feature

Пелегрини добива нов договор во Бетис

Чилеанскиот тренер Мануел Пелегрини го продолжи договорот со шпанскиот прволигаш Реал Бетис до јуни 2027 година, објави клубот од Севиља.

Претходниот договор на 72-годишниот Пелегрини истекуваше на крајот од сезоната, но денес беше потпишан нов, кој ќе важи до крајот на сезоната 2026/27.

Пелегрини го презеде Бетис во 2020 година и забележа одлични резултати, а исто така играше и во финалето на Конференциската лига на УЕФА, каде загуби од англискиот гигант, Челзи.

Во својата богата кариера беше тренер на повеќе славни клубови, меѓу кои се Манчестер Сити, Реал Мадрид, Виљареал, Вест Хем и Малага.


Рамос ја завршува мексиканската авантура и се враќа во Шпанија

На шпанскиот фудбалер Серхио Рамос доста му е од Мексико и Монтереј. Договорот на Рамос со мексиканскиот клуб истекува на крајот на декември оваа година, а тој нема намера да го продолжи. Рамос сега бара нов клуб, кој би можел да биде последен во неговата играчка кариера.

Шпанските медиуми веднаш почнаа да шпекулираат за новиот клуб, а една од шпекулациите е вистинско изненадување.

Имено, наводно шпанскиот второлигаш Кордоба сака да го види Рамос во своите редови.

Клубот од Андалузија моментално е седми во Сегунда и се бори за врвот на табелата. Тие веруваат дека доаѓањето на Рамос би било од голема корист за клубот, како во однос на промоцијата, така и во однос на искуството на теренот.

Евентуалното враќање на Рамос во Шпанија би довело до спектакуларен трансфер, но секако сето ова се шпекулации.

Сигурно е дека до крајот на годината, Рамос ќе биде поврзан со некои други клубови. Патем, Кордоба е во Андалузија, од каде што е Серхио Рамос, и е блиску до неговиот роден град Камас, кој е во округот Севиља. Се шпекулира дека Рамос ќе оди во МЛС, како и во арапските земји, ќе видиме што ќе се случи.

Сè уште нема индикации за крајот на неговата кариера, но никогаш не се знае. Секако, одлуката да не се продолжи договорот со Монтереј привлече големо внимание. Шпекулациите и желбите веќе започнаа, но официјалната одлука на искусниот Шпанец сè уште се чека.


Гираси достапен за 50 милиони евра

Иднината на Серху Гираси во Борусија Дортмунд влегува во нова, неизвесна фаза. Нови детали откриваат дека неговата откупна клаузула во летото 2026 година ќе се намали на пристапни 50 милиони евра, што е помалку од претходно споменатите 75 милиони.

Со оглед на тоа што европските гиганти како Барселона, Реал Мадрид и Челзи имаат ексклузивно право да ја активираат клаузулата, битката за неговиот потпис се интензивира, а Дортмунд веќе се подготвува за иднината без својот напаѓач.

Според информациите од „Скај Спорт“, клаузулата е важи само за седум клуба: Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Сити, Ливерпул, Челзи, Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Овие клубови можат директно да ја активираат, додека сите други заинтересирани страни, вклучувајќи клубови од Италија, Франција, остатокот од Германија или Саудиска Арабија, мора да преговараат со Дортмунд за потенцијално повисока отштета.

Гираси, клучен играч во нападот на Дортмунд, ги држи сите опции отворени, но јасно стави до знаење дека би разгледал само трансфер во врвен клуб кој се бори за трофеи и редовно се појавува во Лигата на шампионите.

Откако пристигна во Дортмунд во 2024 година за 18 милиони евра, Гвинејецот експлодираше, постигна 47 гола и 13 асистенции во 67 настапи. Неговиот договор со Борусија важи до 2028 година, но претстојната откупна клаузула го става клубот во незавидна позиција.

Свесни дека би можеле да останат без својата ѕвезда, Дортмунд веќе активно бара замена. Главна цел е Фисник Аслани, талентиран напаѓач на Хофенхајм и член на косовската репрезентација.

