскиот погон.

На дневен ред беше и стадионот „Петар Милошевски“, за чие реновирање Пелистер ќе соработува со локалната самоуправа.

Кога станува збор за играчкиот кадар, тренерот Димитар Капинковски е во финална фаза од креирање на ростерот со кој битолчани ќе настапуваат во ПМФЛ.


Лукеба на цена, го сакаат два европски гиганти

Ливерпул и Баерн Минхен покажуваат сериозен интерес за централниот дефанзивец на РБ Лајпциг, Кастело Лукеба, тврди „Футмеркато“.

22-годишниот поранешен играч на Лион има клаузула за ослободување од 90 милиони евра во договорот. РБ Лајпциг е подготвен да разгледа понуди по пониска цена.

Тотенхем исто така ја следи ситуацијата околу францускиот репрезентативец, но нема да даде понуда освен ако не го продаде Кристијан Ромеро. Аргентинецот е трансфер цел на Атлетико Мадрид.


Милан го претстави Самуеле Ричи

Самуеле Ричи официјално е нов фудбалер на Милан. Дефанзивниот играч од средниот ред потпиша договор со „росонерите“ до 2029 година, со опција за продолжување за уште една сезона.

Милан ќе плати трансферна сума од 23 милиони евра за капитенот на Торино, а дополнителни 2 милиони евра се поврзани со бонуси.

Торино претходно плати 8,5 милиони евра на Емполи за Ричи. Минатата сезона, 23-годишниот репрезентативец на Италија одигра вкупно 36 натпревари.


ФИФА драстично ги намали цените за четвртфиналните мечеви на клупскиот Мундијал

ФИФА одлучи драстично да ги намали цените на билетите за претстојните четвртфинални натпревари од Светското клупско првенство, кои започнуваат во петок.

Натпреварите од групната фаза на натпреварувањето не уживаа во голема посетеност, ако ги исклучиме некои од натпреварите меѓу големите европски гиганти, како и оние на кои настапи Лионел Меси.

Имаше натпревари со публика помала од половина од капацитетот на стадионот, а тоа дефинитивно ги разочара организаторите.

Во обид да ги наполни стадионите до крајот на натпреварувањето, ФИФА одлучи да издаде евтини билети за преостанатите натпревари.

Проверката на страниците што продаваат билети за натпреварите покажува дека најевтиниот билет моментално се продава за само 11,15 долари. Станува збор за билет за четвртфиналето меѓу екипите на Флуминенсе и Ал Хилал. За друг четвртфинален натпревар, како што е Палмеирас – Челзи, најевтиниот билет чини само 22 долари.


Ѓоковиќ експресно го преслуша Еванс

Седумкратниот шампион на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ на убедлив начин стигна до победа во мечот од второто коло на Вимблдон против Британецот Даниел Еванс. Српскиот тенисер со 3-0 во сетови (6-3; 6-2; 6-0) со само пет загубени гема успеа да го елиминира Еванс.

Во првиот сет Ѓоковиќ се мачеше со реализацијата на брејк топките и ја искористи дури 10.та за да поведе со 5:3 во гемови и да го добие првиот сет. Во вториот сет реализацијата му беше стопроцентна и од две прилики имаше два брејка, додека во третиот сет на ривалот не му дозволи да освои ниту еден гем

Во третото коло противник на Ѓоковиќ ќе му биде сонародникот Миомир Кецмановиќ.

Од фаворитите од денешната програма кај мажите Григор Димитров од Бугарија со 3:1 во сетови го победи Корентин Муте од Франција, додека Алекс де Минуар од Австралија го совлада Артур Казо од Франција со 3:1 во сетови.


Закажана нова борба меѓу Усик и Фјури

Тајсон Фјури официјално објави дека на 18 април 2026 година ќе се бори по трет пат против Олександр Усик.

На овој начин „Кралот на Циганите“ го потврди своето враќање од пензија и најави една од најочекуваните трилогии во историјата во тешка категорија.

Веста ја објави самиот Фјури на Инстаграм, наведувајќи дека борбата ќе се одржи на стадионот „Вембли“ во Лондон. Информацијата набрзо ја потврдија и водечките боксерски медиуми.

Ова соопштение доаѓа само неколку месеци откако Фјури го објави своето пензионирање од професионалниот бокс по втор пат.

Причината за пензионирањето беа два последователни порази против Украинецот, единствените во кариерата на Фјури.

Фјури и Усик прв пат се соочија на 18 мај 2024 година во Ријад, кога Украинецот стана апсолутен шампион во тешка категорија. Претходно тоа му спеа на Ленокс Луис.

Реваншот се случи на 22 декември минатата година, исто така во главниот град на Саудиска Арабија, каде што Усик го бранеше тронот.


Бреша не доби лиценца за Серија Ц, се сели меѓу аматерите

Бреша не доби лиценца за Серија Ц и следната сезона ќе игра во аматерските лиги на Италија, соопшти фудбалската федерација на земјата.

Претходно беше објавено дека сопственикот на клубот, Масимо Челино, не сакал да уплати три милиони евра на сметката, што било потребно за исплата на заостанатите плати на вработените. Тимот ќе биде префрлен во аматерската лига откако е прогласен за банкрот.

Меѓу проблемите на клубот, наведени во соопштението за медиумите на федерацијата, се: неплаќање на 1,1 милион евра долгови кон лигата, кои требаше да се платат во јануари; неисплата на плати на вработените, вклучувајќи ги играчите, тренерите и персоналот на клубот за март и април 2025 година; како и голем број други финансиски и административни недостатоци.

Бреша испадна од Серија Б на крајот од минатата сезона. Клубот, основан во 1911 година, помина вкупно 23 сезони во Серија А, последната во 2019/20 година.