feature

Познати учесниците во интерконтиненталниот плеј-оф

Во КОНКАКАФ зоната синоќа завршија квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Така, одредени се сите тимови што учествуваат во меѓуконтиненталните плејоф натпревари.

Репрезентации носители ќе бидат: Ирак (Азија) и ДР Конго (Африка). Неносители ќе бидат Јамајка и Суринам (двете КОНКАКАФ), Боливија (Јужна Америка) и Нова Каледонија (ОФЦ).

Репрезентациите ќе се натпреваруваат за две места на Светското првенство на крајот на март следната година.

Ирак и ДР Конго ќе играат против победниците од двојките што ќе бидат одредени со ждрепка за репрезентациите неносители. Извлекувањето ќе се одржи утре.

Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико. За прв пат на еден фудбалски Мундијал ќе учествуваат 48 репрезентации.


Федерер ќе биде примен во Меѓународната тениска сала на славните

Поранешниот светски број еден, швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, ќе биде примен во Меѓународната тениска сала на славните во 2026 година, објави АТП.

Федерер, којшто беше номиниран на почетокот на октомври, за изборот дознал од други членови на Куќата на славните за време на телефонски разговор со Стефан Едберг и Борис Бекер.

Огромна чест е да бидам избран во Меѓународната тениска сала на славните и да стојам покрај толку многу големи шампиони во овој спорт. Низ целата моја кариера, секогаш ја ценев историјата на тенисот и примерот што го дадоа оние што дојдоа пред мене. Беше големо задоволство да се чуе оваа вест, изјави Федерер.

Швајцарецот освои 103 титули во текот на својата кариера, вклучувајќи 20 грен слем титули. Тој го држи рекордот за најмногу последователни недели на првото место во светот – 237, од февруари 2004 до август 2008 година. Федерер се пензионираше во септември 2022 година.

Официјалната церемонија ќе се одржи од 27 до 29 август 2026 година во Њупорт, Велика Британија.


Јамајка не се пласира на Мундијалот и го смени селекторот

Фудбалската репрезентација на Јамајка, пласман на Мундијалот ќе се обиде да избори преку интерконтинеталниот бараж. Во последното коло, Јамајка на домашен терен против Курасао не успеа да ја обезбеди победа и пласман на СП. Натпреварот во Кингстон заврши без голови и му овозможи на Курасао да се пласира на Мундијалот наредното лето.

И покрај тоа што Јамајка се уште има шанси да се квалификува за Светското првенство преку Интерконтиненталниот бараж, селекторот реши да поднесе оставка.

Веднаш по натпреварот против Курасао, Стив Мекларен поднесе оставка од функцијата.

„Подобро да си одам“, го започна своето обраќање Мекларен и продолжи:

„Во текот на изминатите 18 месеци се посветив на оваа работа. Водењето на овој тим беше една од најголемите почести во мојата кариера.“

Потоа зборуваше за оставката.

„По длабоко размислување и искрена проценка каде сме и каде треба да одиме, решив да се повлечам од функцијата главен тренер на репрезентација на Јамајка“, рече искусниот тренер и додаде:

„Понекогаш најдоброто нешто што еден лидер може да го направи е да препознае кога е потребен свеж глас, нова енергија и поинаква перспектива за да се движи овој тим напред“.

Што се однесува до Интерконтиненталниот бараж, познати се шесте репрезентации, кои ќе се борат за двете последни места на СП.

Од Азија е Ирак, од Африка ДР Конго, од Океанија Нова Каледонија, од Јужна Америка Боливија, а од Северна и Централна Америка Јамајка и Суринам.


Милитао се повреди, нови дефанзивни проблеми за Чаби Алонсо

Едер Милитао, 27-годишен бразилски фудбалер и одбранбен играч на Реал Мадрид, повторно се повреди, овој пат на пријателскиот натпревар против Тунис.

На натпреварот одигран во Франција, кој заврши без победник 1:1, Едер Милитао заработи повреда на аддукторскиот мускул и беше принуден да го напушти теренот по еден час игра.

