feature

Судијата Александар Цеков влегува во друштвото на ЦЕВ делители на правдата

Македонскиот судија Александар Цеков станува дел од друштвото на делители на правдата кои ја носат значката на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), откако во периодот од 17 до 24 мај во Виши, Франција успешно го заврши курсот за Кандидати за интернационални судии, кој го организираше Европската Судиска Комисија.

Цеков, кој беше во друштво на 26 кандидати за меѓународни судии од 24 европски земји, со високи оценки ја мина комплетната обука (теоретски и практичен дел), а во програмата арбитрите судеа на 44 натпревари во Високо елитното национално првенство на Франција до 22 години.

Цеков, во моментов има статус на кандидат за интернационален ЦЕВ судија, а за да го елиминира епитетот „кандидат“ на македонскиот делител на правдата ќе му бидат потребни три потписи од ЦЕВ судиски супервизори на меѓународните делегирања кои ќе ги има од септември годинава.

Македонски судии кои ја носат значката на ЦЕВ се Влатко Ристовски, Орданче Амбарков, Јосип Христов и Елеонора Петровска, додека Симон Џинес, Никола Мицевски, Здравко Здравески и Славчо Здравески се меѓународни делегати.


Пионерките на Наковски Волеј со шампионски финиш

По кадетската екипа и пионерките на Наковски Волеј се шампиони во својата возрасна категорија.

На финалниот турнир кој викендов се одржа во салата „Невена Георгиева – Дуња“ во Скопје, во одлична организација на Фламинго Волеј, одбојкарките на Наковски со 3:0 (25:11, 25:20, 25:22) ги совладаа врсничките од Форца Волеј ЕМА.

Претходно во полуфиналето Наковски Волеј со 2:0 (25:19, 25:20) славеше над Фит Фан Волеј, додека Форца Волеј ЕМА во два сета (26:24, 25:21) се радуваше против домаќинот Фламинго Волеј.

Во мечот за третото место Фит Фан Волеј беше подобар од составот на организаторот.

Со финалниот турнир во женска пионерка конкуренција беше комплетирана и сезоната 2025/2026 во сите возрасни категории во организација на Одбојкарската федерација на Македонија.


Гавриловиќ го скрати списокот, со 16 одбојкарки на двомечот со Косово

На десет дена пред почетокот на Европската лига 2026, селекторот Милош Гавриловиќ го скрати списокот на 16 репрезентативки кои ќе ги има на располагање за пријателскиот двомеч со Косово на 29 и 30 мај.

Три дебитантки, одбојкарката на Газели Волеј, Даниела Горбок и средните блокерки на Младост УГД, Стефанија Кипријановска и Андреа Митиќ, влегоа во потесниот избор, а по подолга пауза на „скратената“ листа е и Мила Дикова. Останатите имиња се добро познати и го носеа товарот и на претходните акции.

Дамите влегуваат во завршната фаза од подготовките за Европската лига 2026, а на крајот на оваа недела ќе се одиграат и контролните натпревари со Косово, кои треба да дадат слика за досега сработеното.

Првиот меч со Косово се игра во Скопје, во СЦ „Форца“ на 29 мај (петок), додека вториот натпревар се игра ден подоцна на гостински терен во Скендерај.


Тотенхем застана во редот за Дибала

Челниците на фудбалскиот состав Тотенхем најавуваат големи промени во ростерот за наредната сезона откако „спарси“ буквално во последното коло се спасија од испаѓање од Премиер-лигата.

Според дел од медиумите на Островот, англискиот тим сака да го ангажира играчот на Рома, Паоло Дибала. Аргентинецот уште не ја продолжил соработката со „римската волчица“ бидејќи за неговиот потпис е заинтересиран и Бока Јуниорс.

Сепак, Тотенхем може да биде во предност бидејќи Дибала има изјавено дека сака да игра во Англија.


Гонзало Рамос летово заминува од ПСЖ

Напаѓачот на ПСЖ, Гонзало Рамос, веројатно ќе го напушти клубот во текот на летото. Според најавите, тој е на радарот на италијанските Милан и Јувентус и на англискиот состав Манчестер Јунајтед.

Рамос му се придружи на францускиот состав како позајмен од Бенфика во 2023 година по што му беше откупен и договорот.

