Македонија до 21 година поразена во Нови Сад од Србија
U21 SERBIA vs N MACEDONIA
Beograd, 12.11.2026.
foto: Nebojsa Parausic
Fudbal, Srbija, Severna Makedonija
Младата репрезентација на Македонија до 21 година претрпе пораз од Србија, 2:0 во пријателскиот натпревар одигран во Нови Сад. Избраниците на Александар Таневски одиграа борбен и солиден натпревар против квалитетен противник, но не успеаја да го крунисаат својот настап со позитивен резултат.
Србија поведе во 16. минута преку Вељко Милосавлевиќ, а со минимална предност на домашната селекција се замина на пауза.
Во второто полувреме Таневски направи повеќе измени, давајќи можност за настап на поголем број фудбалери. Македонија имаше неколку добри моменти, во 64. минута Трајков ја погоди мрежата по асистенција на Велков, но погодокот не беше признат поради офсајд. Двапати се заканивме со удари кои завршија покрај стативата, а во последните десет минути се обидовме да наметнеме посилен притисок и да стигнеме до израмнување. Сепак, без конкретна реализација пред противничкиот гол. Во судиското продолжение Србија ја искористи можноста за втор погодок, а конечните 2-0 ги постави Ѓорѓе Петровиќ во 92. минута.
Седлоски и Гаштаров: Веруваме во себе, одиме по позитивен резултат
Македонската репрезентација во Глазгов ја очекува дуелот со Шкотска во рамки на Лигата на нациите. Предводникот на нашиот национален тим, Гоце Седлоски, ја најави средбата против селекцијата која славеше на првиот меѓусебен дуел во Скопје со 2:0. Во пресрет на вториот натпревар во групата од Лигата Б, селекторот посакува подобро издание на Македонија и прекин на негативната резултатска серија во ова натпреварување.
„Следниот меч е голем меч, со една силна Шкотска. Знаеме со какви играчи располага. Игравме пред еден месец со овој ривал во Скопје и успеа да не победи. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме. Во изминатите три дена трениравме, имаме одлична атмосфера. Играчите се фокусирани и мотивирани. Се надевам дека она што го работевме ќе го покажат и на теренот. Сакам да видам верба, тактички добро да стоиме и да одиграме добар натпревар. Резултатите се такви какви што се, свесни сме и ние и играчите, но се надевам дека со мечот против Шкотска ќе излеземе од негативната серија. Против себе ќе имаме силен ривал, кој го доби Мектоминеј како повратник. Мора да играме храбро, играчите да уживаат и да не се плашиме. Драго ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите и се надевам дека ќе продолжат и понатаму така“, изјави Седлоски.
Матеј Гаштаров е еден од младите фудбалери во македонската репрезентација во овој циклус од Лигата на нациите. Фудбалерот на Црвена Звезда се надева дека ќе стигнеме до позитивен резултат против Шкотска на „Хампден парк“.
„Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-репрезентацијата ја носи мотивацијата. Играме против голема Шкотска, која има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма. Ќе излеземе на теренот да дадеме се од себе и да уживаме.
За мене, во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи и големи репрезентации, немам притисок и гледам да уживам во моментот“, изјави Гаштаров.
Натпреварот меѓу Шкотска и Македонија на „Хампден парк“ во Глазгов се игра во петок, со почеток во 20:45 часот по македонско време.
Проблеми за Голден Стејт, се повреди Стеф Кари
Кошаркарот на Голден Стејт Вориорс, Стеф Кари, се повреди во текот на натпреварот против Хјустон Рокетс, кој неговиот тим го загуби со 115:108.
Искусниот плејмејкер почувствува болка во десната страна од абдоменот, поради што мораше да го напушти теренот по само шест минути.
По натпреварот, тој беше испратен на магнетна резонанца за да се утврди сериозноста на повредата.
Тренерот на Вориорс, Стив Кер, не ја криеше својата загриженост.
„Загриженоста е голема, навистина не знам колку е сериозна повредата“, рече Кер.
