feature

Салах се предомисли, ќе потпише нов договор со Ливерпул

Мохамед Салах ќе го продолжи договорот со Ливерпул, пишуваат медиумите.

Иако преговорите се заглавени подолго време, раководството на Ливерпул е активно во последните недели, веројатно поради зголемената финансиска стабилност на клубот.

Заминувањето на Трент Александер-Арнолд (во Реал Мадрид) остави малку повеќе пари во буџетот.

Според информациите на познатиот новинар Санти Уна, остануваат само мали детали пред и официјално да биде официјализирано продолжувањето на соработката на Салах со гигантот од „Енфилд“.

Салах би требало да потпише двегодишен договор, со што на „Енфилд“ би останал точно десет години.

Иако се уште не се познати сите детали околу финансиските аспекти, се шпекулира дека тоа што му било понудено е многу блиску до она што го побарал пред неколку месеци.


Кармело Ентони влезе во „Куќата на славните“

Легендарниот кошаркар Кармело Ентони ќе биде примен во Куќата на славните.

„Ентони ќе стане првиот кошаркар што ќе влезе во Куќата на славните на Нејсмит оваа година“, објави кошаркарскиот инсајдерски Шамс Чаранија.

Кармело зад себе има неверојатна кариера со 19 години минати во НБА и за тоа време шест пати успеа да биде член на најдобрата петорка во сезоната.

Покрај тоа, Ентони беше учесник на десет Ол-стар натпревари, додека со репрезентацијата на САД освои дури шест златни медали на Олимписките игри.

Популарниот Мело својата најголема трага ја остави во тимот на Денвер Нагетс каде настапуваше осум години. Потоа шест години беше член на Њујорк Никс, а на залезот на кариерата играше за Оклахома, Хјустон, Портланд и Лос Анџелес Лејкерс, кој беше неговиот последен клуб во кариерата.


Мурињо направи глупост, Фенер загуби од Галата во Купот на Турција

Целосен хаос беше виден по истанбулското дерби меѓу Фенербахче и Галатасарај во Купот на Турција.

Галатасарај победи како гостин (2-1) во четврт-финалето на ова натпреварување, по што имаше голема гужва и тепачка меѓу двата табора.

Најлудиот потег го направи тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, кој одзади му пријде на колегата Окан Бурук и го штипна за нос.

Стратегот на Галатасарај со гримаса од болка падна на тревата, додека до Мурињо притрча Фернандо Муслера, велејќи му да оди во соблекувалната.

Покрај овој инцидент, по мечот се судрија и играчите на двата тима.

Инаку, Виктор Осимен погоди за Галатасарај во 10. и 27. од пенал, додека единствениот гол за домашниот тим го постигна Себастијан Шимански во втората минута од судиското надополнување на првото полувреме.


Реми во првиот полуфинален дуел на миланските ривали во Купот

Фудбалерите на Милан и Интер одиграа нерешено 1-1 во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Италија.

Двата гола беа постигнати во вториот дел, а причина повеќе за задоволство имаат домаќините кои во поголемиот дел од натпреварот беа во подредена позиција.

Милан поведе веднаш штом започна вториот дел. Теми Ејбрахам ја прими топката во шеснаесетникот, се ослободи од играч на Интер и со прецизен удар му донесе предност на својот тим.

Росонерите се обидоа да го сочуваат водството и со минимална предност да го дочекаат реваншот на 23 април, но не успеаја.

Се играше 67. минута кога Хакан Чалханоглу со прецизен и силен удар од околу 20 метри го совлада Мајк Мењон.


Шмајхел се повреди, ќе паузира шест недели

Голманот Каспер Шмајхел би можел да биде надвор од терените до шест недели поради повреда на рамото, изјави менаџерот на Селтик Брендан Роџерс за клупската телевизија.

„Добивме вести дека треба да биде надвор од терените во следните пет до шест недели. Тоа е она што беше споменато. Ќе го следиме од ден на ден, но временската рамка што беше дадена е околу тој период. Самиот Каспер не мисли дека тоа ќе биде толку долго, но тој сигурно нема да биде достапен во блиска иднина”, рече Роџерс.

Репрезентативецот на Данска е уверен дека ќе биде подготвен на време за евентуалното финале на шкотскиот куп на 24 мај. Во негово отсуство, резервниот голман Вилијам Синисало имаше импресивно првенствено деби против Хартс, сочувајќи ја својата мрежа во победата од 3-0 на домашен терен.