Засега нема официјални информации од Реал за тоа колкава пауза го чека Бразилецот, а шпанските медиуми наведуваат дека, во најдобар случај, ќе биде надвор од теренот две, а во најлош случај, шест недели.

Самата повреда не треба премногу да ги загрижува челниците на Реал, туку фактот дека Милитао ја продолжи серијата повреди со кои се соочува во последните две години.

Едер Милитао пристигна во Реал од Порто во 2019 година, но во последните сезони почесто е на листата на повредени отколку на теренот.

Во последните две години, Едер Милитао двапати заработи сериозна повреда на коленото, а од август 2023 година, поради повреди пропушти повеќе од 200 дена. Милитао е многу важен во играта на Реал бидејќи уште еден искусен дефанзивец, Антонио Ридигер, е повреден и надвор од игра, а проблеми има и Дин Хаусен.


Македонија остана на 65. место на ФИФА ранкинг листата

Фудбалската репрезентација на Македонија остана на 65-то место на ФИФА листата. Најновата листа, ФИФА, ја објави дена по завршувањето на квалификациите за пласман на Светското првенство.

Во ноември Македонија одигра два натпревари, одигра 0:0 во контролен натпревар со Летонија и доживеа дебакл во Велс (7:1), во последното квалификациско коло за пласман на Мундијалот.

Шпанија е сè уште лидер, Аргентина е втора, Франција е трета, следуваат Англија, Бразил (за две места погоре), Португалија, Холандија, Белгија, Германија и Хрватска, која е десетта во светот.

Најдобариот пласман во историјата го бележи репрезентацијата на Косово – на најновата листа, таа е на 80-то место.

Во споредба со претходниот пласман, најголем скок забележаа репрезентациите на Малта, Узбекистан и Филипините, за дури пет места, додека селекцијата на БиХ, по одличните резултати во квалификациите, напредуваше за четири места и сега е на 71-то место.


Адејеми се извини поради обидот нелегално да купи оружје

Германскиот репрезентативец и фудбалер на Борусија Дортмунд, Карим Адејеми (23), им се извини денеска на својот клуб и репрезентација откако беше осуден за обид за нелегално поседување оружје.

На почетокот на минатата година, Адејеми ја нарачал преку интернет таканаречена „мистериозна кутија“ која содржела предмети што не биле дозволени според законите за оружје.

Пакетот бил доставен неколку месеци подоцна, но завршил во полициска станица.

Весникот „Билд“ пред неколку денови објави дека против германскиот репрезентативец е издадена кривична потерница за нелегално поседување оружје, а канцеларијата на државниот обвинител го казнила Адејеми со 450.000 евра.

Пакетот наводно содржел два месингани боксирачи и тејзер, кои не се дозволени без официјална дозвола.

Адејеми денеска се огласи на социјалните мрежи за да им се извини на својот клуб и репрезентација.

„Веројатно ги видовте насловите за мене во последните неколку денови. Не ми е лесно да зборувам за ова. На почетокот на 2024 година, од невнимание и без сериозно размислување за тоа што правам, ја нарачав преку интернет таканаречена „мистериозна кутија“. Содржеше и предмети што не се дозволени според законите за оружје. Тоа беше голема грешка од моја страна. Оваа грешка ме чинеше многу и за која длабоко жалам. Знам дека сум јавна личност и пример за децата, што го прави уште поболно за мене што се однесував толку невнимателно“, објави Адејеми.


Арда Ѓулер нема намера да замине од Мадрид

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, размислува за трансфер на младиот играч на Реал Мадрид, Арда Ѓулер.

Проценките велат дека неговата трансферна вредност може да достигне до 100 милиони евра што би било второ најскапо засилување во историјата на „граѓаните“. Сепак, тешко дека ќе се случи.

Со доаѓањето на Чаби Алонсо на клупата на „кралевите“, Ѓулер добива голема минутажа и се наметнува како еден од најдобрите на теренот.