Кари почувствува болка неколку минути по почетокот на натпреварот и се обиде да продолжи да игра Неговото отсуство е голем проблем за Голден Стејт, кој веќе е ослабен од повредите на Џими Батлер и Мозес Муди. Пред оваа средба, Кари постигнуваше во просек 30,6 поени по натпревар и беше еден од најзаслужните за серијата од осум последователни победи на Вориорс.
Два еевропски гиганти го сакаа Аит Нури во јануари
Рајан Аит-Нури, речиси 18 месеци е во Манчестер Сити, но не успеа да се избори за некаква позначајна улога во тимот. Дојде како голема желба на Пеп Гвардиола, откако не успеа да се вклопи во неговиот систем, остана „закован“ на клупата за резерви. Неговиот статус не се поправи ниту кај новиот тренер, Енцо Мареска. Репрезенаттивецот на Алжир, логично, не е задовоелн од статусот што го има на „Етихад“, поради што бара да го напушти клубот во јануарскиот преоден рок.
Рајан Аит-Нури, доколку Сити му дозволи да замине, веднаш ќе најде нов клуб. Интересно, прв интерес за Алжирецот покажа градскиот ривал Манчестер Јунајтед. И овој трансфер не е невозможен, но многу ќе зависи од Барселона, која според медиумите исто така покажа интерес за левиот бек.
Манчестер Сити е подготвен да ја разгледа неговата позајмица. Сепак, англискиот клуб сака во потенцијалниот договор да биде вклучена задолжителна откупна клаузула.
Овој детаљ би можел да биде проблем за Барселона. Актуелниот шампион на Шпанија наводно би претпочитал прво да го ангажира Аит-Нури на шестмесечна позајмица, да ги процени неговите квалитети, а дури потоа да одлучи дали ќе го откупи неговиот договор. .
Пазарната вредност на алжирскиот репрезентативец се проценува на околу 35 милиони евра. Во тековната сезона, тој одигра четири натпревари во сите натпреварувања и запиша три асистенции.
ПСВ Ајндховен ќе испрати понуда за Де Брујне
ПСВ Ајндховен ќе се обиде да го потпише Кевин Де Брујне за време на јануарскиот преоден рок, според холандските медиуми.
Фудбалерот од средниот ред на Наполи, кој сега има 35 години, има договор со италијанскиот клуб до летото 2027 година. Пред неколку дена, во Англија се појави информација дека Евертон е заинтересиран за него.
ПСВ ги контактираше претставниците на играчот за да дознае дали Де Брујне е заинтересиран за таков трансфер. Доколку не се постигне договор во јануари, холандските шампиони би можеле да преговараат за трансфер во текот на летото, кога ќе му истече договорот.
Легендата на Манчестер Сити со години соработуваше со физиотерапевтот на ПСВ, Еди Пепелс, во белгиската репрезентација.
Де Брујне повеќе не се смета за клучен играч во Наполи и клубот сака да се раздели од него. Екипата на Масимилијано Алегри има разочарувачки почеток на сезоната и моментално е на 10-то место во Серија А.
Започна продажбата на билети за Суперкупот на Шпанија
Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Реал Сосиедад во февруари 2027 година ќе се борат за трофејот во Суперкупот на Шпанија, кој за првпат ќе се одржи во Истанбул. Продажбата на билетите за еден од најатрактивните фудбалски настани во европскиот спортски календар веќе е почната, а заинтересираните навивачи можат да ги обезбедат своите места преку официјалната веб-страница www.supercopa2027.com. Турнирот е дел од престижниот спортски календар на Истанбул за 2027 година, заедно со Турското Гран при во Формула 1 и Европските игри, а на фановите од целиот свет им ветува незаборавна недела исполнета со врвен фудбал.