Португалскиот интернационалец одигра 113 натпревари и постигна 41 гол за „светците“ во сите конкуренции. Неговата пазарна вредност е проценета на 35 милиони евра.


Јован Манев се врати во репрезентацијата: Подготвени сме за БиХ и Турција

Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за двата контролни натпревари против Босна и Херцеговина во Сараево и Турција во Истанбул, а во националниот тим по пауза поради повреда се враќа дефанзивецот Јован Манев.

Фудбалерот на Нови Пазар истакнува дека за него претставува чест што повторно е дел од националниот состав и порача дека Македонија ќе оди на победи на двата натпревари.

„Нè очекуваат натпревари против квалитетни репрезентации како Босна и Херцеговина и Турција. Подготвени сме да го дадеме максимумот, без разлика дали станува збор за пријателски натпревар или натпревар за бодови. Такви поделби не постојат кога се игра за репрезентацијата, затоа што секој натпревар е исклучително важен“, изјави Манев.

Македонскиот репрезентативец потенцираше дека квалитетот на противниците е дополнителен мотив за добар настап.

„Уверен сум дека сите ќе го дадеме максимумот на овие два натпревари и се надевам на победи. Самото тоа што БиХ и Турција се квалификуваа на Светско првенство покажува дека станува збор за репрезентации со голем квалитет, но тоа нема да значи ништо ако ние бидеме на вистинското ниво и го дадеме максимумот на теренот. Им честитаме за пласманот на Светското првенство, но ние одиме таму да дадеме сто проценти и да победиме“, рече Манев.

Во пресрет на натпреварите, Манев нагласи дека најважно ќе биде фудбалерите да ги исполнат задачите од селекторот.

„Селекторот ќе го има главниот збор, а наше е да ги испочитуваме неговите барања, да ги реализираме задачите што ќе ни ги постави и да дадеме сè од себе за да оствариме победа“, додаде македонскиот дефанзивец.


Репрезентацијата до 19 години ќе одигра контролни мечеви со Словенија

Селекторот на репрезентацијата до 19 години, Димитар Капинковски го објави списокот на играчи кои се во конкуренција за настап на двата контролни натпревари против Словенија што ќе се одиграат во Скопје.

Предводникот на националниот тим се реши за 22 фудбалери кои со овие две средби влегуваат во новиот квалификациски циклус за настап на Европското првенство.

Мечевите ќе се играат на терените на Тренинг центарот Петар Милошевски. Првиот на програмата е денеска со почеток од 17 часот, а вториот се игра в четврток и почнува точно напладне.

Список на играчи:
Голмани:
АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВ (АП БРЕРА)
АНТОНИ ТРАЈКОВ (ВАРДАР)

Одбрана:
СТЕФАН СЕКИРСКИ (НОВАЦИ)
ВИКТОР МАЧОВСКИ (БРЕРА)
СТЕФАН СТАМОТОВСКИ (ВАРДАР)
СТЕФАН ЈОРДАНОСКИ (ВАРДАР)
ФИЛИП ЦВЕТКОВСКИ (ВАРДАР)
МАТЕО КЕСИЌ (ЈЕДИНСТВО)
АНДРЕЈ ДИМОВСКИ (БРЕРА)
АЛБАН РОЧИ (СТРУГА)

Среден ред:
МАТЕЈ КИШ (РАБОТНИЧКИ)
ВАЛМИР ХАМИТИ (РАБОТНИЧКИ)
ЛУКА ВАРОШАНОСКИ (КОЖУФ)
ЛОРЕНТ ЖАКУ (РАБОТНИЧКИ)

Напад:
ФЛОРИ ИЉАЗИ (ШКЕНДИЈА)
СТЕФАН БРАНКОВСКИ (МАРИБОР)
ИВАН ТАНЧЕВ (АП БРЕРА)
ИВО МАРКОВСКИ (ВАРДАР)
ФЛОРЕНТ ОСМАНИ (АРСИМИ)
МАТЕЈ СЕЈМЕНОВ (БРЕРА)
РИСТЕ МИЛЕВ (БРЕРА)
МАРТИН ЏАНГАРОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Мечевите ќе се играат на терените на Тренинг центарот Петар Милошевски. Првиот на програмата е денес со почеток од 17:00 часот, а вториот се игра в четврток и почнува точно напладне.


