Куртоа го повреди мускулот, нема да ги заврши квалификациите со Белгија
Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, има повреда на бутниот мускул и нема да биде во составот на Белгија за двата завршни натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026, објави денеска шпанскиот весник „Марка“.
Белгискиот голман одигра 90 минути во неделниот натпревар против Рајо Ваљекано, но медицинските тестови по натпреварот покажаа повреда на мускулот на десниот бут. Куртоа ќе ги пропуши мундијалските квалификациски дуели против Казахстан (15 ноември) и Лихтенштајн (18 ноември).
Белгија е првопласирана на табелата во групата Ј со 14 бодови, еден повеќе, но и натпревар помалку од македонската репрезентација на второто место. Велс е третопласиран со 10 бодови о шест натпревари, пред Казахстан, со седум бодови и Лихтенштајн без освоен бод.
Дешамп по Мундијалот почнува нова кариера во Саудиска Арабија
Ако нешто се знае поврзано со селекцијата на Франција, која ќе биде една од главнте аспиранти за титулата на СП 2026, тогаш тоа е дека сегашниот селектор Дидие Дешамп, по завршување на Мундијалот нема беќе да биде селектор на “Триколорите“.
Тој тоа го објави јавно уште пред неколку месеци, а на прашањето каде ќе ја продолжи кариерата, но сега како тренер, Дешамп одговори:
„Засега е рано да кажам, иако морам да признам дека имаше контакти од еден клуб од Саудиска Арабија. Не можам да кажам дека сигурно ќе одам таму, ама штом завршат моите обврски кон репрезентацијата на Франција, јас сум слободен и можа, да одам каде што сакам. Затоа ништо не исклучувам што ќе се случи со мене од јули па натака“.
За тоа дали би прифатил понуда да води некоја друга репрезентација:
„Искрено, не. Јасно е дека никогаш не треба да кажеш никогаш, ама не можам да се замислам како водам селекција, најмногу поради фактот што за мене претставува француската селекција и секако “Марсељезата“, химната на мојата земја“ потенцираше Дешамп.
Гонзало Перез де Варгас се врати на терените по осум месеци
Шпанскиот репрезентативен голман Гонзало Перез Де Варгас по осум месеци пауза се врати на ракометните терени.
Шпанецот, кој летово пристигна од Барселона, се врати меѓу стативите по тешка повреда на предните вкрстени лигаменти.
Перез де Варгас повторно застана меѓу стативите – овојпат во дресот на „зебрите“ и го имаше своето деби во Бундес лигата на дуелот против Бергишер.
Тој имаше една одбрана од десетте удари на ривалот, но неговиот тим запиша триумф над Бергишер со 43-35.
Јуриќ постави анти-рекорд: Три откази во една година
Иван Јуриќ очекувано доби отказ во Аталанта. Човекот кој забележа многу добри резултати на клупите на Верона и Торино помеѓу 2019 и 2024 година е во низа што ретко се гледа во врвниот спорт.
Хрватот беше отпуштен од Аталанта денес, точно на годишнината од неговото отпуштање од Рома (10 ноември 2024 година), а во меѓувреме беше назначен за тренер и отпуштен од Саутемптон.
Јуриќ ја водеше Рома 12 пати, Саутемптон 16 и Аталанта 15 пати пред шефовите да му се заблагодарат за соработката. За споредба, тој има 122 натпревари на клупата во Торино и 79 пред тоа во Верона.
Јуриќ го напушта клубот со резултат 4-8-3 и просек од 1,33 поени по натпревар. Ако на Ла Деа и се избришат резултатите од Лигата на шампионите, резултатот е уште подраматичен.
Аталанта ја остави на 13-то место на табелата во Серија А со резултат од 2-7-2.
Никола Серафимов: Ќе бидеме подготвени за предизвикот
Македонската А репрезентација ја започна ноемвриската репрезентативна акција со официјалната прозивка во хотел „Хилтон“ во Скопје. Овој собир е во пресрет на двата последни натпревари за годинава, пријателскиот меч со Летонија на 13 ноември во Скопје и завршниот квалификациски дуел против Велс на 18 ноември во Кардиф.