Турнирот ќе се одржи од 2 до 6 февруари, кога Истанбул ќе биде во центарот на вниманието на фудбалската јавност, со три натпревари на кои ќе се решава кој ќе го освои престижниот трофеј. Во првото полуфинале, на 2 февруари, ќе се сретнат актуелниот шампион Барселона и Атлетико Мадрид, на спортскиот комплекс „Шукру Сарачоглу“. Ден подоцна, на стадионот „Бешикташ“, силите ќе ги одмерат Реал Сосиедад и Реал Мадрид. Победниците ќе се пласираат во големото финале, закажано за 6 февруари 2027 година на спортскиот комплекс „Али Сами Јен“.
Турнирот ги обединува шампионот и вицешампионот на шпанската Ла Лига со двата финалисти на Кралскиот куп, а организаторите очекуваат трите натпревари да привлечат повеќе од 150.000 гледачи. Со ова, градот продолжува да ја потврдува својата позиција како домаќин на големи меѓународни фудбалски натпревари, по финалињата на Лигата на шампионите на УЕФА во 2005 и 2023 година, како и финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2026 година.
Покрај фудбалското доживување, гостите ќе имаат можност за време на својот петдневен престој да го запознаат Истанбул како една од најпривлечните туристички дестинации во светот. Градот, богат со историја, гастрономија и забавни содржини, нуди посебни доживувања на секој чекор. Посетителите ќе можат да ги истражат неговите историски знаменитости, да уживаат во живописните крстарења по Босфорот, да ја искусат богатата шопинг-понуда и да ги запознаат културните и уметничките содржини.
Суперкупот на Шпанија 2027 во Истанбул се организира во соработка со Министерството за култура и туризам и Министерството за млади и спорт на Туркије, Генералната управа за забава на Кралството Саудиска Арабија, Кралската шпанска фудбалска федерација, Турската фудбалска федерација, компанијата за организација на настани Sela Events и турската агенција за комуникации и маркетинг Hezarfen Ajans.
Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист на Скопје за 2026 година
Сојузот на спортови на Скопје ја одржа 57. свеченост за доделување на традиционалните награди „13 Ноември“, со кои се оддава признание на спортисти, тренери, спортски работници и организации за нивните достигнувања и придонес во развојот и унапредувањето на спортот.
На денешната свеченост, која се одржа во конференциската сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“, беа доделени девет награди, на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Извршниот одбор на Сојузот.
За најдобар спортист е прогласен каратистот Матеј Белистојаноски, кој оствари одлични резултати на меѓународната спортска сцена. Тој освои прво место на натпреварувањето Серија А во Тбилиси, златен медал на Европското првенство во карате за У21 во Лимасол, како и златен медал на Медитеранските игри во Таранто.
Меѓу добитниците на наградите е Дејан Боневски, професор по физичко образование и спорт во ООУ „Наум Наумовски Борче“, за својот придонес во областа на спортот и образованието.
Признание добија и Силвана Карбеска и Марија Илиева, меѓународна ракометна судиска двојка. Тие се меѓународни судијки за ракомет на плажа и ракомет во сала, а од 2009 година судат на светски и европски првенства, како и на највисоките натпреварувања во организација на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Наградата му беше доделена и на Сашо Кузмановски, спортски новинар со богата спортска кариера, кој веќе 25 години ја извршува функцијата програмски уредник на Спортското радио 90.3.
Меѓу наградените е и Ирена Митровска, претседателка на Федерацијата за дигање тегови и секретарка на Кик-бокс федерацијата, за нејзиниот придонес во спортското организирање и развојот на овие спортови.
Кристал Палас му врачи отказ на менаџерот Пјер Саж
Кристал Палас го отпушти менаџерот Пјер Саж по само пет месеци, по катастрофалниот почеток на сезоната. Палас е на дното во Премиер лигата.
Последната капка што ја прелеа чашата беше поразот од Ливерпул (3:1). Тоа беше чегврти последователен неуспех на Палас во првенството.
Во првите десет натпревари, лондонскиот клуб оствари само две победи, а со 24 примени гола, има најлоша одбрана во лигата.
Ситуацијата не е многу подобра ниту во Лигата на Европа. Палас е на 21-то место на табелата со само една победа од четири одиграни натпревари.
