feature

Влаховиќ би го менувал Јуве само за Милан

Српскиот напаѓач и репрезентативец Душан Влаховиќ ова лето сигурно ќе го напушти Јувентус, а најверојатно ќе остане во Серија А.

Тој влезе во последната година од договорот и Јувентус сака да го продаде, а интерес за него покажуваат неколку клубови меѓу кои и Милан.

Алегри одлично го познава Влаховиќ и повторно го сака во својот тим, а Милан е спремен да ја плати сумата која Јувентус ја бара.

Влаховиќ ја одбил богатата понуда од Фенербахче, бидејќи негова желба е да се пресели на „Сан Сиро“.


Дуел од Серија А ќе се игра во Австралија?

Натпреварот од италијанското првенство може да се одржи во Австралија следната сезона. Раководството на Серија А води разговори за тоа мечот помеѓу Милан и Комо да се одржи во Перт за време на викендот на 7-8 февруари 2026 година.

Според програмата, натпреварот треба да се одигра на „Сан Сиро“, но стадионот ќе биде искористен за отворањето на Зимската олимпијада во Милано-Кортина на 6 февруари.

На стадионот, натпреварите ги играат Милан и Интер и обично тие се домаќини во различни викенди. Веќе на стартот на следната сезона двата тима ќе домаќинат во првото коло. Причината е да се ослободи товарот околу градот за време на Зимската олимпијада и параолимпијада во февруари.

Ако се постигне договор да има меч од Серија А во Австралија, тоа ќе биде првиот меч од европско првенство кој ќе се игра надвор од земјата. Според „Атлетик“, политиката на ФИФА е да одобри таков развој, а минатата година формираше специјална комисија која да ги разгледа промените во правилата и тоа е една од перспективите на кои се работи.

До сега од Серија А не покажале интерес средби да се играат во странство, иако Суперкупот на Италија последните три години се одржува во Саудиска Арабија. Од шпанската Ла Лига веќе долго време се обидуваат да го направат тоа и направија обид да го преместат мечот Барселона – Атлетико Мадрид во Мајами.


Тебас: Светското клупско првенство е апсурдно натпреварување

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, нема да присуствува на Светското клупско првенство на ФИФА кога ќе започнат натпреварите оваа недела. Претседателот на Ла Лига го нарече Светското клупско првенство на ФИФА „тотално апсурдно“.

Тој е првенствено загрижен за фудбалското првенство на неговата земја, бидејќи два од 32-те тима на турнирот, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, играат во Ла Лига и би можеле да го одложат почетокот на нивната сезона ако се квалификуваат за осминафиналето во јули. Ла Лига е закажана да започне на 16 август.

„Веќе постои спор околу тоа кога Реал Мадрид и Атлетико ќе ја започнат Ла Лига, што го нарушува нормалниот фудбалски распоред и ни штети на среден рок. Одлуката дали Реал и Атлетико ќе ја започнат сезоната во Шпанија подоцна за да се одморат не е само моја. Ќе ја донесеме навреме, кога ќе видиме каде се. Но, не можеме постојано да го менуваме нашиот распоред за други натпреварувања кои не се наш приоритет, рече Тебас во интервју за радио „Кадена Копе“.

ФИФА е организатор на Светското клупско првенство и на Светското првенство следната година. Тебас рече дека немал контакт со никакви службени лица во централата и дека тие не се консултирале со Ла Лига за деталите за одржување на турнирот во Соединетите Американски Држави.

„Ова е целосно апсурдно. Тие не се консултирале со нас за датумите, не се консултирале со нас за ништо. Она што го прават е да ја попречат сезоната во Шпанија ако големи тимови како Реал Мадрид или Атлетико не можат да играат на првиот ден од Ла Лига“, заклучи тој.


Свилар ги одби сите понуди за да остане во Рома

Миле Свилар би можел да ја продолжи кариерата во Рим.

Голманот со српско потекло имаше одлична сезона со тимот од Рим и беше прогласен за најдобар голман на мрежата на Серија А.

Поради тоа, Рома нема нема намера да го пушти Свилар, па преговорите околу неговото останување во Рим се веќе во завршна фаза.

Олеснителна околност е тоа што Свилар сака да остане во тимот.


Сон пред заминување од Тотенхем

Капитенот на Тотенхем, Сон, не е сигурен дека ќе остане во клубот. Кореецот има договор со клубот и за следната сезона. Клубот нема да му стои на патот доколку донесе одлука да го напушти Лондон.

„Имам уште една година од договорот. Пред да кажам нешто во овој момент, мислам дека сите треба да почекаме и да видиме што ќе се случи. Но, без разлика каде ќе завршам, секогаш ќе го дадам својот максимум. Тоа никогаш нема да се промени“, рече Сон.