Никола Серафимов, нашиот фудбалер од одбраната истакна дека најважно за тимот е да го задржиме победничкиот дух. Тој посочи дека натпреварот со Летонија ќе биде важна проверка, но главниот фокус останува на дуелот со Велс, кој се очекува да биде еден од најтешките мечеви во овие квалификации.
„Пред сè, се надевам дека по натпреварот со Летонија сите играчи ќе бидат здрави, затоа што она што е најважно за нас во овој момент е, секако, натпреварот со Велс. Не очекувам дека стручниот штаб ќе ги „отвори картите“ на тој натпревар, ниту пак дека ќе се подготвуваат некакви тактички варијанти за мечот со Велс, токму поради таа причина, бидејќи тој натпревар е поважен. Сепак, мислам дека со победа против Летонија би влегле во дуелот со Велс во добра, победничка атмосфера, што важно во овој момент.
Мечот со Летонија ќе биде одлична проверка за нас. Потоа следува најважниот натпревар во овие квалификации против репрезентацијата на Велс. Тоа ќе биде многу тежок натпревар, сличен на оној што го одигравме тука, во Скопје. Ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме Македонија и да стигнеме до позитивен резултат. Кога играте против репрезентации од светска класа, најголемиот товар за време на натпреварот секогаш паѓа на одбраната. Но, многупати сум кажал дека нашата одбрана започнува од нашиот најистурен играч. Така ќе биде и овој пат и се надевам дека ќе успееме да го издржиме нивниот притисок.
Мислам дека низ овие квалификации покажавме дека нашиот пристап, без разлика на противникот, е секогаш на високо ниво. На секој натпревар одиме по позитивен резултат и така ќе биде и против Велс. Ние самите се доведовме во оваа ситуација, благодарение на нашите игри и резултати. Сметам дека очекувањата на јавноста пораснаа и тоа е добро. Но, од друга страна, сето тоа мора да го потврдиме и на терен, на секој следен натпревар. Притисокот секогаш постои кога играме за Македонија, но покажавме дека знаеме да се носиме со него“.
Селекцијата до 21 година започна со подготовки за Шведска и Полска
Македонската репрезентација до 21 година од денес во Охрид ги почна подготовките за претстојните два натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Предводникот на националниот тим Горан Станиќ заедно со своите избраници веќе го одржа првиот тренинг, а репрезентативците и во следните денови ќе се подготвуваат во Охрид за соочувањата со Шведска и Полска што ќе се одиграат во Битола.
Македонската селекција во овој циклус натпревари ја очекуваат два тешки дуели особено мечот против Полска која во досегашниот тек од квалификациите има максимален учинок и на четири средби постигнала 15 гола, а не примила ниту еден.
Прв противник ни е репрезентацијата на Шведска која во Битола ќе допатува со серија од три порази. Во мечевите против Полска, Италија и Црна Гора, Швеѓаните примиле 12 погодоци, а не постигнале ниту еден.
Целта на нашиот состав е јасна. Мора да се освојат бодови за да ја подобриме моменталната ситуација на табелата. Имаме една победа од четири меча, а првите бодови ги освоивме на теренот во Битола откако ја совладавме Ерменија со 2:1.
Првиот натпревар го играме в четврток на 13 ноември против Шведска, а пет дена подоцна не очекува соочувањето со Полска.
Почетокот на двата дуели што ќе се играат на стадионот Петар Милошевски во Битола е закажан за 17:00 часот.
Јуриќ доби отказ, Паладино пред промоција во Бергамо
Паузата за репрезентативен фудбал Аталанта ќе ја искористи за промена на тренерската позиција, на местото од Иван Јуриќ, треба да биде назначен Рафаеле Падалино.
Лошите резултати на Аталанта оваа сезона кулминираа со поразот од 0-3 од Сасуоло среде Бергамо, по тој загубен меч беше јасно дека Јуриќ ќе добие отказ.