Саж со тоа стана вториот тренер отпуштен во Премиер лигата оваа сезона, по Мајкл Карик, кој беше отпуштен од Манчестер Јунајтед само неколку часа претходно.
Раководството на клубот, исто така, го потврди заминувањето на тројца членови на тренерскиот штаб – Јамал Аљуи, Дамиен Дела Санто и Санди Гичард.
Палас ќе го игра својот следен натпревар во Премиер лигата на 21 ноември против Ковентри, а сè укажува дека тимот би можел да го води нов тренер.
Како што објавија англиските медиуми, Томас Франк, поранешниот тренер на Брентфорд и Тотенхем, веќе е во напредни преговори со клубот и е главен кандидат за нов менаџер.
Де Хеа сака нов предизвик и ќе замине од Фиорентина
Фиорентина сè посериозно размислува за разделба со Давид Де Хеа, а спортскиот директор Фабио Паратичи веќе работи на пронаоѓање негова замена, пишува италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.
Според информациите на италијанскиот медиум, во клубот сè повеќе се сомневаат во квалитетите на 36-годишниот шпански голман поради грешките што ги прави во текот на оваа сезона, но и поради неговата годишна плата од 3,5 милиони евра нето.
Тренерот Паоло Ваноли застана во одбрана на својот капитен по неделното реми (2-2) против Јувентус, истакнувајќи дека Де Хеа не е проблемот. Сепак, Шпанецот ја презеде одговорноста за голот на Желсон Бремер во 66. минута, кога тргна на нафрлената топка, а потоа остана на гол-линијата.
Де Хеа грешеше и на натпреварите против Сасуоло, Комо, Џенова, Фросиноне и Рома. Неговите излегувања при центаршутевите, кои и претходно беа една од послабите страни во неговата игра, со годините станаа уште поголем проблем.
Резервните голмани Оливер Кристенсен и Лука Лецерини во клубот не ги сметаат за долгорочни решенија, па Паратичи веќе започнал потрага по алтернативи.
Првата опција е Томазо Мартинели, голман кој е под договор со Фиорентина, но моментално настапува како позајмен играч во второлигашот Авелино. Клубот го следи и пазарот надвор од Италија, а меѓу потенцијалните кандидати се споменува и Сантијаго Белтран, голманот на Ривер Плата, роден во 2004 година.
„Кориере дело спорт“ проценува дека Де Хеа би можел да остане во Фиренца уште седум месеци, односно до крајот на актуелната сезона.
Зидан отворено посака еден ден да го води Јуве
Селекторот на француската репрезентација, Зинедин Зидан, во пресрет на дербито од петтото коло во Лигата на нации против Италија, зборуваше и за можноста еден ден да се врати во земјата во која остави трага како фудбалер.
Поточно, станува збор за Јувентус, чиј дрес францускиот виртуоз го носеше од 1996 до 2001 година. Зидан не крие дека би сакал еден ден да седне на клупата на „старата дама“.
„Би сакал еден ден да го водам Јувентус. Тоа би ме направило среќен, но во фудбалот никој не знае што може да се случи“, изјави Зидан.
Франција и Италија ќе ги одмерат силите на Апенините во директен дуел за првото место во групата А од Лигата на нации, во најсилната дивизија. Зидан со респект зборуваше за противникот, нагласувајќи дека Италијанците можат да бидат исклучително опасни кога ќе го пронајдат вистинскиот ритам.
„Знаеме дека Италија може да одигра одличен натпревар кога го сака тоа. Особено кога се брани“, истакна францускиот селектор.
Тој потврди и дека Килијан Мбапе нема да настапи на овој натпревар поради болка што ја почувствувал, а францускиот стручен штаб не сака да ризикува со неговото здравје.
„Почувствува одредена болка и генерално се трудиме да избегнеме ризик со фудбалерите. Сепак, се надевам дека ќе биде подготвен за недела и натпреварот против Турција“, додаде Зидан.
Натпреварот меѓу Италија и Франција се игра вечерва со почеток од 20:45 часот.