Жестока караница меѓу Кин и Бруно Фернандеш

Продолжува војната со зборови меѓу поранешниот и сегашниот капитен на Манчестер Јунајтед. Откако Бруно Фернандеш го нарече Рој Кин „лажго“, легендарниот Ирец возврати со остра објава на социјалните мрежи.

Несогласувањата започнаа откако Фернандеш постави нов рекорд во Премиер лигата со 21 асистенција во една сезона во победата од 3-0 над Брајтон, во последното коло. Пред тој натпревар,

Кин го критикуваше пристапот на Португалецот кон играта и начинот на кој се обидуваше да го постави рекордот.

Тој тврдеше дека во едно интервју го слушнал Фернандеш како признава дека во некои ситуации намерно барал асистенција наместо да шутира кон голот. Кин заклучи дека Фернандеш со такво размислување нема да освојува трофеи.

На сегашниот капитен на Јунајтед не му се допадна тој коментар и го нарече Кин лажго во еден подкаст.

„Секогаш велев дека критиките не ме вознемируваат. Ги прифаќам од сите и никогаш не сум одговорил на нив. Луѓето имаат свои мислења, мислат дека нешто е добро или лошо, што и да е“, рече Фернандеш.

„Но, не ми се допаѓа кога луѓето лажат, а во овој случај, она што го кажа Рој Кин е лага. Или гледал друго интервју или едноставно не може да тврди дека сум изјавил нешто што не сум го кажал. Среча што сè беше снимено. Ги прифаќам критиките, прифаќам дека не ме сака како играч или личност. Но, не ми се допаѓа кога ми става зборови во уста. Тоа е единственото нешто што ме вознемирува“, рече Португалецот.

Откако интервјуто на Фернандеш се прошири во медиумите, следеше експресна реакција на поранешниот играч од средниот ред. Кин објави слика од магаре со порака: „Премногу внимание и магарето мисли дека е лав“.

Многумина ја протолкуваа објавата како директен одговор до капитенот на Манчестер Јунајтед.


Битола и Кавадарци домаќини на баражите за пополнување на ПМФЛ

Сезоната во домашното фудбалско првенство ќе се затвори оваа недела со одигрувањето на бараж натпреварите за пополнување на Првата македонска лига по што ќе бидат познати сите учесници во новата сезона од битката за шампионскиот трофеј.

Бараж мечевите за пополнување на ПМФЛ ќе се одиграат в недела на 31 мај, а домаќини ќе бидат стадионите во Битола и Кавадарци.

На стадионот Петар Милошевски во Битола ќе се соочат АП Брера и Скопје додека на Градскиот стадион во Кавадарци се среќаваат Пелистер и Шкендија Арачиново.

Победниците во овие дуели следната сезона ќе бидат дел од елитното фудбалско друштво во Македонија додека поразените ќе настапат во Втората лига.

Почетокот на двата натпревари е закажан за 16:30 часот.


Нико Паз сака да остане во Комо и да игра во ЛШ

Нико Паз не сака да брза со враќањето во Реал Мадрид и по пласманот на Комо во Лигата на шампионите, сака да остане уште една година.

Џанлука Ди Марцио денес откри дека Аргентинецот нема ништо против да остане уште една сезона во Комо, со кого ќе се натпреварува во Лигата на шампионите, наместо да биде во пеколна конкуренција на клупата на Реал Мадрид.

Реал Мадрид има опција да го откупи за само 9.000.000 евра, но таа клаузула важи само уште две недели.

Доколку Реал не ја активира таа клаузула во следните 15 дена, Паз ќе остане во Италија уште една сезона.

Тој е голема желба на Интер, кој се надеваше дека Реал ќе сака да го врати и да го продаде, но таа идеја беше демантирана од Сеск Фабрегас.

„Интер? Паз останува тука или оди во Реал Мадрид, нема трето решение“, рече отворениот Сеск.

Сега целиот Комо ја чека одлуката на Флорентино Перез и новиот тренер Жозе Мурињо, кои ќе го имаат последниот збор за враќањето на аргентинскиот ас.