feature

Еурофарм Пелистер пресилен за новиот охридски проект

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер им се врати на победите. Во дербито од 6.коло на Супер лигата, пелистерци славеа против Охрид 33-27.

Освен почетните 0-1 за охриѓани, се останато мина во знакот на Еурофарм Пелистер.

Зелено-белите одржуваа предност два до три гола, на полувремето го завршија со +4 (18-14). Во вториот дел, пелистерци ја зацврстија играта во одбраната, заиграа побрзо во нападот и постепено ја зголемуваа разликата.

Веќе во 40.минута ја одвоија разликата и поведоа со +8 (24-16). Тука веќе беше јасно дека, Охрид неможе да се надева на изненадување, па Е.Пелистер ја впиша четвртата победа.

Најефикасен во тимот на Пелистер беше Богдан Радивојевиќ со 9, додека Дејан Манасков постигна 7 голови.


Неславен рекорд на Одегард: Три замени заради повреда во првиот дел сезонава

Арсенал го победи Вест Хем и се искачи на врвот на премиерлигашката табела, но триумфот беше скапо платен, бидејќи капитенот Мартин Едегард заработи нова повреда и мораше да биде заменет уште во првото полувреме.

Стратегот Микел Артета не криеше дека е загрижен за состојбата на норвешкиот плејмејкер кого го очекува нова пауза од терените.

„Од она што ми беше кажано, се чини дека беше удар колено во колено. Од она што самиот го видов, можам да кажам дека не изгледа добро за Мартин. Сепак, да ги почекаме резултатите од деталните прегледи“, изјави Артета.

Мартин Одегард беше заменет во првото полувреме на три последователни натпревари во низа против Лидс, Нотингем Форест и Вест Хем.

Со тоа Норвежанецот стана негативен рекордер, бидејќи досега ниту еден играч во Премиер лигата не бил заменет трипати во прво полувреме едно по друго.


Ѓоргиев: Имаме тешка група, но никој не може да ни забрани да сонуваме!

Капитенот на машкиот национален тим, Никола Ѓоргиев од Букурешт внимателно ја следеше ждрепката за ЕвроВолеј 2026 која синоќа се одржа во Бари. Заклучокот е: тешка ждрепка.

Најдобриот македонски одбојкар, сепак, останува оптимистички расположен и продолжува да верува во екипата која ја предводи.

Македонија за ЕвроВолеј 2026 е дел од групата Б во Варна, каде покрај домаќинот и актуелен светски вице-првак Бугарија, ќе се соочи и со Полска, Украина, Португалија и Израел.

„Македонија на ова Европско првенство влегува без еуфорија и големи очекувања како што беше во 2023 кога бевме организатори, но имавме среќа и во ждрепката, и во групата имавме две репрезентации кои беа со послаб ранкинг од нас. На ова ЕП Македонија влегува како најслабо рангирана селекција и верувам дека сите противници во групата на нас гледаат како на тотален аутсајдер. Добивме тешка група со два изразени фаворита – Бугарија и Полска. Украина, особено Португалија, која играше во осминафиналето на СП и ја елиминираше Куба и Израел се противници со кои ќе водиме голема битка и никој не може да ни забрани да сонуваме за осминафинале. Само да сме живи, здрави и спротени.

На ЕвроВолеј 2026 ќе влеземе со една поинаква ‘математика’ – да си ја играме нашата игра и да си ја гледаме нашата работа и да сонуваме. Искусни сме, веќе имаме три ЕП зад нас и знаеме како е и да се победува и да се губи. На претходното ЕП игравме и осминафинале и од тоа имаме искуство. Напоменав дека групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Без еуфорија, со многу работа и посветеност и да бидеме најдобри кога ќе биде најпотребно. Потешко можеше, а можеше да биде и полесно, но самото тоа што сме на уште едно ЕП носи големо задоволство“, заклучува Ѓоргиев.


Фермин Алдегер стигна до деби победа во Индонезија

Шпанецот Фермин Алдегер (Дукати-Гресини) ја забележа својата дебитантска победа во кариерата во кралската класа во МотоГП, откако денеска триумфираше на трката за Големата награда на Индонезија.

Неговиот сонародник Марк Маркез (Дукати), кој минатата недела во Јапонија и теоретски ја обезбеди седмата шампионска титула во кариерата, предвреме ја напушти трката со повреда на клучната коска на десното рамо, откако се судри со победникот во саботниот спринт, Италијанецот Марко Безеки.

Останатите две места на подиумот, исто така, ги зазедоа шпански возачи, Педро Акоста (КТМ) заврши втор, а Алекс Маркез (Дукати-Гресини) беше трет на патеката Мандалика.

„Не можам да верувам, толку сум среќен. Голема благодарност до сите луѓе во тимот на Дукати Гресини. Ова е голема работа за мене, бидејќи сум почетник во најсилната класа. Но, нема време за опуштање, морам да продолжам вака“, рече Алдегер

За Алдегер ова е трет подиум оваа сезона, откако заврши трет на ГН на Франција и втор на австриското Гран При.


Ивановски и Џеруто најбрзи на Виз Ер скопски маратон 2025

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски во машка и Ирине Џеруто од Кенија во женска конкуренција победија на годинешното, 21. по ред, издание на Виз Ер скопски маратон.

Ивановски ја мина делницата во должина од 42 километри со време од 2:14:50 часа, триумфирајќи со извонреден финиш во кој во завршните два километри го остави зад себе Кениецот Џулиус Кипкоеч, кој долго време водеше во трката, а на крајот заврши второпласиран, заостанувајќи 30 секунди зад победникот. Третото место го освои Грузиецот Давити Каразишвили со време од 2:19:59 часа.

