feature

Челзи го блокираше трансферот на Николас Џексон, но Сенегалец не сака да се врати во Лондон

Челзи долго време се обидуваше да најде купувач за Николас Џексон, а кога конечно се договори со Баерн Минхен, пред самата реализација на трансферот настана проблем.

Вчера се повреди Лијам Делап, па Челзи одлучи да го стопира трансферот на Џексон и да го врати напаѓачот на Стемфорд Бриџ, иако со Баерн се беше договорено.

Повредата на Делап ги промени работите, Челзи не сака да остане без резервна опција во нападот, па го повика Џексон да се врати.

Но, неговиот агент објави дека такво нешто нема да се случи, Џексон останува во Минхен и чека реализација на трансферот.

Преодниот рок завршува утре, па наскоро ќе се види како ќе заврши оваа трансфер драма.


Шкендија ќе ја започне главната фаза од КЛ во Ваљекас

УЕФА го потврди распоредот и термините за натпреварите во главната фаза во Конференциската лига. Сезонава, во имто на Шкендија, за прв пат во историјата Македонија ќе има репрезент во ова натпреварување.

Шкендија ќе одигра шест натпревари во Конференциската лига. Првиот во Мадрид против Рајо Ваљекано на 2 октомври (18.54 часот).

Потоа Шкендија ќе одигра два натпревари на домашен терен, против Шелбурн на 23 октомври и Јагиелонија на 6 ноември. Следува гостувањето на косово кај Дрита на 27 ноември, па домашниот натпревар со Слован Братислава на 11 декември.

Главната фаза Шкендија ќе ја заврши на Кипар, против АЕК во Ларнака на 18 декември.


Цезар Аспиликуета потпиша за Севиља

Шпанскиот прволигаш Севиља го објави доаѓањето на искусниот 36-годишен дефанзивец Сезар Аспиликуета, кој во јуни ги напушти редовите на Атлетико Мадрид.

Аспиликуета доаѓа без обесштетување и потпиша едногодишен договор со Севиља, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона.

Аспиликуета беше дел од Атлетико до јули 2023 година и оттогаш одигра 54 натпревари и постигна еден гол.

Пред да дојде во мадридскиот клуб, Аспиликуета играше за Челзи 11 години, две сезони за Марсеј и три сезони за Осасуна.


Форца ги мина квалификациите и се избори за групна фаза на ЛШ

Историски успех за македонскиот футсал. Првакот на нашата земја Форца од Куманово се пласира во главната фаза, каде што се натпреваруваат најдобрите 32 екипи на континентот.

Во одлучувачкиот натпревар Форца го надигра првакот на Ерменија, Ереван со 5-0.

Третиот натпревар од групата во Куманово беше нерамноправен и, иако против себе имаше екипа која во првите две кола покажа квалитет, засилениот тим на Форца лесно се справи со ривалот.

Во првите две кола Форца ги совлада Енкамп од Андора со 4-0 и Мурата од Сан Марино со 1-0.

Своите противници во групната фаза Форца ќе ги дознае следниот месец.


Синер загуби сет, но најде начин да го совлада Шаповалов

Светскиот рекет број еден, Јаник Синер, се пласираше во осминафиналето на Отвореното првенство на САД, oткако по пресврт славеше против Денис Шаповалов. Актуелниот шампион вп Њујорк победи со 5-7, 6-4, 6-3, 6-3, по повеќе од три часа борба на „Артур Еш“.

Негов следен противник ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Александар Бублик (23) и Томи Пол (14).


Пјастри од првиот ред на Големата награда на Холандија

Водечкиот во генералниот пласман во Формула 1, Австралиецот Оскар Пјастри (Мекларен) ќе стартува од пол-позицијата за Големата награда на Холандија в недела на патеката Зандворт.

Пјастри постави нов рекорд на патеката во квалификациите попладнево со време од 1:08,662 минути.