Тој сè уште има повреда на стапалото, но влезе од клупата на натпреварот на Јужна Кореја во Сеул против Кувајт (4:0), во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

Сон рече дека имал проблеми минатата сезона, но дека била посебна поради пласманот на Тотенхем во финалето на Лигата на Европа.

„Знам дека луѓето можеби ќе кажат дека имав разочарувачка сезона, но за мене беше посебна бидејќи играш фудбал за да победиш, само победниците се паметат. Не бев во најдобра форма поголемиот дел од сезоната, но се надевам дека ќе бидам во подобра форма на почетокот на новата сезона“, рече тој.


Сане преговара со Галатасарај

Лирој Сане одби да го продолжи договорот со Баерн, а германските медиуми тврдат дека тој сигурно ќе го напушти клубот. Сане, според овие извори бил блиску до преселба во Галатасарај.

Сане отпатува во САД со Баерн на Светско клупско првенство, но дека само прашање на денови е кога ќе потпише со турскиот првак.

Турскиот шампион ги подобри финансиските услови што му ги нуди на Сане, играч чиј договор со германскиот шампион истекува на крајот на јуни. Тотенхем и Арсенал исто така беа заинтересирани за неговите услуги.

Сане ја започна својата професионална кариера во Шалке, а потоа играше за Манчестер сити од 2016 до 2020 година. Тој се пресели од англискиот клуб во Баерн, за кој одигра 153 натпревари во Бундеслигата и постигна 40 голови. Со Сити освои две титули во Премиер лигата, а со Баерн четири во Бундеслигата.

Галатасарај работи на зајакнување на играчкиот кадар пред сезоната во која ќе игра во Лигата на шампионите. Вредноста на Сане според „Трансфермаркт“ е 32 милиони евра.


Стефан Лазаревски доби четиригодишен договор со Еурофарм Пелистер

Одличната сезона во сите категории на Еурофарм Пелистер обврзува клубот да продолжи со развојот и со екипирањето.

„Посебен акцент ставаме на младите категории и генерацијата која стигна до самите европски врвови. Младото лево крило Стефан Лазаревски се обврза на четиригодишен договор со нашиот клуб и следната сезона ќе биде дел од новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2.

Лазаревски е дел од тимот на Фарук Мемиќ и Кире Митревски, кој е кадетски шампион, младински вицешампион на Македонија и се пласира на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн“, се вели во соошштението на клубот.

Младото лево крило ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер 2 во третата недела од месец јули.


УЕФА и КОНКАКАФ го одбија барањето на Гренланд

Фудбалскиот сојуз на Гренланд објави дека нивното барање за членство во КОНКАКАФ, фудбалската конфедерација која ги обединува земјите од Централна, Северна Америка и Карибите, било одбиено. Претседателот на KAK, Кенет Клајст, изјави дека добиле кратко писмо од генералниот секретар Филипе Моџо, во кое се одбива нивното барање за приклучување како 42-ра земја членка.

Гренланд аплицираше за членство пред една година, откако стана јасно дека не може да ги исполни критериумите за независност поставени од УЕФА. Според Клајст, Гренланд е единствената територија во светот која не е дел од ниту една регионална фудбалска федерација, што го спречува да учествува во официјални меѓународни натпревари.

Одбивањето од страна на КОНКАКАФ претставува “пораз за демократијата во фудбалот”, додаде Клајст, нагласувајќи дека оваа одлука не придонесува фудбалот да биде достапен за сите во светот и покажува колку е тешко за малите нации да добијат дозвола да играат под свое знаме.


Државата ги награди спортските легенди на Македонија

Министерството за спорт и Владата на Република Македонија одржаа свечена церемонија на која беа доделени Национални признанија на најуспешните македонски спортисти.

Министерот Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски им дадоа признанија на повеќе спортски имиња кои оставија или оставаат трага во македонскиот спорт.

Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот ќе се стекнат:

– фудбал: Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски
– кошарка: Петар Наумоски, Перо Антиќ
– ракомет: Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска, Клара Боева.

Сите добитници во минатото оставија огромен белег во екипните спортови, беа на високо ниво во своите клупски кариери, но воедно и ја претставуваа Македонија на најубав можен начин преку националните репрезентации, со што добија легендарен статус во нашето општество.


Охрид се засили од Алкалоид, потпиша со Давид Савревски

Ракометниот суперлигаш ГРК Охрид продолжува со ангажман на нови играчи. Најново засилување за Охриѓани е македонскиот репрезентативец Давид Савревски.

„Давид Савревски ново име во редовите на ГРК Охрид! Македонскиот репрезентативец игра на позицијата десен бек (195цм) и има само 22 години. Стави потпис со „гладијаторите” на миниум 2 години“, објави ГРК Охрид.

Савревски во новата клупска средина доаѓа од Алкалоид по три сезони и настапи во Европските купови, а пред тоа играше и за Вардар.

Сезоната 2024/25, ГРК Охрид ја заврши на 4.место и обезбеден пласман во евро-куповите следната кампања.