feature

Ѓоковиќ размислува за заминување во пензија

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го заврши натпреварувањето на егзибиционистичкиот турнир во Ријад, а по обврските на теренот, реши слободното време да го искористи за средба со португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо.

Така, најдобриот тенисер на сите времиња беше фотографиран со најдобриот фудбалер на сите времиња, на општо задоволство на многу фанови.

За што разговараа спортските легенди, ќе остане тајна.

Она што може да се види на двете фотографии од тенисерот и фудбалерот е дека тие се во друштво на неколку луѓе, седат во градината на хотелот и разговараат.

Неодамна, Новак имаше можност да разговара со Леброн Џејмс во Ријад, а во таа пригода одговори на прашањето за пензионирањето споменувајќи врвни спортисти, па можеме да претпоставиме дека и со португалскиот репрезентативец разговарал за долговечноста на теренот.


Маркез не се враќа на асфалтот до крајот на сезоната

Дукати и официјално потврди дека Марк Маркез ќе го пропушти остатокот од МотоГП сезоната 2025.

Причината е повреда на рамото здобиена на трката во Индонезија, која бара подолго опоравување, од што првично се претпоставуваше.

Одлуката е донесена во Мадрид по дополнителните прегледи, при што медицинскиот тим потврди дека враќањето на патеките пред крајот на годината не е можно.

Иако неговото закрепнување е во добар тек, Маркез мора да го имобилизира рамото четири недели пред да започне со физикална терапија.


Нојер го надмина рекордот на Касиљас

Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, постави рекорд за најмногу победи во Лигата на шампионите од страна на еден голман.

Синоќа 39-годишниот Германец на голот на тимот од Минхен го победи Клуб Бриж со 4-0 во рамките на 3-то коло од Лигата на шампионите. Средбата се одигра на „Арена Минхен“ во Минхен.

Победата на Мануел Нојер над Клуб Бриж беше негова 102-ра во најсилното европско клупско натпреварување, што е рекорд за голман. Голманот на Баерн Минхен го надмина поранешниот голман на Реал Мадрид, Икер Касиљас, на оваа ранг-листата.

Мануел Нојер игра за Баерн од летото 2011 година. Оваа сезона, голманот има 16 настапи во сите натпреварувања (вклучувајќи го и Светското клупско првенство), прими 13 гола.


Ван Дајк ја мобилизирал екипата по поразот од Јунајтед

Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, откри дека ги повикал своите соиграчи на состанок по поразот од 2:1 од Манчестер Јунајтед на „Енфилд“ минатиот викенд.

„Црвените“ во среда вечерта победија со 5:1 над Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите во Германија, враќајќи се на победничките патеки по четири последователни порази.

Екипата на Арне Слот се соочи со жестоки критики по поразот од 2:1 на домашен терен од нивните вечни ривали во неделата кога им се закани дека ќе ја направат најлошата серија резултати во последните 72 години.

Денот по поразот, како и вообичаената анализа на натпреварот со тренерскиот тим, Ван Дајк, исто така, одржа неформален состанок само за играчите за да разговараат за проблемите што го мачат тимот во последните недели.

34-годишниот Холанѓанец призна дека има неколку прашања за кои сметал дека треба да се разговараат со играчите.

„Во понеделник сите беа тажни затоа што загубивме од Манчестер Јунајтед дома“, рече тој. „Не сме изгубиле многу натпревари дома во мојот престој во клубот. Беше тешко во тие околности, па се собравме во понеделник, но тоа не беше кризен состанок. Сите знаеме колку брзо можат да се променат работите. Сеуште е само октомври“, продолжи Ван Дајк.

„Очигледно имавме сериозен разговор со менаџерот, но имавме и посебен само меѓу играчите. Сакав да кажам неколку работи. Тоа не беше кризен состанок. Тоа не е нешто што го правам по секој натпревар. Никој не сака да изгуби четири натпревари по ред, но таква беше ситуацијата во која се наоѓавме. Моравме да останеме смирени и да ја игнорираме целата бучава надвор бидејќи тоа е нешто што не можете да го контролирате.“ изјави Ван Дајк.


Интер понуди 58 милиони евра да го добие Нико Паз во јануари

Како што пренесуваат италијанските медиуми, Нико Паз ќе го смени клубот во јануари, но ќе остане во Серија А.

Имено, Интер понуди на Реал Мадрид дури 58 милиони евра за фантастичниот Аргентинец. Паз оваа сезона блеска во дресот на Комо. Има само 21 година, а во осум натпревари од Серија А за тимот на Фабрегас постигна четири гола и забележа четири асистенции.