Информациите од Италија велат дека тоа ќе се случи наскоро, можеби и уште денеска. Јуриќ и официјално ќе биде избркан, а на негово место ќе пристигне Рафаеле Паладино.
Морган Роџерс доби нов договор на „Вила парк“
Астон Вила го потврди продолжувањето на соработката со англискиот репрезентативец Морган Роџерс, кој стави потпис на нов договор што ќе го задржи на „Вила Парк“ до јуни 2031 година.
Офанзивецот од Бирмингем досега одигра 86 натпревари за клубот и постигна 18 погодоци, а има и девет настапи во дресот на репрезентацијата на Англија.
Астон Вила моментално се наоѓа на шестото место на табелата во Премиер лигата со освоени 18 бодови, а продолжувањето на договорот со Роџерс се гледа како потврда на долгорочниот проект што клубот го гради под водство на Унаи Емери.
Атлетико Мадрид доби нов сопственик
Иневстицискиот фонд Аполо Спортс Капитал е новиот мнозински акционер на Атлетико Мадрид, објави шпанската прва фудбалска лига.
„Атлетико Мадрид и неговите главни акционери, Мигел Анхел Хил, Енрике Серезо, Квантум Пацифик Груп и фондовите управувани од Арес Менаџмент, постигнаа договор Аполо Спортс Капитал (ASC), глобална компанија за спортски инвестиции, да стане мнозински акционер на нашиот клуб“, објави клубот.
Четирите поранешни главни акционери ги намалија своите удели за да му дозволат на новиот инвеститор, сега најголемиот акционер на клубот, да стекне удел. Клубот објави дека Мигел Анхел Хил и Енрике Серезо ќе продолжат да го водат Атлетико како извршен директор и претседател на одборот и ќе останат акционери, гарантирајќи го континуитетот и визијата на проектот и нивното водство.
„Инвестицијата на ASC ќе ја зајакне позицијата на нашиот клуб меѓу фудбалската елита и ќе ја поддржи нашата амбиција да постигнеме долгорочен успех за милиони наши фанови низ целиот свет. Акционерите планираат да обезбедат нов капитал за поддршка на долгорочните планови на клубот, вклучувајќи понатамошни инвестиции во тимот и големи инфраструктурни проекти.
Ова вклучува развој на Градот на спортот, нов спортски и забавен центар веднаш до стадионот „Ријад Ер Метрополитано“.
„Целта на овој проект е да стане светска дестинација за спорт, слободно време, култура и социјални активности“, се додава во соопштението.
Финансиските детали од договорот не се откриени, а пазарните проценки за вредноста на Атлетико се движат помеѓу 2,5 и 3 милијарди евра, врз основа на неодамнешните финансиски резултати, вредни земјишни средства и конзистентно учество во Лигата на шампионите во текот на изминатите 13 сезони.
Аполо е брзорастечка, глобална компанија за управување со средства. Според најновите податоци, Аполо има приближно 908 милијарди долари средства под управување.
Мирчевски имаше персонално шоу, Силекс го врв го наполни Шкупи
Екипата на Силекс ѝ стави крај на серијата од две кола без победа во Првата македонска фудбалска лига и против Шкупи извојува убедлив триумф с0 5-1.
Домашните фудбалери уште од самиот старт на натпреварот наметнаа силно темпо, и гостинската одбрана капитулираше уште во седмата минута, кога Алиќ стрелаше за водство на Силекс од 1-0. Мигел Пиреш, во десеттата минута по една контра погоди за 2-0. Овој резултат беше активен до 35. минута, во која одбраната на чаирчани одново беше немоќна, а убедливи 3-0 за домаќинот донесе Алиќ. Мартин Мирчевски погоди во 39. минута, за убедливи 4-0.
Во вториот дел, по една грешка на одбраната, Рибеиро го совлада Џеков и намали на 4-1. Сепак, Мирчевски со нов гол, овој пат од дистанца, ја врати позитивата на кратовци од четири гола (5-1).
Во следното коло, Силекс на свој терен ќе се сретне со Арсими, додека Шкупи ќе ја пречека Шкендија.