Домашен пораз од Керавнос за збогување од ФИБА Европа купот

Кошаркарите на Пелистер во шестото коло од ФИБА Европа купот го претрпеа и петтиот пораз, губејќи на домашен терен од кипарски Керавнос со убедливи 74-92. Одбраната на „пелистерци“ беше далеку од посакуваното ниво во текот на сите 40 минути, што беше главен фактор за овој пораз во последната европска рунда, по која битолчани целосно ги ннасочуваат погледите кон борбата за трофеи на македонската кошаркарска сцена.

„Пелистерци“ се соочија со големи проблеми од самиот старт, откако гостите од Кипар експресно поведоа со 3-10. Си-Џеј Вилсон погоди тројка, но Керавнос возврати со иста мера, потоа влезе во нова серија, па Пелистер во седмата минута се најде во убедлива негатива од 8-22. Прајс нешто подоцна погоди тројка за 14-24, гостите имаа 14-28, за на крајот да ја завршат првата четвртина со предност од 18-29.
Лука Стојановски погоди тројка за намалување на 21-29 на самиот почеток од втората четвртина, но следеше серија од десет поени на противникот по која тренерот Даскаловски беше принуден да побара тајмаут. Серијата од 4-0 по тајмаутшт беше се што Пелистер успеа да стори, следеше нова низа поени на кипарскиот тим кој во 15. Минута поведе и со „плус 20“ (25-45). Токму по тој момент Пелистер конечно заигра како што знае, Ленгстон Вилсон постигна седум поени во низа, презицен беше и Брејси Дејвис, па гостинскиот тренер беше принуден да побара тајмаут при 34-45. За момент негативата беше спуштена под десет поени (36-45), но следеше нова серија на противникот кој замина на одмор со 42-56.

Второто полувреме почна со тројка на гостинските кошаркари, кои во 25. Минута стигнаа до нова предност од 20 или повеќе разлика (45-66). Пелистер имаше и „минус 25“ (29-74), до крајот на четвртината намали на 55-76, но победникот беше решен, па гостите рутински го приведоа мечот до крај во завршните десет минути, до конечните 74-92.

Пелистер ја заврши оваа европска сезона со скор 1-5, секако очекувавме подобар резултат, но самото учество во ФИБА Европа купот е значаен чекор напред во развојот на нашиот клуб, тренд што очекуваме да продолжи и во годините што следат.


Санчо незадоволен од Бирминген, сака пак да замине од Англија

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Џејдон Санчо, кој моментално е на позајмица во Астон Вила, води преговори со неколку клубови во Турција.

Крилниот напаѓач и неговите претставници деновиве биле забележани во Истанбул. Тие започнале разговори со три клуба кои се заинтересирани за неговите услуги.

25-годишникот е подготвен да прифати намалување на платата само за да замине на друго место.


Милевски: Потфрливме комплетно, не бевме на потребното ниво

Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од 7-1 на гостувањето кај Велс во последното коло од квалификацискиот циклус за СП 2026. По ова, ждребот за плејофот за пласман на Мундијалот ќе го чекаме од последниот, четврти барабан.

Селекторот Благоја Милевски призна дека резултатот е многу тежок за прифаќање.

„Далеку бевме од нашето вистинско издание, едноставно не бевме на потребното ниво. Потфрливме во многу аспекти, не личевме на тимот кој претходно 14 натпревари беше непоразен. Но, овие играчи се истите оние што ни донесоа бројни радости и долго време не знаеја за пораз. Што се однесува до мене, воопшто нема дилема дека имам мотив и желба да продолжам да ја водам Македонија“, изјави селекторот Благоја Милевски.

Во продолжение и се обиде да направи анализа на убедливиот пораз.

„Не најдовме решение за нивната агресија. Сакам да му честитам на Велс. Одговорноста ја преземам целосно, секогаш била моја. Начинот на кој загубивме боли уште повеќе од резултатот. Не успеавме да одговориме физички, па ваков исход беше речиси неизбежен“, го заврши Милевски своето обраќање.