За Ивановски ова а втора победа на Виз ер скопскиот маратон, по успехот во 2021 година.

На женскиот маратон, Кенијката Џеруто беше најбрза со време од 2:38:31 часа, оставајќи ги зад себе Маринела Нинева од Бугарија (2:45:36), на второто и Ана Јусупова од Азербејџан (2:48:10), на третото место.

Годинешното издание на Виз Ер скопскиот маратон донесе рекорден број од 14.010 учесници од 58 држави.

Во полумаратонската трка најбрзо време истрчаа Албион Имери во машка и Греса Бакрачи во женска конкуренција, додека во најмасовната трка на 5 км, на која на стартот се појавија околу 10.000 учесници, победија Григоријан Никовски и Ирма Хајдари.

Во штафетниот маратон – ЕУ за спорт, победата во машка конкуренција ја однесе екипата „Врањски маратонци“ (2:26:34)


Слот остана без Конате, Французинот се повреди против Челзи

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, потврди дека замената на Ибрахим Конате за дербито во сабота со Челзи била поради повреда.

Централниот бек го напушти натпреварот во 56-тата минута при поразот од 2-1 на „Стемфорд Бриџ“ и сега ќе биде подложен на дополнителни тестови за да се утврди сериозноста на проблемот.

Слот објасни на прес-конференцијата по натпреварот:

„Не знам дали станува збор за сериозна повреда, но знам дека малку куцаше и кога го прашав, рече дека има мала болка во бутот. Тоа беше доволно за мене бидејќи никогаш не знаете дали следниот спринт ќе ја влоши состојбата. Замената ми беше на ум во секој случај“, додаде менаџерот на Ливерпул.


Чаби Алонсо може да здивне, повредата на Мбапе не е сериозна

Повредата на напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, не е сериозна. Францускиот репрезентативец беше заменет кон крајот на натпреварот против Виљареал синоќа поради болки во зглобот.

Мбапе побара итна медицинска помош веднаш по постигнувањето на голот на „жолтата подморница“ за конечна победа од 3-1.

По натпреварот на „Сантијаго Бернабеу“, тренерот на Реал Мадрид , Чаби Алонсо потврди дека Мбапе имал непријатност со зглобот уште пред натпреварот.

Шпанецот сепак изјави дека се очекува напаѓачот да отпатува во репрезентацијата на Франција пред квалификациите за Светското првенство во средината на месецот.


Реал не го сака повеќе Конате?

Интересот на Реал Мадрид за францускиот дефанзивец Ибрахима Конате, чиј договор со Ливерпул истекува следното лето, е намален.

Неконзистентната форма на Конате покрена сомнежи за него во мадридскиот клуб, кој сериозно ќе размисли дали да тргне во обид да го добие за следната сезона како слободен играч.

Конате има рок до декември да го потпише новиот договор со Ливерпул. Ако тоа не се случи, од 1 јануари тој ќе може да се договара со клубови кои се заинтересирани да го донесат во јуни.

Доколку Ливерпул не успее да го убеди, има две опции за негова замена. Првата останува англискиот дефанзивец Марк Геи (25) од Кристал Палас, а како втора опција е француски соиграч на Гие во Кристал Палас, Максенс Лакроа.


Родриго се кае што остана во Мадрид

Приказната за можното заминување на Родриго од Реал Мадрид продолжува и по летниот трансфер прозорец, што последниве месеци доминираше по спортските насловни страници. Бразилецот не добива задоволителна минутажа под водство на Чаби Алонсо и изгледа дека ситуацијата е при крајот на трпението.

Шпанскиот портал “Фичахес” наведува дека Родриго имал разговор со тренерот и директно соопштил дека сака да си замине. Од почетокот на сезоната поголемиот дел од времето го минува на клупата. Два пати започнуваше на стартот, но и тогаш беше заменет околу шеесеттата минута при обидите на Алонсо да внесе промени. Неговиот учинок е скромен досега, без постигнат гол и само една асистенција, што дојде во финишот на убедливата победа против Кајрат со 5:0, кога победникот веќе беше решен.

Премиер лигата е најмногу изгледен избор. Арсенал, Ливерпул и Манчестер Сити имаат интерес за напаѓачот на Реал, а во моментов клубот од Манчестер води во трката. Во текот на летото Родриго беше блиску до трансферот кај Пеп Гвардиола, со ветување за достоен статус во тимот.

Меѓутоа, трансферот не се реализираше поради технички причини. Сити ја чекаше продажбата на Савињо во Тотенхем, која не се оствари, па Родриго реши да остане во Мадрид. По Светското клупско првенство, со Алонсо се договараа дека ќе се обиде да се избори за поважна улога, но шансата сѐ уште не се појави.


Половина Европа го бара мексиканскиот тинејџер Џилберто Мора

Жилберто Рафаел Мора Замбрано, или само Мора, младиот мексикански фудбалер, веќе го привлече вниманието на многу европски клубови, и тоа на оние најголемите.

Арсенал, Манчестер Сити, Реал Мадрид и Барселона се меѓу клубовите кои го посакуваат овој играч кој настапува за Тихуана, а има, верувале или не, само 16 години.

Во средината на октомври ќе наполни 17 години, а е интересно што дебитираше со само 15 години и 10 месеци, кога стана најмладиот фудбалер во неговиот клуб.

Стана најмладиот стрелец во мексиканското првенство, а сезонава веќе има три гола и една асистенција на осум натпревари.

Го одликуваат интелигенцијата и дриблингот, го нарекуваат нов магионичар и веруваме дека наскоро некој ќе ја отвори касата за овој фудбалер…

Она што е проблем за неговиот клуб е откупната клаузула која сигурно ќе биде активирана за 6.2 милиони евра…