Неговиот клупски колега Британецот Ландо Норис (Мекларен) заостана за само 12 илјадити делови од секундата.

Домашниот возач и четирикратен светски шампион Макс Верстапен (Ред Бул) ќе стартува од третата позиција.

Четвртото место му припадна на возачот на Ред Бул, Исак Хаџар, петтото на возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, додека шестото на Шарл Леклер од Ферари.

Трката за Големата награда на Холандија е закажана за в недела од 15 часот.


Милан го официјализираше Нкунку, доаѓа за 37 милиони плус бонуси

Францускиот репрезентативец Кристофер Нкунку официјално e потврден цо нов фудбалер на Милан, каде дојде од Челзи, објави денеска италијанскиот клуб.

„Милан со задоволство го објавува потпишувањето на договорот со Кристофер Нкунку од Челзи. Францускиот напаѓач потпиша договор до јуни 2030 година“, соопшти клубот од Милано.

Според италијанскиот печат, Милан ќе плати 37 милиони евра, а сумата може да се зголеми на 42 милиони евра со бонуси за напаѓачот, кој се приклучи на Челзи во 2023 година за 60 милиони евра.

Нкунку постигна 18 голови на своите 62 настапи за Челзи, откако претходно играше за ПСЖ (2015-2019) и Лајпциг (2019-22).


Нема договор меѓу клубови, Бетис се откажа од Антони

Бетис се откажа од намерата да го ангажира напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ентони, јавија денеска шпанските медиуми.

„Нема договор за Антони и ја повлековме понудата. Не можеме да си ги дозволиме трошоците и износите што Манчестер Јунајтед мора да ги плати за играчот“, се вели во соопштението на клубот.

Дваесетипетгодишниот Бразилец настапуваше како позајмен играч за шпанскиот тим минатата сезона и одигра 26 натпревари на кои постигна девет голови и додаде пет асистенции.

„Животот секогаш ни носи големи изненадувања!“, напиша Антони на социјалните мрежи по веста за неуспешните преговори.


Пелистерци пак го надиграа Вардар и го освои Регионалниот турнир во Скопје

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го освои Регионалниот турнир во Скопје, во кој покрај двете најдобри екипи од ланската сезона во мак-ракометот учествуваа и српскиот шампион Војводина и црногорскиот првак Ловќен.

Еурофарм Пелистер влезе во ритам и почна да ја гради предноста. Во неколку наврати во првиот дел шампионот имаше +5, но на полувреме се замина 14-11 за гостинот од Битола. На стартот од вториот дел Вардар 1961 имаше неколку неуспешни обиди да влезе во серија и да се доближи до противникот, а битолскиот тим кога беше најпотребно тргна уште поквалитетно и се врати на позитива од пет гола, која беше недостижна за „црвено-црните“. На крај битолчани извојуваа триумф од 25-23.

Ова е втор триумф на Еурофарм Пелистер против Вардар 1961 за време на подготовките откако минатата недела го совлада и на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, а двете екипи в среда ја отвораат сезоната со мечот од Суперкупот на Македонија, во Кавадарци.


Левандовски се враќа во полската репрезентација и пак ќе ја носи капитенската трака

Фудбалерот на Барселона, Роберт Левандовски, се враќа во полската репрезентација и повторно ќе биде капитен, јавија синоќа западните агенции.

Левандовски се повлече од репрезентацијата поради несогласувања со претходниот селектор Михал Пробиеж, но неговиот наследник Јан Урбан повторно го повика во националниот тим.

Полска ќе игра квалификациски натпревар за Светското првенство против Холандија на 7 септември и против Финска три дена подоцна.

„Да речеме дека го започнуваме тренинг кампот со чисти сметки. Роберт Левандовски ќе биде капитен на нашиот тим“, рече Урбан.

Левандовски беше привремено надвор од националниот тим, откако Пробиеж му ја одзеде капитенската лента во јуни.