Откупната клаузула на Аслани е 30 милиони евра и исто така се активира во летото 2026 година, што го прави финансиски привлечна опција. Дортмунд го следеше и минатото лето, но играчот потоа одлучи да го продолжи договорот со Хофенхајм до 2029 година.


Јунајтед стави 11 фудбалери на трансфер листа

Манчестер Јунајтед наводно е подготвен да продаде дури 11 фудбалери, што Рубен Аморим ги отпишал. Изненадување е што на листата, барем така тврдат англиските медиуми, се наоѓа и еден од недопирливите, капитенот Бруно Фернадеш/

Евертон ја прекина серијата од пет натпревари без пораз на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ во понеделник вечерта.

Иако Идриса Геје беше исклучен поради старт врз соиграчот Мајкл Кин, по само 13 минути игра, голот на Дјусбери-Хол им ја донесе победата на „Карамелите“.

По натпреварот, фудбалерите на Манчестер Јунајтед беа исвиркани од навивачите за нивната ужасна игра и пораз.

Манчестер Јунајтед моментално е на 10-то место на табелата во Премиер лигата, а како што стојат работите, се подготвуваат големи промени во ростерот.

Според „Сан“, Манчестер Јунајтед сака да го освежи редот за врска, во летниот преоден рок. Тие трансфери клубот би ги финансирал од продажба на фудбалери.

Англискиот дуо Адам Вортон и Елиот Андерсон се на врвот на листата на желби на Рубен Аморим, заедно со Карлос Балеба од Брајтон. Исто така, Јунајтед сака да донесе уште еден голман и играч на крилната позиција.

Јунајтед ги разгледува сите опции поради неизвесноста околу иднината на капитенот Бруно Фернандеш и Коби Меину.

Се тврди дека Бруно Фернандес би можел да се приклучи на друг клуб следната сезона, а Манчестер Јунајтед би требало да заработи околу 65 милиони евра.

Тој претходно изјави дека нема да донесе одлука за својата иднина додека не заврши Светското првенство следното лето.

На трансфер листата на Манчестер Јунајтед се наоѓаат и Мануел Угарте, Маркус Рашфорд, Расмус Хојлунд, Касемиро, Џејдон Санчо, Хари Магваер, Алтај Бајиндир, Џошуа Зиркзе и Тајлер Маласија.

Манчестер Јунајтед, следниот викенд играат против Кристал Палас на „Селхерст Парк“ во Лондон.


Стив Кер: Голден Стејт денес е само просечен клуб

Главниот тренер на Голден Стејт Вориорс, Стив Кер, не е пресреќен со моменталната состојба на неговиот тим. Во последната изјава тој вели дека Голден Стејт во моментов се просечен тим од НБА.

„Нашиот биланс на победи и порази кажува сè. Имаме скор од 10-10. Ние сме просечен тим. Мислам дека имаме потенцијал за повеќе. Мојата работа како тренер е да им помогнам на овие момци да го пронајдат тој ритам што може да ни даде енергија и самодоверба. Верувам во нив, верувам во интегритетот и континуитетот што го имаме не само од минатата година, туку и со Стеф и Дрејмон веќе 14-15 години, или колку и да поминало тоа време. Затоа верувам во момците, само треба да продолжиме да работиме и ќе успееме“, рече Кер.

Голден Стејт моментално е на 8-мо место во Западната конференција.


Пулишиќ ќе го скокне дербито на Милан со Лацио

Во очекување на дербито со Лацио викендов, тренерот на Милан Масимилијано Алегри откри каква е состојбата во соблекувалната, особено кога станува збор за сомнежите околу повредите на неколку првотимци.

„Пулишиќ веројатно нема да игра, иако сè може да се случи до почетокот на натпреварот. Општо земено, тој нема да биде достапен против Лацио. Салемакерс е подготвен. Хименез треба да почне да се враќа во тимот следната недела. Другите се добро“, изјавил Алегри.

Милан го очекува домашното дерби со Лацио од второто место на табелата со два бода заостанување зад лидерот Рома.


Кејн и Баерн ќе започнат преговори за нов договор

Баерн Минхен е решен што поскоро да ги финализира преговорите за нов договор за најдобриот стрелец Хари Кејн. Според изворите, сериозните разговори за нов договор ќе започнат во јануари.