Добри вести за Компани, Мусиала им се врати на тренинзите

Навивачите на Баерн Минхен добија уште една многу добра вест по убедливата победа над Бриж вчера. Станува збор за тоа дека Џамал Мусиала, кој се опоравуваше од сериозна повреда, конечно се врати на тренинг на теренот.

Ова се случи денес, кога 22-годишниот талент одигра индивидуални тренинзи и координациски вежби со рехабилитациониот тренер на Баерн Симон Мартинело. По четврт час, Мусиала ги смени чевлите и направи уште неколку кругови околу терените на базата на баварците. Тренингот на отворено заврши по околу 25 минути, а младиот фудбалер накрај дури и си подаде неколку пати топка со Серж Гнабри, кој исто така тренираше индивидуално по двонеделна пауза поради проблеми со аддукторите.


Сон се враќа во Европа за пролетната полусезона, Милан фаворит за неговиот потпис

Хјонг-Мин Сон би можел да смени клуб, барем на кратко.

Летово, одличниот Корејанец го напушти Тотенхем и премина во Лос Анџелес ФК, а по завршувањето на сезоната во МЛС лигата, би можел да ја одржи формата со враќање во Европа.

Слично се случуваше и претходно, познато е дека Дејвид Бекам направи нешто слично во 2009 година, кога пристигна во Милан по завршувањето на МЛС сезоната и остана таму само три месеци, па ваквите ситуации се нарекуваат и „Бекамова клаузула“.

Токму таа ја има Сон, и за да ја одржи формата пред Светското првенство, тој сака да игра во европскиот фудбал и тоа во клуб на којшто би можел да му биде од голема помош.

Првиот во редот е – Милан. Росонерите сакаат да го зајакнат офанзивниот дел од средниот ред, и Сон би можел да биде одлично привремено решение.


Шкендија запиша историска победа во КЛ, Шелбурн падна во Скопје

Шампионот на Македонија, Шкендија ја забележа првата, историска победа, во главната фаза во натпревар во организација на УЕФА. Во второто коло, во Конференциската лига, Шкендија го совлада Шелбурн од Република Ирска со 1-0 (0-0).

Важноста на дуелот го направи своето, Шкендија одигра претпазливо, на крајот среќно дојде до победата. Во меч без многу шанси, во кој гостите преку Мартин во 66. минута ја погодија стативата, решавачки беше авто-голот на Берет во 92. минута.


Меси уште три години во Интер Мајами

Сега е сè познато, Лионел Меси одлучи да ги следи стапките на Кристијано Роналдо и го продолжи договорот со својот клуб, исто како што направи Португалецот малку порано.

Аргентинецот ќе остане играч на Интер Мајами во следните три години и веројатно таму ќе ги закачи копачките.

Договорот беше објавен денеска, еден ден пред плејофот на МЛС и дуелот на Интер Мајами против Нешвил. Тимот на Меси, трет во Источната конференција, ќе биде домаќин на првиот натпревар од таа серија од три победи во петок навечер.

Тимот го објави потегот на социјалните мрежи за време на презентацијата на Меси, на која се гледа како Лео потпишува договор во рамките на новиот стадион кој сè уште е во изградба. „Тој е дома“, се вели во соопштението на тимот.

Интер Мајами објави дека станува збор за тригодишен договор до 2028 година. Помислата дека Меси ќе игра уште две или три сезони сигурно би послужила како поттик за продажбата на билети на стадионот што тимот го гради во близина на меѓународниот аеродром во Мајами. Тимот продава пакет билети и зема депозити за места во новиот парк повеќе од една година, сè под претпоставка дека Меси ќе остане дел од франшизата. Еден од најдобрите, ако не и најдобриот, играчи во историјата на фудбалот ќе биде дел од МЛС на 41-годишна возраст, што веројатно значи и дека ќе ја заврши кариерата во Интер Мајами.


Европскиот првак пресилен, пелистерци со пораз се враќаат од Магдебург

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаа да преиредат сензација и загубија од Магдебург со 36-26 на вечерашниот натпревар од шестото коло во Лигата на шампионите. Актуелниот европски шампион рутински го одработи овој предизвик и останува да биде перфектен и по шестото коло во групата Б.

Домаќините во вториот дел на првото полувреме заиграа на повисоко ниво и на пауза заминаа со плус шест (19:-3). Со оглед на разликата во квалитет уште тука беше јасно кој ќе ја однесе победата, но мораше да се одработат и вторите триесет минути во кои Магдебург се избори за двоцифрена предност.

Кузмановски со шест гола беше прв стрелец кај „зелено-белите“ за кои Митревски имаше осум интервенции. Магнусон со десет реализации беше најефикасен играч кај победникот.

Во следното седмо коло, кое ќе се игра за три недели, Еурофарм Пелистер ќе го пречека ПИК Сегед од Унгарија.