Шмајхел имаше силни болки кога незгодно падна за време на пресметката на Данска од Лигата на нации против Португалија во Лисабон претходно овој месец. Следниот ден, данскиот репрезентативен лекар Мортен Босен пријавил дека првите рендгенски снимки не покажале ништо загрижувачки.

Селтик има уште два натпревари од регуларната сезона, а потоа и пет натпревари во плејофот во шкотската Премиер лига пред полуфиналето на Шкотскиот куп.


Поранешниот директор на Јуве добива работа во Милан

Фабио Паратичи е многу блиску до назначување за спортски директор на Милан.

Извршниот директор на „росонерите“, Џорџо Фурлани отпатува за Лондон за да се сретне со поранешниот спортски директор на Јувентус и Тотенхем.

Договорот со Паратичи би можел да биде склучен уште денеска, пренесува новинарот Пепе Ди Стефано. Фабио Паратичи имаше слична улога во Тотенхем од 2021 до 2023 година. Во 2023 година, тој доби 2,5-годишна суспензија за финансиска измама додека работеше во Јувентус. Суспензијата наскоро истекува и тој ќе може да се врати на фудбалска функција.


Анчелоти одби спогодба со шпанските обвинители

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти одби да се согласи на договор со шпанските обвинители во случајот за затајување данок, пишува „Мундо Депортиво“.

На Анчелоти му се заканува затворска казна од пет години. Тој е обвинет за затајување данок во 2014 и 2015 година.

Денес 65-годишниот фудбалски стручњак се појави на суд и рече дека е подготвен да сведочи и одби договор со обвинителството.

Анчелоти е на чело на Реал Мадрид од летото 2021. Пред тоа работеше во мадридскиот клуб од 2013 до 2015.

Италијанецот во текот на својата богата тренерска кариера ги предводеше и Евертон, Наполи, Баерн, ПСЖ, Челзи, Милан, Јувентус и Парма.

По 29 кола, Реал Мадрид е втор во Примера со 63 бода, со три бода помалку од лидерот Барселона.


Дубаи влегува во Евролигата

Масимо Занети, претседателот на Виртус од Болоња потврди дека клубот заедно со Партизан и Црвена звезда добил специјална покана за учество во Евролигата во наредните три години и дека речиси е сигурно дека Дубаи од наредната сезона ќе игра во најсилното европско натпреварување.

„Што се однесува до Евролигата, добивме тригодишна понуда заедно со Партизан и Звезда. Се уште преговараме бидејќи цената е доста висока, но таква е ситуацијата“, изјави Занети.

Тој нагласи дека и покрај напливот на НБА во европската кошарка, Евролигата останува главно натпреварување за него.

„Многу се зборува за НБА, но Евролигата сепак е големо натпреварување кое има многу следбеници. Со потенцијалниот влез на тим од Дубаи, ќе се отворат многу можности“, додаде Занети.

Да потсетиме, Виртус се врати во Евролигата по сезоната 2022/23 по освојувањето на Еврокупот, но оттогаш не може да се пласира во плеј-офот.

Моментално се претпоследни со само осум победи и 24 порази.

Инаку, на денешната прес конференција, првиот човек на Виртус, објави дека Душко Ивановиќ ќе го води тимот и во наредната сезона.


Вардар и Шкендија се избегнаа во полуфиналето на Купот

Денес со ждрепка беа одредени двојките за полуфиналните натпревари во Купот на Македонија во фудбал.

Екипата на Вардар во првото полуфинале за противник го доби тимот на Брера Струмица, додека во вториот полуфинален дуел ќе играат Шкендија и Струга ТЛ.

Полуфиналните дуели се закажани за в среда (9 април).


Тео Хернандез летово заминува од Милан

Фудбалерот на Милан, Тео Хернандез, би можел да го напушти тимот во летниот преоден рок, тврди новинарот Николо Шира. „Росонерите“ имаат намера да го продадат играчот доколку тој не потпише нов договор.

Актуелниот договор на 27-годишниот Ернандез е до летото 2026 година, но страните се уште не постигнале договор за негово продолжување.

Ернандез оваа сезона одигра 35 натпревари во сите натпреварувања, постигна четири гола и имаше пет асистенции.

Според „Transfermarkt“, пазарната вредност на играчот е 50 милиони евра.