Раководството на клубот и претставниците на Хари Кејн ќе седнат на маса за детални разговори на почетокот на годината. Овој момент не е избран случајно – клаузулата за ослободување на играчот истекува на крајот на јануари. Успешното финализирање на преговорите пред овој рок би го зацврстило останувањето на Англичанецот во баварскиот гигант.

Веста е одлична за навивачите на Баерн и веројатно не е толку добра за навивачите на Тотенхем, Барселона и другите клубови кои се надеваа дека ќе го привлечат англискиот напаѓач.

Сепак, се очекува продолжувањето на договорот да биде краткорочно. Кејн, кој моментално има 32 години, има тековен договор (до 2027 година) и ќе потпише продолжување за само една или две години, но не повеќе.

Двете страни веројатно ќе бидат претпазливи во врска со неговото останување во Германија по наполнетите 35 години.


УЕФА го казни Атлетико заради расизам

УЕФА го казни Атлетико Мадрид со 30.000 евра и им изрече условна суспензија од еден натпревар на навивачите кои патуваат поради „расистичко и дискриминаторско“ однесување од страна на некои од нивните навивачи за време на нивниот пораз од 4-0 од Арсенал во Лигата на шампионите минатиот месец, објави Ројтерс.

УЕФА, исто така, додаде дополнителни 10.000 евра за предмети фрлени на стадионот „Емирати“. Забраната за гостинските навивачи важи една година и може да се врати доколку навивачите направат уште еден прекршок.

Следниот натпревар на Атлетико во Лигата на шампионите е против ПСВ Ајндховен на 10 декември. Мадридскиот тим е на 12-то место на табелата со девет бода од пет натпревари.


Иран ќе ја бојкотира мундијалската ждрепка во Вашингтон

Иран одлучи да го бојкотира извлекувањето на групите за Светското првенство во фудбал во 2026 година откако САД одбија да им издадат визи на неколку членови на нивната делегација, објави во петокот Иранската фудбалска асоцијација.

Извлекувањето на групите за Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада следното лето, ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон.

„Ја информиравме ФИФА дека донесените одлуки не се поврзани со спортот и дека членовите на иранската делегација нема да учествуваат на извлекувањето на Светското првенство“, објави портпаролот на Иранската фудбалска асоцијација на државната телевизија.

Локалните медиуми јавуваат дека претседателот на Иранската фудбалска асоцијација, Мехди Таџ, како и извршниот директор на националниот тим, Мехди Харати, се меѓу службените лица кои не добиле виза. Иранската новинска агенција Тасним објави во октомври дека Американците одбиле визи за вкупно седум ирански службеници.

Иран се наоѓа во вториот шешир пред ждрепката извлекувањето, заедно со Хрватска,
Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија и Австралија.

Иранците учествувале шест пати на светските првенства и никогаш не ја поминале групната фаза.


Koшаркарите летнаа по втора квалификациона победа во Даблин

Македонија имаше успешен почеток на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година. Македонија го победи Азербејџан со 87:49.

Убедливиот триумф ќе им ја зголеми самодовербата на кошаркарите, пред гостувањето во Даблин кај Република Ирска.
„Ова беше заслужена победа. Морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого. Но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично, и тоа што го покажаа на теренот и го покажува и семафорот, е заслужено. Овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме и останува да се спремиме за она што ни следи – Ирска.

Мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа и се повозрасни. Мора да функционираме со енергија на високо ниво, а без разлика кој е на другата страна, мора да бидеме максимални“.

На своето деби за репрезентацијата на Македонија, Омари Мур дојде до скор од шест поени, исто толку скокови и девет асистенции.

„На овој меч играше Омари Мур затоа што има промена во нивниот тим кај натурализираните играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција. Секако дека Мур ги оправда очекувањата на стартот, иако дојде веднаш по мечот со Баерн.

Се вклопивме добро, и станува збор за вистински професионалец и позитивна личност. Можеби јавноста очекуваше дека ќе се случуваат атракции и многу поени, сепак, тој донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството кое го носи со себе. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“, рече по натпреварот селекторот Илиевски.